Како хрватските воени единици војувале против СССР во Втората светска војна

Archive photo
Хрватската легија била единствената воена единици што Германците ја ангажирале во офанзивата на Сталинград. Хрватските легионери тоа го доживеале како голема чест, не знаејќи каков пекол ги чека таму.

Таканаречената Независна држава Хрватска (НДХ) формирана е во април 1941 година под патронат на Германија и на Италија на урнатините на разореното Кралство Југославија. Кога два месеци подоцна започнала германската инвазија на Советскиот Сојуз, НДХ без проблем можела да остане на страна во овој конфликт зашто Источниот фронт бил далеку, а на Хитлер за оваа војна не му биле потребни вооружените сили.

Сепак, на 23 јуни, односно веќе следниот ден по започнувањето на операцијата „Барбароса“, лидерот на хрватските усташи Анте Павелиќ официјалнo изразил желба до фирерот НДХ да се вклучи во борбата на „сите слободољубиви нации против комунизмот“ и изразил подготвеност да испрати своја војска на Источниот фронт. Хитлер го прифатил предлогот.

Анте Павелиќ и војниците од 369 полк

Дел од Хрватите не ја подржале окупацијата и усташите, па се приклучиле на партизаните на Јосип Броз Тито кои тргнале во вооружена борба против локалните усташи, германските нацисти и италијанските фашисти откако Германија го нападнала СССР на 22 јуни 1941 година. Оваа борба брзо зоврела и во следните месеци зафатила голем дел од Југославија.

Титовата партизанска армија за време на војната прераснала во најмоќното и најдобро организирано движење на отпорот во европските земји кои биле под окупација на нацистичка Германија и нејзините сојузници. Се смета дека во партизанскиот отпор на територијата на Југославија во 1941 година учествувале 80.000, а во 1945 година 800.000 борци.

Хрватската легија

Адолф Хитлер и Анте Павелиќ, лидерот на Независна држава Хрватска. Средба за време на државната посета на Павелиќ на Бергхоф во Баварија, Германија.

Поради тоа поголем дел од вооружените сили на НДХ бил принуден да остане на територијата на Југославија и заедно  со германските и италијанските окупатори да се бори против Титовите партизани и четниците на Михајловиќ кои на почетокот на војната се обидувале да ги координираат своите акции. Усташкиот режим во борбата против СССР испратил доброволци.

Втора светска војна, Хрватска легија во 1942 година. Нацистичката пропаганда ги прикажува хрватските доброволци кои поминуваат обука за прием во Вермахтот. Фотографијата е направена во јануари 1942 година.

За борба против Црвената армија формиран е 369 зајакнат пешадиски полк кој броел 4.000 луѓе, познат како Хрватска легија. Главнината на полкот била составена од Хрвати, но имало и многу босански Муслимани.

Војници на планинската СС дивизија „Ханџар“ на молитва.

Полкот официјално бил во состав на 100 лесна пешадија на Вермахтот (од 6 јули 1942 се нарекувала јегерска). Хрватите носеле германска униформа, а на левата рака имале пришиено црвено-бела шаховница со натпис „Hrvatska“. Ист ваков знак носеле на левата страна од шлемот.

Полкот ја добил ознаката „зајакнат“ зашто му била додадена артилериска батерија со осумнаесет оружја со калибар од 105 милиметри.

Сталинградскиот пекол

Заробеници кај Сталинград.

На почетокот на октомври 1941 година хрватските легионери стасале во Украина, каде се приклучиле на групата армија „Југ“. „Германците лошо се однесуваат со нас“, напишал подоцна војникот Марко Влашковиќ од четата за противтенковска одбрана кој бил заробен од Русите: „Кога ќе дојдеме во некое село, тие ќе ги заземат сите живеалишта, а ние мораме да спиеме надвор. Ова често предизвикува негодување кај Хрватите. Во споредба со Германците Хрватите добиваат и полоша храна“.

Хрватската легија влегла во Сталинград на 27 септември 1942 година како дел од 100 јегерска дивизија. Тоа била единствената странска сојузничка единица на која Германците ѝ дозволиле да учествува во градските битки, додека другите слични единици (на пример, италијанските и романските) останале во заднина или ја покривале од крилото Шестата армија на Фридрих Паулус.

Легионерите ова го сфатиле како вистинска чест, па со сите сили јуришале во правец на Волга, на чиј брег се воделе крвави битки за металуршката фабрика „Црвен октомври“ („Красный октябрь“)

Доаѓање на германската војска во Загреб.

Командантот на 2 баталјон Иван Кориќ вака го опишува учеството на својата единица во Сталинградската битка: „Напредувавме кон положбите на 227 полк, ползејќи низ огромните канали кои ги имаа направено бомбите. Советските авиони лесно нè воочуваа на месечината и фрлаа врз нас фосфорни бомби кои по експлозијата гореа со силен пламен. Многумина од моите војници изгореа живи. Тоа беше морничава глетка. И здравите и ранетите скокаа и трчаа да ги спасуваат запалените другари... Мојот баталјон, сега придружен од 227 полк, напредуваше со голема мака, борејќи се за секоја зграда“.

Постои верзија според која германскиот Генералштаб во знак на почит кон сојузниците планирал 100 јегерска дивизија да ја преименува во 100 германско-хрватска јегерска дивизија. Меѓутоа, кога на 19 ноември 1942 година одеднаш започнала големата советска контраофанзива, никому повеќе не му било до тоа.

По тешките зимски борби, легијата практично престанала да постои. Оние што преживеале паднале во советско заробеништво. Околу илјада легионери успеале да се евакуираат од Сталинградскиот воздушен простор. Тие се приклучиле на новата 369 хрватска пешадиска („Ѓаволска“) дивизија која учествувала во борбените дејствија против Титовите партизани на Балканот. На источниот фронт повеќе не се вратиле.

Хрватски војници кои му служеле на Вермахтот на Источниот фронт.

Треба да се истакне дека не сите војници на НДХ се бореле во германските единици. На молба на Италијанците, во СССР е испратена Лесната транспортна бригада која броела 1.200 лица. Оваа единица се приклучила на италијанската Осма армија. Во декември 1942 година била целосно уништена.

Хрватските воздухопловни и морнарички легии

На почетокот на октомври 1941 година, отприлика во исто време како и 169 зајакнат пешадиски полк, на групата армија „Југ“ ѝ се приклучила 4 ловечка група, дел од Хрватската воздухопловна легија. Овие хрватски пилоти со авионите Месершмит Bf 109 заслужиле високи пофалби од германската команда.

Германски ловец Месершмит Bf 109 (Ме 109).

До враќањето на Балканот во јули 1944 година, Хрватите успеале да соборат 283 советски авиони. Четиринаесет хрватски пилоти го добиле статусот „ас“ (за соборени најмалку пет авиони), а четворица се наградени со Железен крст од прв и втор степен.

Најуспешен хрватски пилот бил Мато Дуковац. Тој соборил 44 советски авиони. Меѓутоа, на 20 септември 1944 година бил заробен од страната на Црвената армија. Подоцна Дуковац служел како инструктор во советското и во југословенското воено воздухопловство.

Мато Дуковац

Петата бомбардерска единица дејствува посеверно од своите соборци од ловечката група. Била опремена со германски авиони Dornier Do17, а учествувала во бомбардирањето на Ленинград и на Москва.

Пилот на Вермахтот со Железен крст од прв степен, март 1942 година.

Од есента 1941 година на Црното море дејствувала Хрватската морнаричка легија, која станала составен дел од Кригсмарине. Како и пешадинците и пилотите, морнарите исто така носеле германска униформа со препознатлив пришиен амблем во облик на хрватски грб на ракавот.

Кригсмарине (Воена морнарица на Вермахтот)

Легијата имала на располагање миноловци и брзи јуришни чамци. Се занимавала со поставување мини, чување на морскиот брег и лов на советски подморници. Пролетта 1944 година била распуштена, а морнарите заминале да се борат на Јадранот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња