Операција „Цепелин“: Како нацистите планирале убиство на Сталин во 1944 година

Википедија
Кога во 1944 година германските трупи веќе почнале да се повлекуваат, германската разузнавачка служба подготвила план кој според нивната замисла требало да доведе до пресврт во војната. Имено, планирано е во Москва да се испратат двајца агенти со цел да го убијат Сталин.

Летото 1944 година началникот на безбедносната ќелија на Рајхот Ернст Калтенбрунер се обратил на единицата за специјална операција Luftwaffe KG 200. Оваа единица е специјализирана за летови на големи растојанија и за испраќање шпиони, а била задолжена и за авионите украдени од сојузникот.

Калтенбрунер си ја поставил следнава задача: германски агенти треба успешно да се спуштат со падобранци на само стотина километри од Москва, односно длабоко во позадината на руските трупи.

Концентрационен логор Маутхаузен. Химлер, Калтенбрунер и Цирајс.

Ноќта помеѓу 4 и 5 септември 1944 година товарниот авион Arado Ar 232B полетал од еден аеродром на територијата на современа Латвија и набрзо исчезнал во маглата. Местото се наоѓало некаде помеѓу Смоленск и Москва. 

Во авионот биле двајца советски патници: поранешниот офицер на Црвената армија Таврин и неговата жена Лидија. Тие стапиле во брак непосредно пред почетокот на мисијата која ги довела во срцето на Русија.

Пјотр Иванович Таврин (вистинското презиме му било Шило) дошол во армијата на СССР, благодарение на фалсификувани документи, но се исплашил дека ќе биде откриен, па дезертирал во мај 1942 година.

Врбуван е во логор за заробеници, по што бил префрлен во Берлин каде му бил претставен на Хајнц Греф, еден од идеолозите на операцијата „Цепелин“. 

Така се нарекувал амбициозниот план за убиство на Јосиф Сталин, човекот кој претставувал голема пречка за Третиот рајх на патот кон победата. Советскиот колаборационист минал обука во Псков, а подоцна и во Рига под раководство на легендарниот експерт за специјални операција Ото Скорцени.

Ото Скорцени.

Цел: да се заземе Кремљ 

Според книгата „KG 200: The True Story“ (автор е Петер Вилхелм Стал), Таврин и неговата жена Лидија Шилова (чија задача била воспоставување и одржување радиоврска со Германија) требало да скокнат со падобрани на територијата на СССР, да стасаат во Москва и таму да воспостават контакти со илегалната советска опозиција.

Било планирано Таврин со двајца тајни соработници да дојде во Кремљ за време на еден прием, користејќи фалсификувани документи, и штом се најде во близина на Сталин да го убие со отровни куршуми. Смртта на советскиот водач би бил сигнал за германските единици да извршат десант во близина на Москва и брзо да го заземат Кремљ, користејќи го факторот на изненадување.

Јосиф Сталин и Никита Хрушчов, јануари 1946 година.

Постоел и резервен план за убиство на Сталин со кревање во воздух на неговиот автомобил на пат кон Кремљ. Тоа би се остварило со испукување мал проектил со експлозивен полнеж направен специјално за оваа пригода.

Било замислено Таврин и неговата сопруга Лидија да имаат на располагање мотоцикл и оружје потребно за изведување на резервниот план. Целата мисија мошне личела на самоубиство, но брачниот план е уверуван дека во Москва е подготвено тајно скривалиште каде ќе можат да се скријат по извршувањето на задачата, а потоа оттаму да избегаат штом имаат таква можност.

Неуспех по неуспех 

Набрзо германското раководство се откажало од скокањето на агентите со падобрани. Наместо тоа било одлучено авионот да слета на 100 километри од главниот град на СССР.

Група германски падобранци стасала на местото каде било планирано слетувањето на германскиот авион. Целта била тие да му потврдат на Берлин дека сè е подготвено за слетување. Тие тоа и го направиле. 

Но, ниту германската разузнавачка служба, ниту Таврин и неговата жена не знаеле дека таа група падобранци била заробена од советските единици и дека сигналот на Берлин е испратен под нивна контрола.

авионот Arado Аr 232B

Кога авионот Arado 232B веќе влегол во воздушниот простор кој го контролира советската армија, погоден е од противвоздушно оружје. 

Пилотот решил да се приземји на друго место, во близина на Караманово, источно од Смоленск. Но, за време на слетувањето крилото се закачило за дрво, моторот испаднал и авионот се запалил. 

Пат за Москва

Откако одвај се приземјиле, членовите на екипажот пеш се упатиле во насока на германските трупи. Пилотите во рака имале мапа на теренот и храна во конзерви, но не зборувале руски и носеле германска униформа. Речиси сите се заробени.

Таврин и Шилова седнале на мотоцикл кој бил во товарниот оддел на авионот, и тргнале на пат кон Москва со 428.000 рубли во џеб, со печати од каучук и бланко документи кои теоретски можеле да им обезбедат влез во Кремљ и пристап до Сталин. 

Апсење 

Германските агенти патувале ноќе. Се чинело дека сè се одвива без проблеми. Патролата не ги запрела на пат. Обајцата, секако, зборувале руски, а по ордените се гледало дека се воени лица од висок ранг. Освен тоа, сите документи изгледале како да се вистински. 

Ги издала една дреболија: еден стражар обрнал внимание на тоа дека мотоциклот и патниците не се накиснати, иако претходно паѓал силен дожд.

Тие за време на дождот сè уште биле во авионот, така што не накиснале. Стражарот дал знак за тревога, по што германските агенти биле уапсени.

Советски двоен шпион 

Петар Иванович Таврин (десно).

Помладиот капетан Григориј Фјодорович Григоренко, кој работел во Третиот оддел на Главната управа на контраразузнавачка служба „Смерш“, добил наредба да ги искористи уапсените агенти против Германија. Таврин се согласил да соработува, надевајќи се дека така ќе го спаси својот живот, и по пат на радиоврска соопштува на Берлин дека успешно стасал во Москва. 

Германците се „фатиле“ и така започнала операцијата „Туман“ („Магла“). Планот бил во Москва да се најдат германските шпиони со кои Таврин требало да стапи во контакт и кои би му помогнале да ја изврши задачата и да го убие Сталин. Операцијата „Туман“ е изведена пред да биде завршена војната. 

По операцијата Таврин повеќе не ѝ бил потребен на советската разузнавачка служба, па бил осуден на смрт и стрелан на 28 март 1952 година. Неговата жена Лидија Шилова е стрелана на 2 април.

Сталин умрел од природна смрт на 5 март 1953 година. 

Извори: 

Hitler's Intelligence Chief: Walter Schellenberg

Reinhard Doerries 

The Brandenburger Commandos: Germany's Elite Warrior Spies in World War II 

Franz Kurowski 

The Third Reich's Intelligence Services

Katrin Paehler 

Operaciones secretas de la Segunda Guerra Mundial 

Jesús Hernández Martínez

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња