Како тоа болшевичката власт не ја гибаше мајката на својот најлут непријател?

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
Баронесата Врангел долго време не можеше да побегне од „тие ѕверови“ во странство.

Се викаше Марија Дмитриевна Врангел и беше мајка на баронот Петар Николаевич Врангел, еден од главните противници на советската власт за време на граѓанската војна.

Додека нејзиниот син се бореше против Црвените на југот на земјата, баронесата Врангел живееше во Петроград (Санкт Петербург). А бидејќи не стигна на време да избега од Русија, беше принудена да се вработи како научен соработник во Музејот на градот во Аничковиот дворец.  

„И покрај сите ужаси на животот и мојата особено деликатна лична ситуација, за чудо преживеав“, се сеќава Марија Дмитриевна. „Живеев под моето презиме, не беше можно да го сменам бидејќи многу луѓе ме познаваа. Но во мојата работничка книшка, која служеше наместо пасош, пишуваше: Врангел, службеничка.

Генералот Врангел беше многу важна фигура во антиболшевичкиот штаб, командуваше со дивизии, корпуси, па дури и со армии. Меѓутоа, советската власт не презеде никакви мерки против неговата мајка, иако во тоа време беа уапсени многу роднини на помалку познати белогардејци.

Ситуацијата се промени за баронесата во април 1920 година, кога Петар Врангел ја прифати должноста на „владетел и врховен командант на вооружените сили на југот на Русија“. Неговото име почна често да се појавува во советските весници, на ѕидовите на куќите се појавија карикатури и апели да се уништи „белогардејскиот демон“.

Дури ни тогаш властите не ја гибаа Марија Дмитриевна, но таа знаеше дека тоа нема долго да трае. Пријателите ѝ помогнаа да се пресели во предградието на Петроград каде што живееше некое време како сликарката Веронели.

Кон крајот на октомври 1920 година баронесата Врангел ја искористи можноста да избега „од тие ѕверови“ во Финска. Неколку недели подоцна и нејзиниот син со остатоците од неговата поразена војска засекогаш ја напушти Русија.