Како им пропадна блицкригот на Германците кај Москва во 1941 година (ФОТОГРАФИИ)

Германски војник се предава, реон Солнечногорск, 1 декември 1941 година

Германски војник се предава, реон Солнечногорск, 1 декември 1941 година

Самариј Гурариј/Sputnik
Контраофанзивата на советските единици кај Москва во декември 1941 година беше големо изненадување на Вермахтот. Германците беа убедени дека со Црвената армија е веќе завршено.

1. Почетниот период на операцијата „Барбароса“ за Црвената армија беше вистински пекол. Вермахтот во текот на неколку месеци го окупираше целиот Балтик, Белорусија и голем дел од Украина. Стотици илјади советски војници загинаа или беа заробени, а Германците веќе се приближуваа на главните градови Ленинград и Москва.

2. На почетокот на октомври 1941 година четири советски армии кај Вјазма, значи само 200 километри од Москва, изгубија околу еден милион луѓе – загинати, ранети и заробени. Москва беше практично незаштитена. Граѓаните на 15 октомври почна да ги фаќа паника. Жителите масовно бегаа на исток, а општиот хаос беше проследен со пљачкосувања и разбојништва. „На улиците една група разбиваше врата на една продавница, а некој веќе изнесуваше стока“, пишува подоцна Сузана Карпачова: „По патот минуваше непрегледна колона луѓе со ранци, имаше автомобили и камиони натоварени со покуќнина. Денес луѓето ја напуштаа Москва, исто како вчера Вјазма“. Само со строги мерки, воведување полициски час и воени патроли властите успеаја да ја нормализираат ситуацијата.

Жители на Москва копаат одбранбени ровови.

3. Ловетската команда се обиде да добие на време и колку што е можно повеќе да го задржи непријателот додека резервните единици од Сибир, од Урал и од рускиот Далечен исток не стасаат во одбрана на престолнината. На приодите на Москва на брза рака беа утврдени линиите на одбраната и натаму беа насочувани сите расположливи полкови и дивизии. Покрај нив во борбата беа уфрлени и кадетите на воените академии од Москва и Подољск. Многумина од нив немаа наполнето ни осумнаесет години, а по завршувањето на академијата требаше да станат офицери и командири, но тргнаа на фронт како обични војници.

Советски командант чита говор на Сталин во екот на борбата за Москва.

4. Во тешките и исцрпувачки борби мешовитите единици од кадети на Подољската пешадија и на Подољската артилериска воена академија изгубија 2.500 од вкупно 3.500 борци, но го задржаа непријателот дванаесет дена, иако им беше наредено да го задржат барем пет дена. „Првиот вод крена во воздух бункер на местото на нашиот пробој“, пишува подоцна германскиот војник Адалберт Васнер од 19 тенковска дивизија на Вермахтот: „Започна исклучително тешка блиска борба и обете страни трпеа загуби. Ги добивме и првите заробеници. Тоа се питомци на Подољската воена академија. Ги нарекуваат 'Сталинови питомци'. Сите се бранат исклучително храбро“.

Советски тенковски десант. Тенк Т-34 јуриша на село кое го окупирале Германците.

5. На седми ноември, на 24-годишнината од Револуцијата, на Црвениот плоштад беше одржана воена парада. Некои единици токму од парадата заминуваа на фронтот чија линија беспоштедно се приближуваше на главниот град на Русија. Маршалот Георгиј Жуков во своите „Сеќавања и размислувања“, истакна: „Овој настан одигра огромна улога во зајакнувањето на моралот на армијата и советскиот народ, и имаше големо меѓународно значење“. Парадата му покажа на целиот свет дека Советскиот Сојуз сè уште не е скршен. За московјаните беше многу важен и фактот што на трибината се појави и Сталин, и што одржа свечен говор. Луѓето видоа дека врховниот командант е сè уште во Москва, иако поголемиот дел од органите на власта во тој момент веќе беше евакуиран во Кујбишев (Самара).

Воена парада на Црвениот плоштад, 7 ноември 1942 година. Митралесци.
Михаил Калашников.

6. На втори декември единиците на 2 тенковска дивизија на Вермахтот ја зазедоа населбата Краснаја Пољана, оддалечена само 30 километри од Кремљ. Со оглед на тоа што огромните пространства и човечките ресурси на СССР, германските команданти сфатија дека војната сè уште не е завршена, но беа уверени дека костурот на Црвената армија е скршен. „Воената моќ на Русија повеќе не претставува опасност за Европа“, напиша на 23 ноември началникот на Генералштабот на копнените единици Франц Халдер.

Германски тенкови PzKpfw III Ausf G со топови KwK 42 со калибар од 50 милиметри минуваат низ село во плам во околината на Москва.

7. Сепак, германските единици имаа и многу проблеми на патот кон советската престолнина. Црвената армија даваше постојан отпор и постојано преминуваше во контранапади, така што Германците беа исцрпени и под голем притисок. Движењето на тенковските единици беше отежнато со целосното минирање на приодот на градот што советските минери го беа добро осмислиле. Започнаа проблеми со снабдување и со масовен помор на коњи, зашто започна зимата, а немаше храна за стоката.

Контранапад на советските единици кај Москва, 1941 година.

8. Германската армија се вдаде во последниот решавачки марш на Москва, не земајќи го предвид фактот дека во градот пристигнуваат големи и свежи резерви на Црвената армија. Единиците на Западниот фронт на Георгиј Жуков и на Југозападниот фронт на Константин Тимошенко на 5 декември преминаа во голема контраофанзива. „Кога напредувавме нашата артилерија отвораше толку силен оган што со неа германската одбрана беше неутрализирана и пред да стаса пешадијата. И затоа, кога влегувавме во селата Германците веќе стасуваа да ги напуштат. Таму за првпат ги видов 'катјушите' на дело. Тоа е незаборавна глетка. И секако, сите села изгореа до темел“, пишува подоцна рускиот војник Герц Роговој.

9. Германските единици започнаа со голема брзина да се повлекуваат и да се оддалечуваат од престолнината. Понекаде повлекувањето се претвори во панично бегство. Црвената армија по пат наидувала на артилериско оружје кое Германците го оставиле. Адолф Хитлер на 19 декември го сменил командантот на пешадиските единици Валтер фон Браухич. Тогаш бил сменет и командантот на групата армија „Центар“ Федор фон Бок. Хајнц Вилхелм Гудеријан, командант на 2 тенковска група кој исто така бил сменет, многу години подоцна во своите „Војнички сеќавања“ ќе напише: „Офанзивата на Москва пропадна. Сите жртви и напори на нашите храбри единици беа залудни“. Германците успеаја да го стабилизираат фронтот дури на почетокот на јануари 1942 година.

Војници на разбиена германска единица предаваат оружје.

10. Нанесувајќи му на Вермахтот мошне силен удар, Црвената армија го отфрлила непријателот на 100-250 километри од Москва. Успеала да ослободи значајни територии и во целост да ја отклони опасноста за престолнината. Од друга страна, амбициозните планови на советската командна офанзивата да се круниса по пат на кршење на групата армија „Центар“ предизвикаа тешки битки, мошне мачни извлекувања од обрачи и големи загуби. И покрај Московскиот триумф и крахот на стратегијата на германскиот блицкриг, во тој момент сè уште не беше дојдени време за коренит пресврт во војната.

Жени во придружба на заробени фашисти. Германците беа столчени кај Москва.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња