Пет затворени града кои Русија ги крие од туѓите очи

Лав Федосејев/ТАСС; Russia Beyond
Во Русија има четириесеттина затворени градови и отприлика 1.5 милиони жители кои живеат во нив далеку од очите на јавноста.

Затворените градови се дел од советското наследство на Русија. СССР се натпреварувал со САД во воената сила, поради што во оваа комунистичка земја се појавиле голем број затворени градови каде се вршеле истражувања и каде под превезот на државна тајна се развивале технологии и ново вооружување.

Овие градови не биле впишани на географските карти. Тие се криеле како од странските, така и од советските граѓани. Нивните жители работеле во тајни фабрики и погони. Без специјална дозвола никој од нив не можел да излезе од затворениот град, ниту, пак, да влезе во него. За возврат властите на овие луѓе им обезбедувале станови, им гарантирале работа, подобар квалитет на намирниците и подобра здравствена заштита.

Дури и денес, речиси 30 години по распадот на Советскиот Сојуз, Русија го нема укинато статусот на тајност на определени градови во рамките на своите граници. Тука наведуваме детален опис на пет затворени града за кои се знае по нешто.

1. Нориљск

Станбени згради во Нориљск. Температурата се спуштила до -42 степени според Целзиус, 10 јануари 2018 година.

Вечно замрзнатото тло (пермафрост), екстремно ниски температури и непрекината темнина во долгите поларни ноќи се вообичаена појава за жителите на овој рударски град над Поларниот круг.

Нориљск денес е центар на индустриското рударство во Русија. Основан е во текот на дваесеттите години од минатиот век кога советската власт реши да ги истражува и да ги експлоатира богатите минерални ресурси на овој регион. Затворениците од Гулагот биле принудени да градат рударско-металуршки комбинат во Нориљск. Многумина од нив не ја преживеале суровата клима и тешките услови за работа.

И покрај стратешкото значење Нориљск не беше затворен град сè до 2011 година, кога руските власти решија да му доделат ваков статус. Во официјалното соопштение е наведено дека новиот статус на градот е насочен кон подобрување на станбените услови за неговите жители зашто тие ќе имаат право на дополнителни социјални попусти и олеснувања кои важат само за жителите на затворените градови.

Од друга страна, со стапувањето на новиот статус на сила ограничен е пристапот на странци во оваа „антиутопија“ на вечно замрзнатото сибирско тло. За денес странец да влезе во еден од најзагадените градови на Земјата, тој мора најпрво да поднесе молба за издавање дозвола, дури и ако е новинар, и нема никаква гаранција дека оваа молба ќе биде прифатена.

2. Железногорск

Една од најдобро чуваните државни тајни во поранешен СССР, денес акционерско друштво „Информациски сателитски системи 'Академик Решетњов'“.

Првобитно познат како Краснојарск 26, овој град е основан во 1950 година со цел тука да се произведува плутониум за изработка на нуклеарно оружје. Покрај тоа, во градот се истражуваат и се развиваат космички системи, меѓу другото и познатата програма ГЛОНАСС, руска алтернатива на американскиот GPS.

Определени извори велат дека во градот постојат и нуклеарни постројки слични на оние што можат да се видат на филмовите, и дека тие се направени во планински пештери околу ова подрачје, и тоа на начин што можат да издржат нуклеарен напад.

Според една локална легенда, на странските специјални служби никогаш не им тргнало од рака да уфрлат свој човек во оваа зона, но затоа еден обичен жител од овој град еднаш украл плутониум од тајната фабрика и го чувал во својот стан во обична стаклена тегла. Кога на крајот бил откриен, рекол дека единствено нешто што планирал е да ја отруе својата здодевна тешта.

3. Знаменск (Капустин Јар)

Овој град е затворен од едноставна причина: тој е главна населба во околината на Капустин Јар, рускиот космодром во Астрахањската област.

Кон крајот на четириесеттите години од минатиот век тука е изграден полигон за тестирање на советските балистички ракети. Во 1962 година е преуреден во космодром за лансирање помали истражувачки сателити.

Државната тајна и воените тестирања создаваат атмосфера во која настанале и бујно цутеле гласови дека на ова подрачје се појавуваат НЛО. Некои тврдат дека НЛО се урнало во овој град во текот на педесеттите години од минатиот век, па го споредуваат Знаменск и блискиот Капустин Јар со контроверзниот инцидент во градот Розвел во Њу Мексико.

Во првите години од космичката трка помеѓу САД и СССР имаше непотврдени претпоставки дека Советскиот Сојуз се обидел да испрати луѓе во космосот пред Јуриј Гагарин, а Знаменск е наведен како можно место каде се изведени овие тајни лансирања.

По распадот на Советскиот Сојуз ова место повеќе не ја извршуваше својата функција, а повторно проработе во 1999 година кога руските единици беа префрлени во Капустин Јар.

4. Саров

Во околината на Саров: реката Саровка, меѓу десниот брег и Бесарабенковата улица, Саров, Нижегородска област.

Во Царска Русија Саров бил познат како светиња зашто тука се наоѓале древни манастири подигнати во близина на реката Саровка. По неа го добил името и градот. Легендата вели дека монасите изградиле подземен град каде се симнувале во самотија да му се молат на Бога како отшелници.

По Болшевичката револуција од 1917 година оваа светиња е затворена, за неколку години подоцна местото да биде претворено во една од најдобро чуваните и стратешки најважните локации во целиот Советски Сојуз. Токму тука советскиот нуклеарен физичар Игор Курчатов ја проектирал првата советска атомска бомба позната под називот РДС-1 или „производ 501“.

Тогаш Саров исчезнал од сите географски карти. Никому не му било дозволено да влезе во градот, ниту да излезе од него без специјална дозвола, а таа, пак, не можел да ја добие никој освен учесниците на тајниот проект.

Денес Саров сè уште е затворен град зашто во него и понатаму работи научно-истражувачкиот институт кој е основан за првите советски експерименти со атомско оружје. Сепак, заинтересираните луѓе „од страна“ имаат шанса да се „провлечат“ низ строгиот безбедносен режим во рамките на аџилаците. Но, и во тој случај на влезот секако ќе мора да се остават пасошите, телефоните и фотоапаратите.

5. Североморск

Русија, Североморск. Ракетен крстосувач „Маршал Устинов“ за време на прославата на Денот на Воената морнарица на Русија.

Овој град над Поларниот круг е база на Северната флота на Воената морнарица на РФ и се третира како стратешки истурена одбранбена положба на Русија.

Воено-морската база тука функционира од првите денови на постоење на Советскиот Сојуз, но Североморск добил статус на затворен град дури во 1996 година, само неколку години пред распадот на Советскиот Сојуз.

Кога во 2017 година познатиот руски носач на авиони „Адмирал Кузнецов“ тргна на пат кон Сирија за таму да учествува во руската воена кампања, тој исплови токму од Североморск.

Кога станува збор за самиот град, во него има многу музеи посветени на историјата на руската флота. Климата тука е сурова: влажноста на воздухот е висока, а поларната ноќ трае непрекинато од почетокот на декември до средината на јануари. На странците, сепак, не им е дозволено да влезат во овој град и да ја почувствуваат магијата на поларната ноќ.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња