Зошто Италија во Втората светска војна се бореше против СССР?

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
Адолф Хитлер не планираше да го вклучи својот главен сојузник во „крстоносната војна против болшевизмот“. Тој веруваше дека Рим и без тоа има многу проблеми.

Италијанците мораа да држат на готовност големи окупациски сили на Балканот и во Франција.

Тие практично целосно ги загубија своите колонии во источна Африка, а во северна Африка преживеаја само благодарение на германските трупи на генералот Ервин Ромел.

И покрај тоа, Бенито Мусолини го убеди Хитлера да им даде на неговите војници шанса да учествуваат во операцијата „Барбароса“.

Според шифрираната телеграма на советскиот разузнавач Анатолиј Горски објавена во 2020 година, Дуче се надевал дека по уништувањето на СССР „ќе добие посебни права на воспоставување италијански протекторат во југозападниот дел на Русија“.

Меѓутоа, додека Финска и Романија можеа да сметаат на свој дел од огромниот советски колач, Мусолини никогаш не доби некакви конкретни ветувања од водачот на Третиот Рајх.

Италија веќе на 22 јуни 1941 година му објави војна на Советскиот Сојуз, а во август испрати експедициски корпус од околу 60000 војници. Следната година врз иста основа беше распоредена 8-та армија.

Излезе дека Италијанците се целосно неподготвени за војна. Имаа огромни проблеми со оружјето, транспортот и снабдувањето.

Кон крајот на 1942 година и почетокот на 1943 година тие претрпеа страшен пораз од Црвената армија на Дон. Набргу потоа, исцрпените италијански трупи итно беа вратени во татковината.

На Источниот фронт се убиени, заробени или исчезнати 114000 италијански војници. Фијаското на 8-та армија го шокираше италијанското општество и беше една од главните причини за брзиот пад на фашистичкиот режим на Бенито Мусолини.