Последната прегратка на Геринг: Татјана Ступникова како советски преведувач во Нирнберг

Public domain
На Нирнбершкиот процес, кадешто им се судеше на нацистичките злосторници, од советска страна работеа четириесет преведувачи. Меѓу нив беше и 22-годишната Татјана Ступникова. Тука ја чекаше запознавањето со идниот сопруг, но и прегратката на Херман Геринг, преведување во друштво на жив полжав и уште многу други нешта.

На почетокот изгледаше дека Ступникова никако не може да добие работа како преведувач на крајно важниот Нирнбершки процес зашто не беше член на партијата, а нејзините родители потпаднаа под статусот „народен непријател“. Со други зборови, не можеше да се очекува дека таа може да стане член на советската делегација. Но, на самиот почеток на судењето стана јасно дека на советската страна ѝ недостасуваат многу преведувачи. На Народниот комесаријат за внатрешни работи (НКВД) му беше наложено брзо да најде луѓе, па и Ступникова беше повикана да се јави кај генералот Иван Серов, заменик на Лаврентиј Берија, народен комесар на НКВД.

„Приемот траеше кратко: 'Ми беше јавено дека вие можете да преведувате симултано...' Молчев, зашто немав поим што значи изразот симултано преведување. Тогаш знаев само за писмен и за устен превод“, ќе напише подоцна Татјана Ступникова во своите мемоари „Ништо освен вистина“.

Веќе по два дена Татјана и тројца нејзини колеги стасаа со авион во Нирнберг. Пред нив беше цела една година работа во клучниот судски процес против нацистичките злосторници. Ступникова ќе се врати дома дури во јануари 1947 година.

Запознавање со идниот сопруг

Веќе првиот ден Татјана се задржала на работа, без да забележи дека нејзините колеги го напуштиле кабинетот и тргнале кон автобусот што ги однел во вилата на крајот од градот кадешто биле сместени. Така самата морала да го бара излезот од зградата, но ходниците на Палатата на правдата личеле на вистински лавиринт.

Ступникова заталкала и се обидела да влезе на една врата без натпис, но во тој момент двајца припадници на американската воена полиција ја фатиле под рака и ја одвеле во затворска соба. Татјана тогаш најмногу ја плашела мислата дека раководството на советската делегација ќе дознае за овој случај и ќе заклучи дека таа направила прекршок, односно дека имала „тајна“ средба со странци. А, за тоа можела да добие неколку години робија.

Но, набргу во нејзината соба дошол еден нејзин колега, преведувачот Константин Цуринов, заедно со тројца американски војници. „Конечно те најдов!“, биле неговите зборови. „Подоцна многу често ја повторувавме оваа фраза“, има напишано Ступникова во своите мемоари, опишувајќи ја средбата со идниот сопруг.

„Последната жена во прегратката на Геринг“

Во една пригода на почетокот на август 1946 година Татјана Ступникова брзала во преведувачкиот „аквариум“ и додека трчала низ ходниците неочекувано се сопнала. Сигурно ќе паднела, но ја задржал „некој многу крупен и силен“.

„Кога си дојдов на себе, го кренав погледот за да го видам својот спасувач, пред мене стоеше Херман Геринг со насмевка на лицето. Стаса да ми шепне на уво: ’Vorsicht, mein Kind!’ (Внимателно, дете мое!)“, пишува Ступникова во своите мемоари.

Кога Татјана влегла во салата, ѝ пришол еден француски дописник и на германски ѝ рекол дека сега ќе биде најбогата жена на светот: „Вие сте последната жена во прегратката на Геринг. Сфаќате ли?“

На Ступникова, за волја на вистината, не ѝ се допаднала оваа „француска“ шега. А, Херман Геринг беше осуден на смрт со бесење, но на 16 октомври 1946 година, два и пол часа пред егзекуцијата тој изврши самоубиство, голтајќи капсула со калиум цијанид.

Ручек со џелатот

Во мензата на Палатата на правдата постоел систем на самопослужување и во салата немало доволно место за сите. Еднаш Татјана со послужавникот во рацете видела маса на која седел само еден американски постар водник. Таа седнала на масата зашто на другите немало место. Човекот бил љубезен со неа, што ја изненадило. Ѝ донел салфети, бидејќи на масата немало, се протегнал кон неа и ѝ рекол, како што подоцна ќе опише таа, дека за неа ќе направи сѐ што таа ќе посака.

Во исто време нејзините колешки од советската преведувачка екипа седеле во близина на масата и ѝ упатувале некакви таинствени знаци, што ја збунило Ступникова.

Постариот водник во меѓувреме донел четири порции од омилениот сладолед на Татјана. Тоа било чудно зашто во мензата на Палатата на правдата не било лесно да се добие репете. Тогаш Ступникова станала сомничава. Сепак, не се воздржала и изела две порции сладолед, но веднаш потоа станала и заминала, и покрај тоа што Американецот ја наговарал да остане уште неколку минути.

Потоа во работниот кабинет нејзините колешки ѝ раскажале дека ручала со наследниот џелат Џон Вудс. Воениот суд сѐ уште не бил завршен, но Вудс дошол во Нирнберг за да провери дали бесилките се доволно цврсти.

Жив полжав како амајлија

Пред почетокот на едно судење на Татјана ѝ пришле двајца француски новинари и ѝ дале еден голем жив кафеав полжав кој обично може да се најде во лозјата во Германија и во Франција. Ја уверувале дека полжавот е најдобрата амајлија којашто го чува човекот од сите непријатности за време на преведувањето. Татјана го зела мекотелот и поитала кон работното место. Го ставила во чаша со вода и почнала да преведува.

Неколку дена подоцна во еден локален весник се појавила фотографија од Ступникова со нејзиниот полжав. Под фотографијата било напишано: „Во Советскиот Сојуз сѐ уште не е искоренето ова суеверие. Оваа руска преведувачка за време на преведувањето не се одвојува од својата амајлија“.

Се очекувало советските граѓани да имаат негативен став кон ова празноверие што било третирано како надминато минато. За среќа, овој настан не привлекол никакво внимание, така што на крајот Татјана си го однела полжавот во Москва.

Животот по Нирнбершкиот процес

Меѓународниот трибунал е завршен на 1 октомври 1946 година. Потоа советските преведувачи работеа три месеци во Лајпциг кој се наоѓал во советската окупациска зона. Морале да ги редактираат стенограмите, споредувајќи ги со оригиналот.

На почетокот на април 1947 година преведувачите допатувале во Берлин, а оттаму во Москва. По враќањето во родниот град, Татјана почнала да бара работа која би се комбинирала со постдипломските студии. Нашла во Министерството за кинематографија, зашто на министерот Иван Бољшаков итно му биле потребни стручњаци за преведување на „трофејните филмови“.

На Татјана ѝ било соопштено дека ќе работи лично за другарот Сталин. Покрај преведувањето имала задача и да избира филмови без љубовни сцени и политика. Тоа морале да бидат исклучиво црно-бели филмови зашто Сталин избегнувал филмови во боја во случај да се „штетни по здравјето“.

Еднаш комисијата цел ден не можела да најде нити еден соодветен англиски или француски филм. Сите се надевале дека последниот филм што го прегледала Ступникова ќе одговара на критериумите. Татјана веќе била прилично изморена и за малку не ѝ се испуштил момент кога на екранот се појавила слика во боја. Излегло дека тоа бил филм во филмот. Така таа избегнала потенцијално кобна грешка.

Сеќавајќи се на работата на Нирнбершкиот процес, Ступникова истакнува: „За почетник во симултаното преведување ништо не е покорисно од постојана и долготрајна практика во преведувачката кабина со слушалки на главата и со микрофон во рацете“. Ако е така, тогаш симултаниот преведувач за германски и за англиски јазик не можел да замисли подобра практика од воениот трибунал, како според обемот на работа, така и според содржината.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња