- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Физичката култура беше еден од столбовите на социјалистичкото образование на младите во СССР. Секој советски граѓанин знаеше како звучи радио-емисијата за утринска гимнастичка, физичкото образование беше задолжителен предмет во училиштата, а учениците покрај тоа имаа и спортски секции. Сите граѓани на СССР кои беа во добра физичка форма редовно се тестираа во рамките на програмата ГТО и добиваа значка за тоа.
Првата фискултурна парада
Идејата за формирање на „нов човек“ подразбираше идеолошко превоспитување и безрезервна приврзаност кон идеите на комунизмот, но и стремеж кон физичко совршенство. Советскиот граѓанин беше идеален ако е здрав, силен и издржлив доволно за покрај тоа што квалитетно ја извршува својата редовна работа, може и да му се спротивстави на непријателот доколку е потребно.
Првата организација која се занимаваше со физичко воспитување на населението беше „Всевобуч“ («всеобщее военное обучение» – „општа војна обука“), основана во 1918 година. Во рамките на таа организација сите мажи на возраст од 18 до 40 години учеа да гаѓаат, да се вкопуваат и да вршат други воени активности. Жените посетуваа обука на доброволна основа. По повод првата годишнина од формирањето на „Всеобуч“, на Црвениот плоштад се одржа парада на која учествуваа питомци на воените школи и борбени баталјони. Ним им се придружија и граѓани кои активно се занимаваа со спорт, што беше нивно прво појавување на Црвениот плоштад.
„Моќна демонстрација на силата и непобедливоста на советскиот народ“
Во текот на 1920-тите секој поголем национален празник се одбележуваше со парада, а почнувајќи од 1931 година, секоја година се одржуваа фискултурни паради.
Целта беше да се популаризира спортот во советското општество, особено меѓу младите.
Во 1930 година во сите високообразовни институции како задолжителен предмет е воведено физичкото образование. Руските студенти до ден-денес мораат да „одат на физичко“, тоа е задолжително како и сите други предмети.
Показните фискултурни настапи имаа за цел ширење на здравиот начин на живот, а во исто време овие паради служеа како доказ за успехот што го постигнува советската влада во воспитувањето на новиот човек, развиен и физички, а не само интелектуално. На пропагандните плакати учесниците на парадата беа прикажувани како „борбената резерва на Црвената армија“, а самата парада како „моќна демонстрација на моќта и непобедливоста на советскиот народ“.
На фискултурната парада 1936 година се појави паролата „Благодарам другар Сталин за среќното детство!“ која подоцна стана култна.
Во СССР постоеше програма ГТО («Готов к труду и обороне» – „Подготвен за работа и одбрана“) која ги поттикнуваше младите да постигнуваат високи спортски резултати. За да се добие значка ГТО, мораа да се исполнат нормите пропишани за соодветната возраст. Секој граѓанин од 10 до 60 години (и за жени до 55 години) можеше да го положи тој тест доколку неговата здравствена состојба беше задоволителна. Програмата ГТО и денес постои во Русија.
Од 1939 година парадите се поврзани со Сесојузниот ден на фискултурата. Во првите години на Втората светска војна (од 1941 до 1943 година) паради не се организираа, но традицијата беше обновена во 1944 година. Во август 1945 година фискултурната парада беше посветена на победата во Втората светска војна.
Подоцна паради се одржуваа во чест на 1 Мај (Денот на трудот) и 7 Ноември (Денот на Октомвриската револуција), а покрај парадите се организираа и спартакијади и други спортски игри.