„Во моето детство, во седумдесетите и осумдесетите, секоја година за време на летниот распуст одев кај баба ми. И секој пат моите родители ме подготвуваа за тоа. Ќе ми објаснеа дека никогаш и со никого не треба да разговарам за тоа од каде доаѓам. А ако некој почне да ме испрашува, веднаш да го прекинам разговорот и да избегам. Во мојот извод на родените и личната карта пишува дека сум родена во Чељабинск“, се сеќава Надежда Кутепова во својата книга „Тајните на затворените градови“. Всушност, таа е родена во Снежинск, уралски „нуклеарен“ град, затворен уште од советската ера.
Затворените населби во СССР почнаа да се појавуваат кога започна развојот на нуклеарниот проект (1945-1953). Сè што се однесуваше на овој проект беше класифицирано како воена, а подоцна и како државна тајна. Дури и имињата на радиоактивните супстанции беа шифрирани. Имено, употребата на зборови како „плутониум“ и „ураниум“ беше забранета.
Дури во 1954 година беа воведени јавните географски имиња на овие места. Имињата им беа доделувани по принципот „назив на најблиската населба плус број на пошта“ и постојано се менуваа. На пример, градот Саров во Нижегородската област до 1994 година се викаше Горки-130, Арзамас-75 и Арзамас-16.
Во личните документи на жителите - градежниците, вработените во претпријатијата на нуклеарната индустрија и членовите на нивните семејства – дури и по 1954 година не се наведуваше местото каде што навистина живеат, туку центарот на локалната област. Граѓаните потпишуваа документ за чување доверливи податоци.
Првите населби се градеа со претпријатијата од нуклеарната индустрија при нивната изградба. Кон крајот на четириесеттите и почетокот на педесеттите години беа воведени посебни барања за местата на изградба на нови комбинати и фабрики. На пример, затворените градови претежно се наоѓаа далеку од копнените граници и европскиот дел на земјата (за да се намали можноста за воздушни напади), во близина на голем извор на вода, на места кои се безбедни кога станува збор за сеизмичките, геолошките и хидролошките услови.
Исклучок беше Саров, за кој се смета дека е основан во 1706 година. Од почетокот на XVIII век таму се наоѓаше машкиот манастир Свето-Успенска пустина Саратовска пустина, надалеку познат благодарение на неговиот игумен, преподобниот Серафим Саровски. По револуцијата од 1917 година, манастирот беше ликвидиран, а во неговите згради беа сместена детска работна комуна, затворска колонија, а потоа и лабораторија за физика.
Арзамас-16.
Николаj Мошков/TASSПодоцна, затворени градови, како и претпријатија од нуклеарната индустрија, беа создавани и во европскиот дел на СССР. Низ целата земја се основаа покрај важни воени објекти.
Првично не беше предвидено вработените да ја напуштаат територијата на овие градови. Затоа на стручњаците им беа одземани личните карти. Заминување се дозволуваше само во исклучителни случаи: смрт на блиски роднини, неопходност од итна или специјална медицинска помош, природни катастрофи. Во секој случај, моравте да покажете документи кои ја потврдуваат неопходноста на заминувањето, да ја опишете маршрутата на патувањето и да потпишете документ за чување доверливи информации. За комуникација надвор од градот се составуваа измислени биографски податоци.
Попуштањето на режимот се случи во 1954 година, кога излегувањето од „зоната“ беше дозволено без прекумерна бирократија. Во 1957 година беа воведени постојани пропусници за жителите на градот. На почетокот беше дозволено да го напуштаат градот еднаш неделно, а доколку се вратат со задоцнување, пропусницата можеше да им биде одземена на три месеци.
Освен значителните ограничувања, жителите имаа и некои предности:
„Моето семејство одлучи да се пресели во Краснодар-26, кога на тато му понудија работа таму, а мама беше бремена. За време на перестројката во СССР имаше недостиг на производи и имаше огромни редици пред продавниците, а во овој затворен град полиците беа секогаш полни“, се сеќава еден корисничка на интернетот.
По распадот на СССР, листата на затворени градови беше објавена во јавноста. Од 1992 година нивниот број се менуваше и некои постепено се „отвораа“.
Денес во Русија има 38 затворени административно-територијални единици (според состојбата од 1 јануари 2021 година). Во десет од нив има објекти на нуклеарната индустрија, во три има претпријатија од ракетната и вселенската индустрија, а 23 припаѓаат на воениот ресор. Во една од нив има ласерски полигон, а во една претпријатие за изградба на комплексни подземни објекти.
Доколку сакаат да посетат некоја од овие населби дури и руските граѓани мораат да добијат дозвола. Меѓу оправданите причини може да бидат блиски семејни врски со жител на населбата, службено патување или договор за работа, како и посета на јавни настани (конференции или натпреварувања). Во други случаи можат да бидат одбиени.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче