Рускиот цар за изградба ја избрал делтата на Нева. Оваа река го поврзува езерото Ладога - второто по големина во Русија - со Балтичкото Море. Од VIII до XIII век по Нева минувал водениот пат „од Варјагите до Грците“ - од Скандинавија до Византија.
Од фински „Нева“ се преведува како „мочуриште“, можеби од таму и потекнуваат асоцијациите дека градот на Нева е „град на мочуриште“.
Сепак, тој терен бил населен уште од дамнина, а тешко дека луѓето би се населиле среде мочуриште. Најпрвин таму живеел угро-фински народ, а потоа источни Словени. Подоцна со оваа територија владееле ту Русите, ту Швеѓаните.
Преминувањето на овој терен од едни во други раце е завршено со Северната војна (1700-1721), кога Петар во 1703 година дефинитивно го освои просторот за неговиот иден град. Пред Санкт Петербург, на устието на реката Охта во Нева постоел шведскиот град Ниен и неговата главна тврдина Ниеншанц.
Кога го освоил Ниеншанц, Петар ја дал земјата околу реката Ота за изградба, а својата - Петропавловската - тврдина ја поставил на стратешко место, на Зајачкиот остров. Тој се наоѓа на најширокиот дел од устието на Нева. Така од тврдината било можно да се контролираат тековите на нејзините два најголеми ракава.
Притоа брегот на ракавите на Нева бил навистина мочурлив, обраснат со трски и шаварики. Затоа при изградбата на доковите бреговите биле посипани со земја високо, зајакнати со диреци и потпори и покриени со гранит. Коритото на реката Нева било исчистено и израмнето.
Мочурливи делови имало и на островите на Санкт Петербург: на Василевскиот, Крестовскиот, како и на местото на Летната градина и во близина на Невскиот Проспект. За да се дренира теренот, се копале канали, се затрупувале малите реки и потоци. Патем, едно од најсувите места бил денешниот плоштад „Востание“: недалеку од него растела густа шума.
Многу поголем проблем од мочуриштата за престолнината претставувале поплавите. Градот е сместен во Приневската низина. Во централните реони на Петербург надморската висина е само 1-5 метри.
Западниот ветар од Финскиот залив секоја година го подига нивото на водата во Нева. Најразорните поплави се случиле во 1824 година (кога водата се подигнала до 421 цм над нивото на морето) и во 1924 година (до 380 цм).
Проблемот беше целосно решен дури во XXI век, кога е воведен во употреба комплекс од 11 брани долги вкупно 23,4 километра. Неговата изградба траеше повеќе од 30 години, сé до 2011 година.
Прочитајте повеќе: „Град на коски кој ќе опусти“: 5 мита за Санкт Петербург
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче