Места за избраните: Како се живее во затворените руски градови

Озјорск

Озјорск

Фотографија од приватна архива
Основани во советската ера, во затворените градови под стража биле криени најважните стратешки објекти кои постојат во Русија и до денес. Во овие градови не може да се влезе без посебна пропусница, но тоа не претставува пречка за туристите.

Првите затворени градови се појавуваат во Советскиот Сојуз кон крајот на четириесеттите години од минатиот век. По наредба на Сталин е започнат проект за развој на советско нуклеарно оружје и во глувите места низ земјата никнуваат тајни населени места, кои не фигурираат на картата.

Атомски реактори, фабрики за производство на компоненти за нуклеарни бомби, научни центри за изучување на атомската енергија - сето тоа е сместено во затворените административно-територијални формации (ЗАТФ). Со времето ЗАТФ добива Министерството за одбрана и развивачите на вселенски бродови.

Иако во затворените градови живееле илјадници луѓе, официјално тие не постоеле - ако жител на таков град излезе надвор од него, тој бил загрозен од кривично гонење доколку каже каде живее. Да се ​​влезе на територијата на ЗАТФ без пропусница било невозможно. Но, во замена за суровиот режим што го поднесувале жителите на овие градови,, тие добивале 20% додаток на платата. Добивале и пристап до дефицитарни стоки кои недостасувале во вообичаените градови, на пример колбаси.

По распадот на СССР руските власти извршија декласификација на многу од овие градови, но некои од нив и понатаму остануваат затворени: во моментот во Русија повеќе од 40 градови се во режим ЗАТФ.

Граничен режим

„На границите има високи огради и само на неколку места има премини (контролни пунктови), преку кои може да се влезе во градот“, раскажува Константин, поранешен жител на ЗАТФ Озјорск во Чељабинската област (1443 километри источно од Москва).

Живописниот град Озјорск, изграден во четириесеттите години од минатиот век, е лоциран помеѓу четири езера на Урал. Тука постои крупно претпријатие за производство на компоненти за нуклеарно оружје и изотопи.

Во вакви услови функционираат сите ЗАТФ. Обезбедувањето пушта внатре само носителите на пропусници. Ирина, жителка на друг затворен град - Саров (373 километри источно од Москва), раскажува: „Сум видела три вида пропусници: еднократна, привремена и постојана“. За да се добие постојана пропусница, човек треба да биде роден во таков град или да работи во претпријатие кое се наоѓа во него. Другите два вида пропусници може да се добијат по долгата истрага од службите за безбедност и само во случај некој да е близок роднина на некој од жителите на градот или да оди на службено патување. За обичен турист, уште повеќе странец, да се влезе во градот е многу комплицирано, практично невозможно“.

Саров. Саров. Фотографија од приватна архива. 

Инаку, во животот на луѓето во затворените градови нема никакви други ограничувања. „Никој не го блокира Интернетот, нема полициски час“, раскажува Константин, за да ги побие митовите за овие места.

Тивки пристаништа

Жителите на ЗАТФ ја сметаат за предност безбедноста на животот во ваквите градови. „Во моето детство зборот 'град' беше синоним за нешто безбедно. Кај нас не можеа да  нападнат луѓе, како поранешни затвореници, арамии, хулигани. Имав шест години кога се преселив во друг град со моето семејство, и тогаш за првпат видов на улица една баба која бара милостина - за мене тоа беше вистински шок“, раскажува Константин.

Освен тоа, во овие градови е погодно да се учи и работи, особено за оние кои се вработени во индустријата таму. На пример во времето на СССР Саров бил центар за развој на нуклеарно оружје и денес останува еден од најважните градови за руската наука.

„Во мојот мал роден град немаше универзитети, а институтот во Саров ги привлече оние кои сакаа да се занимаваат со физика и математика“, раскажува Ирина. По завршувањето на институтот, таа останува на работа во Саров - во претпријатие поврзано со корпорацијата „Росатом“, која се занимава со проекти во сферата на нуклеарната енергија.

Да ги отворат или да ги остават?

Недостаток на животот во овие градови е здодевноста, признаваат локалните жители.

„Во Североморск, на пример, воопшто нема што да се прави за релаксација“, вели Роман, кој живее во градот (база на Северната флота на ВМФ на Русија, 1.496 километри северно од Москва). Роман е убеден дека затворениот статус на градот го попречува развојот на бизнисот, и би сакал Североморск да биде отворен. Според него така би било многу полесно да комуницира со пријателите и со роднините, а градот би напреднал економски.

Североморск. Извор: Lori / Legion-MediaСевероморск. Извор: Lori / Legion-Media

Но, не сите жители на ЗАТФ го делат тоа мислење - истражувањата покажуваат дека повеќето жители на затворени градови би сакале ваквиот режим да биде зачуван. Константин од Озјорск исто така е против „отворањето“ на својот град.

„Во нас зборува нашиот менталитет, нашата мала гордост. Доколку во другите градови доколку ви го постават прашањето 'без кои предмети не би го напуштиле градот' одговорот би бил 'телефон и часовник', тогаш во Озјорск секој ќе одговори 'пасош и пропусница'.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња