Московско метро: 18 малкупознати факти и градски легенди

Московското метро.

Московското метро.

Lori / Legion-Media
Дали влегувањето во московското метро започнува од точка А до точка Б или тоа претставува влез во музеј? Тешко е да се каже. Метрото во Москва во 2015 година одбележи 80 години од своето постоење. Да ги видиме најинтересните факти од минатото и од сегашноста на московскиот „андерграунд“.

1. Московското метро е едно од најпосетените во светот. Во 2014 година метрото во Москва има превезено околу 2.4 милијарди патници, а во осумдесеттите години од минатиот век неговите услуги ги користеле над 145 милијарди луѓе.

2. Московското метро е светски рекордер според почитувањето на возниот ред, соопштува секретаријатот за сообраќај на град Москва. Точноста на поаѓањето на возовите е 99.99%. Притоа интервалот на возовите во шпицот изнесува само 90 секунди.

3. Московското метро важи за најубаво во светот. Од речиси 200 станици 44 се објекти на културното наследство.

4. Првата идеја за изградба на метро во Москва се појавила уште во 1875 година. Еден од проектите за изградба на подземен градски превоз интензивно се разгледувал во 1902 година, но тогаш градската власт одлучила дека треба да се „одбијат жалбите на архитектите“ кои ги понудиле своите услуги. Така изградбата започнала дури во 1931 година за време на советската власт, а првите 13 станици биле отворени на 15 мај 1935 година.

5. Се смета дека за уредувањето на првите станици бил употребуван бел камен од тврдината на подмосковскиот град Серпухов. Тврдината била споменик на руското ѕидарство од 16 - 17 век, а била разурната во 1934 година. Исто така се тврди дека во изградбата на метрото бил користен и мермер од московскиот храм на Христос Спасителот кој бил урнат во 1931 година.

6. Во Големата татковинска војна московското метро за време на воздушните напади било користено како скривалиште, како и метроата во некои други градови во светот. Во него скривалиште од бомбардирањата наоѓале околу половина милион луѓе. Жените и децата спиеле во вагоните кои биле поставени на пероните.

7. Во периодот кога нападите на германската авијација на Москва биле зачестени во метро-станиците биле отворени продавници и фризерски салони, а на станицата „Курскаја“ била отворена библиотека. На станицата „Мајаковскаја“ на 6 номеври 1941 година по повод одбележувањето на годишнината од Октомвриската револуција било одржано заседание на Московскиот градски совет, на кое на присутните им се обратил Јосиф Сталин и најавил „неизбежна победа“ над нацистите.

8. Изградбата на метрото не била запрена ниту за време на војната. Во воените години биле изградени седум нови станици.

9. Во првите 20 години од своето постоење московското метро го носело името на Лазар Каганович, советски државник кој бил одговорен за изградбата на првата линија на подземната железница, а од 1955 година го носи името на Владимир Ленин.

10. Постои градска легенда за настанувањето на кружната линија на метрото, која не била предвидена во првичниот проект. Се зборува дека на еден состанок посветен на изградбата на метрото Сталин за спуштил шолјата за кафе на картата на метрото. Така на проектот останала дамка која го опкружила центарот на градот. Сталин ја покажал оваа дамка и наложил да се изгради таква линија на метрото. Поради тоа, наводно, на картата на метрото кружната линија е обележана со кафеава боја.

11. За време на реновирањето на станицата „Курскаја“ во 2008 и во 2009 година над еден од премините на станицата бил поставен оригинален натпис кој е дел од советската химна од 1944 година. „Нé одгледа Сталин – за верност на народот, за работа и за подвизи нé инспирираше“. Натписот предизвика протест како определен број борци за човекови права. Некои од нив изјавија дека во иднина ќе ја бојкотираат станицата „Курскаја“.

12. Многу од станиците на московското метро неколку пати го менувале називот. Рекордер во овој поглед е станицата „Александровски сад“ која се наоѓа во близина на Кремљ. Таа се викала „Коминтерн“, потоа „Улица коминтерна“, од 1946 до 1990 го носеше името „Калининскаја“, а во 1990 година неколку дена се нарекуваше „Воздвиженка“.

13. На линиите што ги поврзуваат центарот и периферијата на градот при движењето кон центарот називите на станиците ги најавува машки глас, а при движењето од центарот кон периферијата женски. На кружната линијан машкиот глас ги најавува станиците кога возот се движи во правец на сказалките на часовникот, а женскиот кога тој се движи во спротивната насока. Оваа практика била воведена со цел на слепите и слабовидните патници да им се олесни ориентацијата.

14. Во московското метро постои дури и една фонтана. Таа се наоѓа на преминот помеѓу станиците „Римскаја“ и „Плошад Иљича“.

15. Меѓу станиците на московскот метро е и првата станица на светот која е изградена на мост. Тоа е станицата „Воробјови гори“, која е единствена таква во Москва. Таа 19 години (од 1983 до 2002) беше затворена поради реновирање.

16. На станицата „Кропоткинскаја“ во последниве пет години секоја година во чест на прославата на роденденот на метрото навечер на 15 мај се одржуваат музички концерти. Оваа станица е избрана поради добрата акустика.

17. Во 2015 година беше соопштено дека метрото планира да тестира систем за спречување самоубиства и несреќни случаи. Медиумите постојано известуваат за луѓе кои решиле да си го одземат животот во московското метро. Новиот систем би требало да функционира на тој начин што машиновозачите со помош на мрежа од специјални сензори и камери можат на време да добијат информација за тоа дека на пругата се наоѓа човек.

18. Во текот на последниве неколку години се реализира амбициозна програма за развој на московското метро. До 2020 гдоја должината на московското метро би требало да се зголеми за неполни 50% во споредба со 2011 година, односно би требало да се продолжи за 160 километри. Планирано е отворање на над 60 нови станици.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња