На 22 јуни 1941 година германските трупи влегуваат на територијата на СССР. Следниот ден, на 23 јули, советскиот ополномоштен претставник во Вишиева Франција Александар Богомолов добива необична порака од еден тамошен руски емигрант: „Војничкиот долг ме обврзува да ја бранам мојата Татковина заедно со рускиот народ. Ве молам да издејствувате за мене дозвола од советските власти да се вратам во Русија и да бидам примен во редовите на Црвената армија“.
Во таа молба нема ништо необично ако не се сметаат два момента. Прво, патриотски настроениот доброволец во тоа време веќе има 64 години, и второ, тоа е лично Петар Семјонович Махров, еден од главните противници на болшевиците во Граѓанската војна, тогашен началник на Генералштабот на Вооружените сили на Југот на Русија.
Петар Махров
Archive photo„Тоа беше исклучително способен, вешт и умешен офицер на Генералштабот. Имаше брзо и флексибилно расудување и беше многу енергичен“, така го окарактеризира Петар Махров командант на Вооружените сили на Југот на Русија, генерал Петар Врангел, додавајќи го и ова: „Тој немаше ништо против да си игра малку „демократизам“.
Од „демократизмот“ и либералните ставови Махров не се откажува ниту по распадот на Белото движење кога емигрира во Франција. Во разговорите со пријателите раскажува дека многу го интересира социјализмот и дека многу читал за него. Дури ја изнесува и мислата дека светот во иднина неизбежно ќе достигне социјализам. И покрај тоа, генералот никогаш не станува комунист.
Работници на фабриката „Срп и чекан“ ја слушаат на радио веста за почетокот на војната.
Иван Шагин/МАММ/МДФ/russiainphoto.ruПочетокот на војната на нацистичка Германија против Советскиот Сојуз внесува раскол во круговите на руската емиграција во Европа. Едни го дочекуваат со ликување, посакувајќи пораз на стариот непријател и сонувајќи дека Германците ќе им ја „ослободат“ татковината. Некои дури и интензивно му помагаат на Третиот рајх во тој потфат.
Вториот табор на емигранти, на кој му припаѓа Петар Семјонович, ја доживува германската инвазија како голема трагедија. „Пред сè, ние треба да бидеме Руси“, тврди тој. „Ние треба да се бориме само против актуелната руска влада, а не да војуваме против рускиот народ, како што беше во Граѓанската војна... Злосторство е да се турка младината во авантуристички потфати на страната на непријателите на Русија“.
Во писмото до еден свој познаник, Махров вели дека денот кога Германците ѝ објавија војна на Русија му оставил толку силен впечаток што бил подготвен да стапи во редовите на Црвената армија „макар и како обичен војник“.
Богомолов не реагира на барањето на стариот генерал и не одговара ништо. На советскиот дипломат тогаш не му е до тоа. Но затоа германската контраразузнавачка служба обрнува внимание на патриотскиот порив на Петар Семјонович.
Германците доаѓаат во посед на писмото на поранешниот командант до пријателите, каде што тој ги повикува да не соработуваат со нацистите и пишува дека Црвената армија ќе го „разбие“ Вермахтот, споменувајќи дека е подготвен да стапи во редовите на советските трупи.
На 19 август 1941 година француските жандарми доаѓаат во станот на генералот во Кан со налог за апсење. Не ги знаат причините за апсењето и само тивко и незадоволно коментираат дека тоа е „масло на проклетите Шваби“.
Анри Албер Нијсл (Henri Albert Niessel)
Public domainПетар Махров е одведен во градскиот затвор, по што е спроведен во концентрациониот логор Верне д'Арјеж на француските Пиринеи на границата со Шпанија. За стариот човек тоа патување е тешко искушение.
Пензионираниот француски генерал Анри Алберт Нијсл, кој живее во Париз и со кого Махров се запознава во Варшава за време на Граѓанската војна, го спасува Петар Семјонович од сигурна смрт. Благодарение на напорите на францускиот генерал, измачениот Махров е пуштен на слобода на 6 декември 1941 година.
Несудениот доброволец се среќава со Александар Богомолов во февруари 1945 година. Советскиот дипломат му се извинува што тогаш не можел да реагира на писмото, но му соопштува дека писмото го препратил до Москва и дека таму не останало незабележано.
Трогателно барање на стариот бел генерал да го примат во редовите на Црвената армија во голема мера влијае на одлуката на Претседателството на Врховниот Совет на СССР од 14 јуни 1946 година за тоа да им се врати советското државјанство на поранешните поданици на Руската империја и лицата кои го загубиле советското државјанство, а живеат на територијата на Франција.
Петар Махров
Archive photoПетар Семјонович добива советски пасош, но кога потоа се обидува да го продолжи за уште една година, поради некоја причина го одбиваат. На негова голема жал, генералот Махров не успева да се врати во СССР. Умира 1964 година во Кан, на 88-годишна возраст.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче