Денот кога Сталин за малку ќе го минираше и потопеше московското метро

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
За 88 години од постоењето московската подземна железница еден единствен пат не беше отворена за патниците. Тоа се случи утрото на 16 октомври 1941 година.

Причината за тоа беше страшниот пораз на советската војска во борбите кај Вјазма во првите денови на октомври. Тогаш беа убиени и ранети над 380 илјади војници, а околу 600 илјади беа заробени. Патот кон Москва им беше практично отворен на Германците.

На 15 октомври 1941 година беше донесена одлука за евакуација на индустриските и административните ресурси на Москва. И сé што не можеше да се евакуира требаше да се уништи. И подземната железница, се разбира.

„Метрото да се затвори. Во рок од три часа да се понудат предлози за негово уништување, објектите да се уништат на кој било начин“, се вели во наредбата на народниот комесар одговорен и за подземната железница на Москва Лазар Каганович (московското метро прво го носеше името на Каганович за во 1955 година да биде именувано по Ленин).

Ноќта меѓу 15 и 16 октомври започна демонтирањето на ескалаторите, минирањето на метро станиците, а одредени делови требаше да се потопат.

Но, веќе следниот ден Државниот комитет за одбрана ја преиначи одлуката и работниците почнаа да ја санираат штетата што самите успеаја да ја нанесат.

Веќе во седум часот навечер на 16 октомври 1941 година возовите регуларно се движеа по сите линии на московското метро.