Уште еден атентат врз Сталин за кој порано не се знаеше

Историја
ЕКАТЕРИНА СИНЕЉШЧИКОВА
Хитлер подготвувал атентат врз Сталин. Во април 1945 година тој сериозно мислел дека Сталин наскоро ќе биде убиен.

Специјалните служби на Русија го тргнаа печатот на државна тајна од 267 документи на воената разузнавачка служба „Смерш“, меѓу кои има и такви каде што се споменува несудениот атентат врз Сталин во 1944 година.

Групата, составена од двајца германски диверзанти, била преправена во членови на „Смерш“ - мајор Петар Таврин и дактилографка, потпоручник на Црвената армија Лидија Шилова. И двајцата носеле советска униформа кога биле уапсени на 5 септември 1944 година од припадници на НКВД.

Диверзантите имале фалсификувани исправи, а во автомобилот рачен фрлач на гранати, мина што се активира со помош на радиоврска, обрасци на разни потврди и над сто печати на советски институции.

На итно барање од Москва, добиен е одговор дека луѓе со такви имиња не се евидентирани во органите на воената разузнавачка служба. Тогаш диверзантите признале дека се германски агенти уфрлени во СССР со цел да го ликвидираат Сталин и се согласиле да соработуваат.

Ги дале сите шифри, табелите со кодови и специјално договорените сигнали во случај операцијата да пропадне, а Шилова објаснила како се воспоставува врска со Германците.

Русите се впуштиле во радио-игра со одделението „Цепелин“ на германската разузнавачка служба за да ги откријат понатамошните намери на нацистите и таа операција го добила името „Магла“ (руски: „Туман“). Германците биле убедени дека сé се одвива според планот. Агентот Таврин соопштил дека „успеал да добие дозвола за влез во Кремљ и дури присуствувал на едно советување на владата“. Последниот извештај го испратил во април 1945 година. Според специјалните служби, таа игра спречила и други обиди за атентат врз луѓе во советскиот државен врв.