Зошто ФБИ се откажа од прескапиот шпионски тунел под руската амбасада во Вашингтон?

Russia Beyond (Photo: Legion Media)
Операцијата „Монопол“ беше можеби еден од најамбициозните шпионски проекти за време на Студената војна.

За време на целата Студена војна, САД и СССР играа шпионски игри, а некои обиди за шпионирање на другата страна беа навистина извонредни. Овој таен шпионски проект наречен „Операција Монопол“ беше многу амбициозен, но на крајот доживеа фијаско.

Куќа преку патот

Неколку мистериозни станари се појавија во 1977 година во куќа со три бањи на авенијата „Висконсин“ во Вашингтон (округ Колумбија). Новите сопственици го купија недвижниот имот пред сé поради неговата локација, бидејќи од неговите прозорци можеше да се види градилиштето преку патот како на дланка.

Се градеше новата советска амбасада во САД. Нејзината локација беше од стратешко значење, во најмала рака. Тоа беше возвишение и тоа  второ по висина во главниот град на САД. А долу, 5 километри од таму е Белата куќа, а уште 1,5 километар понатаму е Капитол Хил.

Звучи необично, но Стејт департментот не се консултираше со разузнавачката служба пред да им го додели плацот на Советите, така што американските контраразузнавачи беа затекнати неподготвени.

„Бевме надвор од себе. [Стејт департментот] никогаш не сметаше дека е соодветно да се консултира со ФБИ или НСА“, изјави агентот на ФБИ Дик Али, цитиран во книгата посветена на овој инцидентот.

Државната безбедност на САД беше најмногу загрижена дека новата локација на амбасадата ќе им овозможи на Советите да ги пресретнуваат микробрановите и да ја прислушкуваат радиоврската, радио комуникации, што значи дека нивниот противник од Студената војна теоретски ќе може да ја слуша тајната комуникација меѓу Белата куќа, Стејт департментот, Пентагон, и ЦИА.

За да се елиминира опасноста, ФБИ заедно со НСА започна свој амбициозен шпионски проект „Операција Монопол“.

КГБ на готовс

Американските разузнавачи сакаа да ја прислушкуваат новата советска амбасада. Тоа беше лесно да се посака, но не беше лесно да се направи. Студената војна траеше веќе долго време и Советите за тоа време ги усовршија своите контраразузнавачки вештини. Постојано смислуваа нови методи за шпионирање на американските дипломати во Советскиот Сојуз. На пример, кога се градеше американската амбасада во Москва кон крајот на 1970-тите, КГБ постави „бубачки“ на сите страни уште во фазата на изградба. А инаку, КГБ ја направи Москва најтешкото место за работа на агентите на ЦИА во целиот свет.

Претпоставувајќи дека Американците во САД ќе возвратат со иста мера, Советите ги презедоа сите мерки на претпазливост за да не дојде до тоа. Секоја рамка на прозорецот беше размонтирана, а потоа повторно монтирана и темелно проверена дали има во неа бубачки пред да биде одобрено да се врати на место. За обложување беа избрани мермерни плочи без никакви шуплини, така што да нема место за бубачки, а КГБ го скенираше секој слој материјал во текот на ноќта пред денот кога беше планирано мајсторите да го користат.

ФБИ мораше да бара нестандардни решенија за да го заобиколи тој непробоен шпионски бедем. Набрзо им падна на ум неконвенционална и многу, многу скапа идеја.

Тунел

Американските разузнавачи решија да купат куќа од преку патот од градилиштето и оттаму да ископаат тунел што води директно до советската амбасада, а под него да стават прислушувачи.

Ако планот успее, опремата во тунелот ќе ѝ овозможи на американската разузнавачка служба да ги прислушува извештаите што се праќаат од новата амбасада и на тој начин да дознае дали Советите успеале да пристапат до заштитената државна комуникација.

ФБИ почна да го копа тунелот за време на изградбата на советската амбасада. Тоа мораше да се прави многу внимателно за КГБ да не се посомнева во ништо, бидејќи советската државна безбедност постојано размислуваше за начините на кои новата амбасада би можела да биде компромитирана. Проектот се одвиваше во тајност, а ископаната земја се носеше од куќата под превезот на ноќта.

Изградбата на новата советска амбасада траеше со децении, како и копањето на шпионскиот тунел. Сè на сè, операцијата „Монопол“ траеше повеќе од десет години и ја чинеше Америка стотици милиони долари.

Во одреден момент, некои високи функционери на ФБИ почнаа да се сомневаат во целисходноста на проектот поради сумата на пари што беше потребна за негова реализација. Во случај на обелоденување на операцијата, ќе се покажеше дека на тој начин се потрошени милиони долари.

Покрај тоа, ФБИ немаше детален план на новата зграда на советската амбасада.

„Проблемот беше што не знаевме каде ќе се појавите. Имавме план на зградата, но не можевме да знаеме каква функција ќе има секоја просторија. Може да испадне тоа да биде просторија за фотокопирање или шпајз . А нам ни требаше бифе каде што луѓето разговараат. Или заштитена просторија, каде, како што тие мислат, никој нема да ги слушне“, се наведуваат во книгата зборовите на поранешниот агент на ФБИ.

Меѓутоа, најголемиот проблем за американските разузнавачки кругови беше тоа што најсовремените шпионски „бубачки“ што ги поставија во тунелот, кога тој беше завршен, не дадоа никакви резултати. Можно е Советите да ги забележале и да ги неутрализирале. Колку и да е болно, разузнавачката служба на САД мораше да претпостави дека во нејзините редови се крие „крт“.

Двоен агент

Роберт Филип Хансен; поранешен агент на ФБИ осуден за шпионажа.

Најлошите претпоставки на ФБИ се обистинија дури во 2001 година, десет години по распадот на СССР, кога агентот на ФБИ Роберт Хансен беше уапсен и обвинет за шпионажа, а јавноста дозна за постоењето на тунелот.

Излезе дека двојниот агент уште во 1989 година ја информирал КГБ за овој проект и продолжил да работи за Русите и по распадот на Советскиот Сојуз. Така, советската, а потоа и руската разузнавачка служба цело време била упатена во обидите на ФБИ со помош на тајниот шпионски тунел да ги прислушува доверливите разговори во руската амбасада на авенијата „Висконсин“.

По неговото апсење и раскринкување, Роберт Хансен беше осуден на 15 последователни доживотни затворски казни без право на предвремено пуштање на слобода во федералниот строг затвор ADX Florence во близина на Флоренс, Колорадо.

Немајќи никаква подобра опција, ФБИ одлучи да го запечати тунелот на страната на куќата во авенијата „Висконсин“.

Еден агент на ФБИ по тој повод рече: „Секако дека треба да се запечати... Дали би ви било пријатно да живеете во куќа во која ненадејно би можеле да упаднат Руси?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња