- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
На преминот од XVII во XVIII век, еден руски војвода кој пловел по Волга во близина на Нижни Новгород го „опколија три баржи руски разбојници, од кои во секоја се наоѓаа по осумнаесет луѓе“. Командата на бродот на војводата успешно се одбранила. Разбојниците, откако тројца нивни луѓе биле убиени, побегнале. Оваа приказна ја забележал Холанѓанецот Корнелис де Брујн, кој во 1703 година патувал по Волга до Астрахан со брод на кој заедно со 52 луѓе имало преку четириесет пушки и пиштоли, додека во текот на ноќта двајца чувале стража. Разбојниците навистина претставувале огромен проблем сé до втората половина на XVIII век.
Руски музеј / Sputnik
Како државата се борела против разбојниците
Првиот законодавен спис „Руска правда“ пропишува строга казна за разбојништво: целиот имот на разбојникот ќе биде разграбен, а тој и неговото семејство ќе бидат убиени или продадени во ропство. Се разбира, тоа не ги спречило престапниците. Разбојниците, кои ги нарекувале „татковци“ или „вори“, постоеле во Русија многу пред појавата на регуларната полиција и биле сериозен фактор во животот на кој морало да се смета.
Посебните мерки за евидентирање и истрага на професионални криминалци се појавиле дури во законикот „Судебник“ од 1497 година. Особено злобните повратници во криминалот биле прогласувани за „злобни луѓе“ или „познати злосторници“, при што се спроведувала процедура за собирање податоци од локалните жители за злосторствата на конкретната личност.
Јавен домен
Од 1539 година во Русија се појавиле специјални установи за борба против разбојниците. Тоа биле тнр. „чумни куќи“ на чело со „чумен старешина“, кој бил првиот „позорник“ во Стара Русија. Овие установи биле под контрола на управата за разбојништво. Јасно е дека тие мерки слабо помогнале за сузбивање на криминалот.
Како живееле разбојниците
Првиот руски економист Иван Посошков во 1724 година забележал: „Кај нас во Русија имаме многу разбојници, бидејќи во банда може да ги има не само по десет или дваесет од нив, туку и по сто или двесте.“ Разбојниците ретко дејствувале поединечно, по правило се собирале во банди кои имале свои атамани, примитивна хиерархија, располагале со превозни средства и оружје, вклучително и тешко оружје до кое доаѓале со крадење топови од трговските и царските бродови и со грабнување пушки од војниците.
Разбојници имале свои „дувла“ во градовите и селата. Криењето разбојници било кривично дело кое се казнувало посебно. Како што запишал Михаил Ломоносов, дувлата се „наоѓаат во селата, а во градовите често се користат за продажба на украдени стоки“. Дури и самиот голем руски просветител признал: „иако на разбојниците се испраќаат истражители, сепак нема речиси никаква надеж дека ова зло може на тој начин да се искорени или барем значително да се намали“.
Зошто дури и на средината на XVIII век разбојниците продолжиле да го тероризираат населението? Полицијата почнала да се појавува во триесеттите години на XVIII век само во големите градови. Професионални војници од редовите на благородништвото биле на служба во големите градови или на боиштата. Локалните војводи имале на располагање ограничен арсенал и мал број луѓе. Воени гарнизони имало само во големите градови. Покрај тоа, за секоја акција војводата морал да има дозвола од центарот. А разбојниците биле добро организирани, ја познавале околината и луѓето, ја познавале и вештината на војувањето. Имено, меѓу нив секогаш имало многу избегани кметови и војници.
Третјаковска галерија
Затоа во шумскиот честар трговецот или кочиите со стоки можеле лесно да бидат пресретнати од разбојници. „Легнувајќи во џбуновите покрај патот, разбојникот вечерта го чекаше својот плен и како гладна мечка од своето дувло намуртено гледаше во далечината“ - вака Иван Крилов ја опишал таа слика. Заштитата на сопствениот имот била препуштена секому посебно.
Како населението се штитело од разбојниците?
Историчарот Андреј Шипилов во статијата „Како во XVIII век луѓето се бранеле од разбојници?“ напишал дека секој имашлив човек тогаш имал цел арсенал на студено и огнено оружје. Богаташките имоти биле утврдени. Така, имотот на кнезот Александар Меншиков „Раненбург“ имал ѕидини, утврдена капија и бастиони со топови. Но, не сите од нив имале толку комплицирани градби.
Јавен домен
Шипилов ги наведува следниве податоци. Во 1721 година кнезот Гагарин во Тулската губернија имал „фузеја“ (пушка со мазна цевка) и сабја, комесарот Пашков во Коломенскиот округ во 1723 година на таванот на неговиот имот имал два пиштола и два „мали топа од леано железо“, а началникот на државната управа Лосев во Рузскиот округ имал „три топа железни “. Ѓулињата и барутот тогаш биле во слободна продажба, така што обичниот човек дома можел да направи цел арсенал.
Принцот Григориј Волконски, соборец на Петар и началник на Тулскиот завод за производство на оружје, чувал на својот имот 14 топови од леано железо, 2 топа од рафиниран челик и 16 лафети, вклучително и 4 на тркала. Сепак, овој арсенал не му помогнал на кнезот. Царот го погубил поради кражба за време на изградбата на заводот.
Но, дури и на крајот на XVIII век, разбојниците сè уште претставувале проблем за обичните луѓе. Поетот Михаил Дмитриев се присетува: „Со доаѓањето на летото, кога шумите веќе ќе зазеленеа, ќе се појавеа разбојници... Дедо ми беше секогаш подготвен: секоја година, штом ќе дојде пролетта, во неговата селска куќа, на ѕидовите на собата и претсобјето ги закачуваше пушките, торбите со барут, сабјите и копјата“.
Јавен домен
Кога ќе наиделе разбојници, селаните бегнале на спахискиот имот, а спахиските слуги се фаќале за оружје. Дмитриев бил сведок на една од средбите на неговиот дедо со разбојниците: „Дедо ми зеде кама, нареди да се отвори капијата и ги чекаше разбојниците на тремот. Во таа прилика, сепак, сé се заврши добро. Разбојниците, дванаесет, наоружани до заби, пријдоа до оградата на коњи, го повикаа стражарот и му рекоа: „Оди кажи му на Иван Гаврилович дека не се уплашивме од неговата узбуна, туку коњите ни се уморни“. Меѓутоа, истиот ден оваа банда ја ограбила и запалила воденицата кај Сизрањ.