Овој крт во редовите на ЦИА заработи МИЛИОНИ ДОЛАРИ шпионирајќи за Советите

Russia Beyond (Photo: Legion Media; howderfamily.com/flickr.com)
Шпионирањето за Советскиот Сојуз го спаси Олдриџ Ејмс од банкрот и го направи милионер. Сепак, луксузниот начин на живот не траеше долго.

Кон крајот на 1986 година, на сите во Ленгли, седиштето на ЦИА, им стана очигледно дека организацијата е на работ на катастрофа. Во годините што му претходеа на судбоносниот момент, КГБ беше сомнително успешен во идентификувањето, апсењето и погубувањето на двојните агенти кои американската агенција ги регрутираше во СССР. Непријатната вистина беше дека ЦИА имаше крт во своите редови. Кога тоа стана очигледно, започна потрагата по еден од најплатените шпиони во американската историја.

Смртоносна стапица

Во 1985 година Олег Гордиевски, вршител на должноста шеф на ќелијата на КГБ во Лондон, прими испаничена телеграма од Москва. Му беше наредено да се врати во советската престолнина. Бидејќи беше двоен агент кој работеше и за МИ6, Гордиевски имаше свои причини да не послуша. Сепак, тој одлучи да ризикува да се врати во Москва, каде што подоцна беше дрогиран и испрашуван

Олег Гордиевски

Тоа беше време кога ЦИА ја губеше предноста над КГБ. Контраразузнавачките служби на КГБ со застрашувачка леснотија избираа високи личности во советските безбедносни агенции и научни институции. Смртта ги чекаше оние кои беа фатени како шпионираат за САД.

До 1990 година ЦИА практично престана да регрутира нови двојни агенти во СССР, бидејќи списокот на нејзините агенти исчезнуваше како песок низ прсти.

Лов на кртови

Очајна да го пронајде виновникот, ЦИА собра тим за лов на кртови составен од ветерани: три побелени жени и двајца мажи. Тимот не наликуваше на ловците на шпиони прикажани во филмовите, но ги имаше сите средства и стручност да го открие потеклото на смртоносните информации што ја измачуваа агенцијата.

Тимот за лов на кртот: Сенди Гримс, Пол Редмонд, Џин Вертефејл, Дијана Вортен и Ден Пејн.

Иако беше можно КГБ да има добиено пристап до документите или комуникациите на ЦИА преку грешки и пропусти, теоријата за кртови имаше најмногу смисла.

Во текот на истрагата, тимот за лов на кртови повеќепати беше пренасочуван од вистинскиот пат. На почетокот, КГБ водеше операција за дезинформација, што го натера тимот да поверува дека кртот е стациониран во Центарот за обука Ворентон, доверлив комуникациски објект на ЦИА во Вирџинија. Ловците на кртови истражија над 90 луѓе стационирани во објектот, но без резултати.

Потоа, тимот за лов на кртови состави список на сите луѓе кои имаа пристап до информациите што им беа откриени на Советите. „Знаевме кои луѓе имаат најдобар пристап. Значи, успеавме да ја намалиме листата врз основа на нивото на пристап што го имаше лицето“, рече членот на тимот Џин Вертефејл.

На крајот списокот беше намален на 28 лица. Ако навистина имаше крт во ЦИА, тој беше на таа листа.

Следеше тестирање на полиграф. Еден од испитаните офицери беше офицер на ЦИА вработен во одделението за Советска/Источна Европа Олдриџ Ејмс. Но, тој двапати успешно го помина полиграфското тестирање. 

Тежок развод

Олдриџ Ејмс ја започна својата кариера во ЦИА во 1962 година. Се ожени со колешката Ненси Сегебарт, која подоцна поднесе оставка за да го почитува правилото на ЦИА кое им забрануваше на сопружниците да работат во иста канцеларија.

Олдриџ Ејмс како матурант

Ејмс редовно беше наградуван за својата служба и унапредуван во редовите на ЦИА. Во 1969 година беше испратен во Анкара, на својата прва задача во странство. Неговата работа таму беше да ги таргетира советските разузнавачи.

Меѓутоа, во приватниот живот го следеа бројни неволји. Она што никој не го знаеше е дека бракот на Ејмс оди во надолна линија. Покрај тоа, тој почна да пие и да учествува во инциденти предизвикани од алкохол. Имаше тенденција да одолговлекува и со поднесувањето на финансиските документи. Меѓутоа, сите незгоди беа ставени под тепих.

Во 1981 година Ејмс беше испратен да работи во Мексико, додека неговата сопруга остана во САД. Олдриџ започнал афера со аташето за култура во амбасадата на Колумбија по име Марија дел Росарио Касас Дупуј, која исто така беше информатор на ЦИА.

Марија дел Росарио Касас Дупуј по апсењето

Разделбата од сопругата, заедно со новата врска со жена која многу трошеше, го ставија Ејмс во тешка финансиска состојба. Како дел од спогодбата со неговата поранешна сопруга, Ејмс се согласи да ги плати долговите што ги натрупа парот, како и да обезбеди финансиска поддршка за Ненси во вкупна вредност од околу 46.000 долари. Плашејќи се дека разводот - и навиките на неговата нова љубов - би можеле да го доведат до банкрот, Ејмс ги понуди своите услуги на КГБ.

Шпион од милион долари

На 16 април 1985 година Ејмс влезе во советската амбасада во Вашингтон и ги понуди на продажба тајните на агенцијата за која работеше. За негова среќа, тој потоа беше повторно распореден во одделот на ЦИА за Советска/Источна Европа, место што му овозможи пристап до сите активни случаи и планови за пенетрација на ЦИА во КГБ и советското воено разузнавање. За КГБ тоа беше голема можност и тие беа подготвени да платат.

„Еве неколку соопштенија за печатот што мислам дека ќе ви бидат интересни“, рече советскиот раководител на Ејмс кога тие првпат се сретнаа. По состанокот Ејмс возеше до оддалечен парк и погледна во торбата за да најде добро завиткани банкноти од 100 долари. Вкупно изброи 50.000 долари.

На почетокот Ејмс доброволно понуди некои информации за кои веруваше дека немаат никаква вредност и затоа не можат да им наштетат на интересите на САД. Меѓутоа, бидејќи линијата беше премината, немаше враќање назад. Ејмс падна на великодушната јадица на КГБ.

Олдриџ Ејмс

Интересно е што Ејмс не се обиде да ги скрие своите контакти со Советите кога почна да шпионира за КГБ. Регрутирањето на Советите за шпионирање за ЦИА беше негова работа и тоа му го даде на Ејмс најдоброто покритие на кое можеше да се надева.

Имајќи толку силно оправдување за состаноците со Советите, Ејмс активно се занимаваше со шпионажа против САД. Секој состанок со неговиот советски контакт беше платен со илјадници долари. Ејмс, наводно, примал суми во износ од 20.000 до 50.000 долари секој пат кога ручал со својот советски контакт.

Во текот на деветте години шпионирање, Ејмс доби 2,5 милиони долари во готовина и имаше дополнителни 2,1 милион долари наменети за него во Москва. Неговата вкупна заработка од шпионските активности беше приближно 4,6 милиони долари, што го прави најплатениот шпион во американската историја.

Олдриџ Ејмс, 1994.

Семејството Ејмс не се воздржуваше од екстравагантно трошење на својата заработка. Ејмс плати 540.000 долари за нова куќа во готово, купил луксузен автомобил „Јагуар“, имаше скапи вештачки заби и одела по мерка. Неговата љубовница Марија дел Росарио Касас Дупуј редовно одеше на шопинг и правеше огромни телефонски сметки со тоа што редовно се јавуваше на своето семејство во Колумбија.

Животот на висока нога на крајот предизвика сомнежи во ЦИА. Своето богатство тој го објасни со тврдењето дека колумбиското семејство на неговата сопруга е богато, но ЦИА набрзо откри дека тоа е лага.

Олдриџ Ејмс, 1994.

Ден Пејн, финансискиот експерт од тимот за лов на кртови ја анализираше финансиската евиденција на Ејмс. Тој го спореди пополнувањето на неговата сметка со хронологијата на активностите низ годините и откри алармантна шема: состаноците на Ејмс со советските дипломати за кои тврдеше дека ги регрутира беа поврзани со големи депозити на неговата сметка.

„Кога [Сенди Грајмс, член на тимот за лов на кртови на ЦИА] го сфати тоа, отрча во канцеларијата за да му каже на Пол Редмонд дека Ејмс е шпионот“, раскажува Џин Вертефејл.

Апсење

Истражувајќи го Ејмс понатаму, тимот за лов на кртови собра уште повеќе докази. Кога дознаа дека Ејмс треба да се пресели во Москва на задача како дел од неговата работа во ЦИА, решија дека е дојдено време да го уапсат.

На 21 февруари 1994 година Ејмс беше уапсен додека го напушташе својот дом по лажен повик од неговиот шеф кој го замоли да дојде во ЦИА за да разговара за деталите на неговото претстојно патување во Москва.

Апсењето на Ејмс, 21 февруари 1994.

„Многу ни олесна кога слушнавме дека е фатен. Секогаш бевме загрижени дека ќе се извлече“, рече Вертефејл.

Следниот ден, Ејмс и неговата сопруга Марија беа обвинети за шпионажа, затајување данок и заговор со цел шпионажа против САД. Ејмс ја призна вината и доби доживотен затвор. Како дел од спогодбата за признавање на вина, сопругата на Ејмс беше осудена на пет години затвор.

81-годишниот Олдриџ Ејмс продолжува да ја отслужува својата доживотна казна во Федералниот поправен завод со средна безбедност во Индијана.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња