Како Советите организираа фискултура на работното место (ФОТО+ВИДЕО)

МАММ/МДФ/russiainphoto.ru
Специјалните паузи за фискултурни вежби во фабриките и институциите беа еден од најинтересните аспекти на советскиот живот. Што ги мотивираше ваквите активности и колку беа напорни самите вежби?
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“сме секогаш со вас!

„Секој ден во 10 часот работниците на фабриката „Скороход“ почнуваат да вежбаат. По неколку часа работа, неопходно е да се направи кратка пауза за одмор. Затоа во многу претпријатија во нашата земја е воведена индустриска гимнастика. По вежбите заморот брзо исчезнува и можете да ја продолжите работата со нова енергија“.

Паузите за фискултура не беа ограничени само на оваа фабрика за чевли. Тие беа дел од секојдневниот живот во сите претпријатија и установи во Советскиот Сојуз. Овие паузи се нарекуваа „индустриска гимнастика“, а понекогаш и „фискултурна минутаˮ.

Во советско време, многу внимание се посветуваше на спортскиот начин на живот. Се разбира, тоа не значи дека сите граѓани беа спортисти. На располагање беа и голем број многу популарни активности, од аматерски натпревари до спортски туризам.

Гимнастиката на работното место беше официјално воведена на државно ниво во фабриките и институциите во 1956 година, иако постоеше порано и се спроведуваше одвреме-навреме. Сепак, по декретот на советската влада, беше воведена секаде.

По правило, паузите за гимнастика се организираа двапати на ден и траеја по десет минути. Беше тоа час-два пред ручек и час пред крајот на работното време. Во тоа време, подвижните ленти во многу фабрики беа стопирани и сите работници изведуваа вежби.

Од 1961 до 1991 година на главната советска радио станица (Радио-1) за време на викендите се емитуваше специјална десетминутна програма. Во 11 часот наутро водителите ги поздравуваа советските граѓани и ги повикуваа на фискултура.

На почетокот на 1970-тите во големите фабрики и установи беше воведена позицијата инструктор по гимнастика, кој беше задолжен да ги организира фискултурните паузи и други спортски настани. Во 1980-тите оваа практика се прошири и на колективните фарми (колхози) и училиштата.

Вежбите беа прилично едноставни: чекорење, истегнување, виткање, клекнување. Дури и постарите се приклучуваа. Ваквите кратки паузи ја подобруваа продуктивноста, дисциплината и го одржуваа здравјето на работниците.

Луѓето вежбаа главно доброволно. Сепак, имаше и такви кои не сакаа да го прекинат работниот процес, додека некои едноставно беа премногу мрзливи за да учествуваат.

„Во СССР работев во фабрика за накит. Двапати за време на смената, сите, без исклучок, изведуваа едноставна „индустриска“ гимнастика“, се присетува еден корисник на интернетот. „Тогаш бев многу млад и на почетокот ми изгледаше смешно. Но, по неколку месеци работа која бара постојано седење, многу радо ја користев можноста да се размрдам и учествував во овие вежби. Дури сега сфаќам колку беше добро тоа“.

За време на перестројката гимнастиката на работно место постоеше само формално, а целосно исчезна по распадот на СССР. Меѓутоа, денес некои руски компании се обидуваат да ја оживеат оваа традиција.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња