Темата за атентатите врз семоќниот „татко на народот“ е обвиена со вел од тајни и митови. Познати се десетина такви случаи, но некои од нив се исфабрикувани од советските специјални служби, други се очигледна измислица, а трети, пак, сè уште се под печатот на државна тајна. Денес се смета дека се извршени четири обиди за атентат врз раководителот на Советскиот Сојуз и дека информациите за нив помалку или повеќе се засновуваат на реални настани.
Сталин на прошетка
Г. Петрусов/Од колекцијата на Слава Катамиѕе/Getty ImagesГенералниот секретар на Централниот комитет на Сесојузната комунистичка партија на болшевиците на 16 ноември 1931 година се шетал по една московска улица кога некој минувач со брзи чекори се упатил кон него и се обидел да извлече револвер. Од сигурна смрт Сталин не го спасило неговото лично обезбедување, ами припадник на службата за државна безбедност ОГПУ (Обединета државна политичка управа, претходник на НКВД) кој ненадејно се нашол на тоа место. Тој го фатил напаѓачот за рака и го соборил.
Атентаторот бил извесен Леонид Огарјов (познат и под презимињата Платонов и Петин), поранешен белогардејски офицер, член на емигрантската организација Руски воен сојуз и воедно агент на британската разузнавачка служба. Непосредно пред овој настан тој допатувал во Москва и оттогаш бил под постојан надзор на ОГПУ.
Советскиот водач Јосиф Сталин во придружба на тајни агенти од Главната разузнавачка управа (ГРУ) кон крајот на дваесеттите години од минатиот век.
Fine Art Images/Heritage Images/Getty ImagesАгентот во престолнината се занимавал со собирање разузнавачки податоци. Случајно го здогледал советскиот водач меѓу минувачите, па се обидел да ја искористи шансата која му била дадена. Во тоа го спречил припадникот на специјалните служби кој тајно го следел. Набргу потоа Огарјов бил осуден и погубен за тероризам и шпионажа.
Атентатот предизвикал вистинска паника кај раководството на земјата. Државниот врв наложил да се зајакне обезбедувањето на водачот. Потпишана е заедничка резолуција за тоа дека „пешачките прошетки на другарот Сталин по улиците на Москва треба да прекинат“.
Савелиј Дмитриев
НКВД СССРПолкот на Савелиј Димитриев се наоѓал во Москва. На 6 ноември 1942 година Димитриев ја напуштил единицата вооружен со пушка и се упатил кон Црвениот плоштад. Се претставил како стражар и застанал на стражарското место пред Спаската порта на Кремљ.
Почекал од правец на Кремљ да се појави функционерската лимузина и отворил оган. Во автомобилот во тоа време се наоѓал народниот комесар за надворешна и внатрешна трговија на СССР Анастас Микојан (тој не бил повреден). По кусото пукање војниците успеале да го фатат напаѓачот жив.
Советскиот комунистички водач Јосиф Сталин (1879-1953) покрај својот автомобил.
Hulton Archive/Getty ImagesНа сослушувањето било установено дека војникот не планирал да го убие Микојан, ами Сталин, но дека отворил оган на погрешен автомобил. Припадниците на специјалните служби долго се обидувале да откријат кој стои зад атентатот. Ги проверувале домашните и роднините на атентаторот, заминале дури и на фронтот и разговарале со неговите воени другари.
Меѓутоа, не пронашле ништо што го поврзува Димитриев со нацистите или со контрареволуционерните организации. Лекарските прегледи покажале дека атентаторот има психички проблеми. Во еден извештај од 1943 година пишува: „За време на приемот во болницата на НКВД 'Бутирскаја' се жали на слушни халуцинации. Вели дека слуша како преку радио од Америка со него разговара Рузвелт. Савелиј Димитриев е стрелан на 25 август 1950 година.
Сталин, Рузвелт и Черчил на Техеранската конференција.
Corbis via Getty ImagesКога во октомври 1943 година германската разузнавачка служба дознала за намерата на Сталин, Черчил и Рузвелт да одржат конференција во Техеран, Берлин донел одлука да се подготви операцијата „Долг скок“. Целта била киднапирање или физичка ликвидација на раководителите на земјите од антихитлеровската коалиција.
Иран пред почетокот на Втората светска војна бил длабоко интегриран во сферата на влијание на Третиот рајх. Германската разузнавачка мрежа во Иран во определена мера била зачувана дури и кога во 1941 година делумно бил окупиран од советските и од британските единици и кога е тргнат прогермаснки настроениот шах Реза Пахлави.
СС штурмбанфирер (мајор) Скорцени, 1943 година.
Public domainОперацијата му била доверена на најдобриот диверзант на Третиот рајх. Тоа бил СС оберштрумбанфирерот Ото Скорцени. Тој на 12 септември истата година го организирал киднапирањето на Бенито Мусолини од затвор. Било планирано првата група диверзанти да стапат во контакт со локалната резидентура и да подготват сè за доаѓањето на втората група со Скорцени на чело, која имала за задача да ги киднапира или да ги убие лидерите на антихитлеровската коалиција.
Германците знаеле дека британската и советската мисија се наоѓаат една до друга, додека американската била сместена нешто подалеку, во предградието. Рузвелт морал да патува на состаноците, односно неколку пати дневно да се вози низ тесните улици, па бил прв на мета.
Меѓутоа, целата операција од самиот почеток била осудена на неуспех. Благодарение на информациите добиени од Николај Кузнецов советските специјални служби знаеле дека се подготвува атентат, па ја неутрализирале првата германска група кога излегла на подрачјето на градот Кома на 70 километри од Техеран. Потоа операцијата била запрена. „Долгиот скок“ останал без „доскок“.
Таврин по апсењето.
НКВД СССРЗа атентатот на „таткото на народите“ најдобро се има подготвено агентот на германската разузнавачка служба Петар Таврин (вистинското презиме му било Шило). Специјално за таа пригода бил снабден со пиштоли со комплет отровни куршуми со експлозивен набој, а исто така и со пренослив фрлач на гранати Панцеркнаке (Panzerknacke). Овој фрлач се прицврстува за раката и на оддалеченост од 300 метри пробива окоп со дебелина од 40 милиметри.
Командирот на митралеската чета Таврин пребегал на германска страна во мај 1942 година (а, според други извори тогаш бил заробен). Бил подготвен да соработува со нацистите, па го обработувал разузнавачкиот центар „Цепелин“, а минал и низ специјална обука што ја контролирал најдобриот германски диверзант Ото Скорцени.
„Скорцени ми објасни какви лични квалитети мора да има терористот“, им соопштил Таврин на советските офицери од државната безбедност на сослушувањето: „Во текот на разговорот ми ги опишуваше деталите од киднапирањето на Мусолини што тој го организирал. Скорцени ми рече дека морам да дејствувам решително и храбро и дека не треба да се плашам од смртта ако сакам да преживеам зашто и најмалото колебање и кукавичлук можат да ме чинат живот... Целиот овој разговор се сведуваше на тоа да ми докаже дека терористичкиот напад на лица кои имаат специјално обезбедување е сосема изводлив и дека за тоа е потребна само лична храброст и решителност, како и тоа дека човекот кој учествува во операцијата може да остане жив и да стане 'ист таков херој' каков што беше тој“.
Таврин добил неколку комплети воени документи и награди земени од воените заробеници. Меѓу нив била и ѕвездата Херој на Советскиот Сојуз. Било планирано тој да продре во Москва како мајор на контраразузнавачката служба СМЕРШ, а потоа во престолнината да се легализира како офицер на Црвената армија кој е на отсуство поради ранување.
Воспоставувајќи корисни познанства диверзантот планирал да ги установи местата на кои престојуваат раководителите на советската држава и патеките по кои се движат автомобилите на државниот врв. Најдобра варијанта за „Херој на Советскиот Сојуз“ била некако да се најде на свеченост во Кремљ и да биде во близина на Сталин. Било прифатливо и на улица да го крене во воздух неговиот автомобил со помош на фрлач на гранати.
Arado Ar 232
Public domainМеѓутоа, ништо не излегло онака како што очекувал Берлин. Ноќта наспроти 5 септември 1944 година транспортниот авион Арадо Ar 232 со група диверзанти меѓу кои бил и Таврин и неговата радиотелеграфистка (и воедно негова сопруга- Лидија Шилова), погоден е со оган од ПВО над Смоленската област.
По принудното слетување диверзантите успеале да се извлечат живи од авионот и се обиделе што поскоро да го напуштат опасното подрачје, но набргу биле фатени од страна на припадниците на службата за државна безбедност.
Лидија Јаковлевна Шилова и Петар Иванович Таврин.
Archive photoПо сослушувањето брачната двојка била ангажирана во операцијата „Туман“ („Магла“). Тоа била радиоигра што против Германците ја започнале советските контраразузнавачи. Сè до април 1945 година Таврин одржувал врска со своите претпоставени во Третиот рајх, убедувајќи ги дека интензивно работи на извршување на својата задача. Во текот на операцијата биле неутрализирани неколку диверзантски групи уфрлени на територијата на СССР.
По завршувањето на војната Петар Таврин и Лидија Шилова биле обвинети за предавство на татковината и за терористички напади врз советската власт. Стрелани се во 1952 година.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче