Во 1757 година, по смртта на гардискиот полковник на Преображенскиот полк Андреј Фјодорович Петров, неговата сопруга Ксенија го облекла костимот на својот сопруг, зелен кафтан и црвени панталони, велејќи им на сите „умре Ксенија Григорјевна“, барајќи од сите да ѝ се обраќаат со Андреј Фјодорович.
Сопругот на Ксенија умрел ненадејно, не стасувајќи да се причести, а таа, за да се заложи за спасение на душата на мажа си го зела на себе подвигот на јуродивост. Современиците ја запаметиле токму така, во црвено-зелен „преображенски“ костим, а на ист начин е прикажана и на современите икони.
Откако го наследила имотот, 26-годишната вдовица од благородничко семејство се откажала од земските добри. Сѐ што имала им поделила на сиромавите, куќата ја препишала на вдовицата Параскева Антонова која кај неа изнајмувала соба, а имотот го подарила на црквата „за упокојување на душата на Ксенија“.
Роднините на нејзиниот сопруг мислеле дека Ксенија го изгубила умот, па им се обратиле на надлежните, барајќи старателство над неа за во душевно растројство да не го раздели сиот имот. По извршениот разговор со Ксенија, службите заклучиле дека таа со здрав ум, способна и дека има право да располага со својот имот онака како што сака.
Треба да се каже дека во таа доба кон јуродивите (луди за Христа) се однесувале многу строго. Уште Петар Велики определил законска рамка за сузбивање лажна јуродивост и хистерија, за луѓето да не паѓаат во искушение себеси да се прогласуваат за јуродиви. Освен оние јуродиви кои навистина го изгубиле умот или се одлучиле за „доброволно безумие“ или аскетизам, во стара Русија има и доста лажни „луди“ кои сакале да ги заобиколат општествените конвенции, закони и правила на однесување, како и оние кои под маската на малоумие тежнееле да изразат општествен или политички протест или оделе по лично збогатување како просјаци.
Почнувајќи од 18 век јуродивоста се казнувала со мачење и со робија. Кај Ксенија која била од благородничко потекло и правела добри дела очигледно дека ништо не можело да се најде за да биде осудена.
Ксенија не барала милостина од сограѓаните, често и одбивала, а кога би зела ги дарувала паричките на сиромашните. Била кротка, скромна и не правела ништо што е карактеристично за душевно болна личност. Дење талкала по улиците, ги посетувала познаниците, а ноќе, како што тврдела полицијата што ја следела, заминувала на поле надвор од градот и времето го минувала во молитва. Понекогаш ќе преноќела кај некој од малобројните познаници.
Петербуржаните започнале да забележуваат како на оние кон кои покажувала наклоност сѐ им одело од рака. Трговците на пазар ја молеле да намине во нивниот дуќан, а мајките трчале кај Ксенија за да ги благослови нивните чеда или само да ги помилува по глава, верувајќи дека тоа ќе го излекува детето и дека ќе му донесе среќа.
Претпоставен портрет на Ксениjа
Public domainВо 1761 година, наспроти Божиќ, Ксенија вознемирена трчала по улиците и викала: „Пржете палачинки, пржете палачинки, наскоро цела Русија ќе пржи палачинки!“. Сограѓаните се чувствувале мошне неудобно, со оглед на тоа што според православните обичаи палачинки се подготвувале за помени. Императорката Елизавета Петровна починала на 25 декемрви.
Во 1764 година јуродивата Ксенија ја предвидела смртта на престолонаследникот Иван Шести Антонович кој уште кога имал две години бил фрлен во зандана, а од шеснаесеттата година бил затворен во Шлесилбуршката тврдина. Наспроти неговата смрт Ксенија непрекинато плачела, а на прашањата одговарала: „Крв, крв, крв... Реките се наполнија со крв, каналите се крвави, таму има крв, крв...“ По неколку недели Иван бил избоден кога завереници се обиделе да го извадат од заробеништво.
Ксенија на луѓето знаела ненадејно да им даде и мистериозни совети што ги менувале нивните животи. Еднаш се појавила на прагот на својата поранешна куќа и на новата сопственичка Параскева Антонова ѝ рекла дека „Бог ѝ испратил син“ и дека веднаш треба да оди на Смоленските гробишта. Жената се упатила онаму кадешто ѝ било кажано и на влезот од гробиштата здогледала собрани луѓе, а потоа дознала дека некој кочијаш што управувал со запрега соборил жена која била баеги трудна. Таа од силата на ударот се породила и веднаш починала. Параскева го зела детето и кога сфатила дека нема да се појави никој од роднините, му дала име Андреј и го посвоила.
Друг пат Ксенија на една позната девојка ѝ рекла дека „нејзиниот маж ја погребува жена си на Охта“ (дел од Петербург). Таа отишла таму и на погребот се запознала со неутешниот вдовец што ја изгубил сопругата (починала на породување). По една година девојката се омажила за него и во мир и слога со лекарот дочекала старост.
На еден друг маж што ја молел Ксенија за нешто му рекла: „Еве ти коњ! Далеку со него ќе стасаш!“ (на заднината на паричката од една и две копејки се наоѓал свети Георги Победоносецот на коњ). Човекот наскоро се збогатил.
Во 1786 година на Смоленските гробишта започнала изградба на камена црква. Набргу работниците забележале дека наутро на градбата се појавувале нови тули. Како што излегло, старицата Ксенија доаѓала по залезот на сонцето и сѐ до изгрејсонце редела тули на врвот од ѕидот подигнат во текот на денот.
„Кога спиеш воопшто, Андреј Фјодорович?“, прашале работниците. „Ќе се наспијам под земја“, одговарала таа.
Ксенија сакала камената градба да биде што поцврста. „Многу нешта ќе мора да издржи... Ништо...“ Во 1824 година гробиштата биле разорени во поплава, а водата однела голем број крстови и гробови, уништени се гробишните книги, но храмот опстојал.
Недалеку од оваа црква на Смоленските гробишта е погребана Ксенија. Починала во 71 година од животот.
Гробот на Ксенија наскоро станало место за аџилак. Луѓето што доаѓале тука за да молат за помош земале грутка земја, па хумката морала двапати да се насипува.
Постои легенда според која на почетокот на седумдесеттите години од деветнаесеттиот век Марија Фјодоровна ја молела Ксенија да му помогне на идниот император Александар Трети да се излекува од тифус. Преданието вели дека собарот на великата кнегиња ѝ предал песок од гробот на Ксенија што потоа го ставале под перницата на болниот. Нејзе таа ноќ ѝ се покажала старица која му предвидела оздравување на Александар, но и раѓање на ќерка на која требало да ѝ го дадат името Ксенија. Родителите го сториле тоа.
На гробот на Ксенија во 1902 година подигната е капела со мермерен иконостас и со надгробен споменик. Странската Руска православна цркна ја канонизираше Ксенија Петроградска на 24 септември 1978 година, а на 6 јуни 1988 година на Помесниот собор на Руската православна црква прогласена е за светителка.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче