Петмина наследници на рускиот трон чие царско потекло го платиле со животот

Public domain
Овие момчиња од царските семејства не стасале до тронот – паднале како жртви на постојаните борби за власт.

Дмитриј Иванович, внук на Ивана III (1438-1509)

Дмитриј Внук, претпоставен изглед, „Платно на Елена Волошанка“.

Бил наследник на московскиот престол, но починал во затвор. Дмитриј Ивановивич е роден во 1483 година, бил син на наследниот московски кнез Иван Младиот и внук на Иван Трети, великиот кнез московски и основач на Московската држава. Во историјата е познат како Дмитриј Внук („Дмитрий Внук“).

Иван Младиот, наследникот на московскиот престол, се разболел ненадејно во 1490 година. Бил ангажиран странски лекар од Венеција кој ветил дека по цена на својот живот ќе го исцели наследникот, но не успеал во тоа, па затоа Иван Трети го погубил, а Иван Младиот на крајот починал. Осум години подоцна (1498) Дмитриј Иванович е прогласен за можен наследник на својот дедо Иван Трети,

Меѓутоа, Иван Трети имал деца од вториот брак со Зоја (Софија) Палеолог. Нивниот постар син Василиј Иванович бил чичко на наследникот Дмитриј Иванович и бил четири години постар од него. Василиј во 1502 година станал совладетел на својот татко. Крунисан е како велики кнез на Москва и Владимир (исто така голем град во тоа време) и на цела Русија.

Кога во 1505 година Иван Трети починал, Василиј фактички станал владетел и кутриот Дмитриј Иванович го ставил во затвор, а тој во 1509 година починал, кога имал само 25 години. За неговиот живот не се знае ништо. Единствениот зачуван приказ на Дмитриј Иванович се наоѓа на извезено платно кое, како што се претпоставува, го направила неговата мајка.

Фјодор Годунов (1589-1605)

Фјодор II, руски цар, 17 век.

Фјодор бил син на Борис Годунов, а Борис бил брат на царицата Ирина, жената на царот Фјодор Иванович, син на Иван Грозни. Царот Фјодор не бил премногу упатен во управувањето со државата и целата власт фактички му ја препуштил на Борис Годунов. По смртта на Фјодор Иванович во 1598 година рускиот Земски собор го избрал Борис за нов цар.

Фјодор уште во раното детство сите го третирале како царско дете, а кога во 1598 година неговиот татко и официјално станал цар, момчето учествувало во церемонијата на крунисувањето. Веќе во својата десетта година Фјодор имал личен државен печат. Бил школуван и учествувал во државните церемонии и на заседанијата.

Борис Годунов го набљудува свој сина за време час по географија, 19 век. Н. Некрасов.

Во април 1605 година Борис Годунов ненадејно починал, и тоа во екот на војната против Лажниот Дмитриј Први кој со помош на Полјаците тргнал на Москва. Во таа Смутна доба во Русија се појавиле неколку самонаречени „цареви“ кои се претставувале како Дмитриј Углички, малолетниот син на Иван Четврти Грозни кој починал уште како дете во 1591 година.

По смртта на татка си 16-годишниот Фјодор фактички станал цар, но сѐ уште не бил подготвен да дејствува во согласност со титулата. Сѐ уште не бил помазан на царство кога во јуни 1695 година бил уапсен во Кремљ, а Лажниот Дмитриј Први бил прогласен за „вистински“ вар. Веројатно истиот ден Фјодор Годунов бил убиен во Москва заедно со својата мајка Марија Годунова.

Иван Дмитријевич, синот на Лажниот Димитриј II (1610-1613)

Бегството на Марина Мнишек, 19 век, дело на Леон Јан Вичулковски.

Лажниот Дмитриј Втори исто така бил самозванец. Тој се оженил со полската благородничка Марина Мнишек, која претходно била жена на Лажниот Дмитриј Први. Тој Лажен Дмитриј Први бил убиен и неговото тело било истакнато на Црвениот плоштад, но Марина потоа во другиот човек ненадејно го „препознала“ својот по „чудо спасен“ маж. Овие луѓе навистина сакале да владеат со Русија по секоја цена.

Лажниот Дмитриј Втори е убиен во 1610 година пред породувањето на Марина. Неколку дена по смртта на Лажниот Дмитриј Втори таа го родила Иван Дмитриевич. Конард Бусов, Германец кој служел во Русија, напишал дека руските благородници „ветиле оти тајно ќе го одгледаат (момчето), за да не го убијат гонителите. И ако Бог му дарува живот, тој подоцна ќе стане суверен владетел на Русија. За него воделе сметка како за принц“.

Марина со детето живеела во Коломна, и кога Иван во 1613 година наполнил три години таа објавила дека нејзиниот син има право на рускиот трон. Штом престол ѝ припаднал на династијата Романови, Марина и нејзиниот син биле прогласени за злосторници. Се обиделе да избегаат во Атрахањ, но биле фатени. Марина била фрлена во зандана, а малиот Иван Дмитриевич, кој одвај разбирал што се случува, јавно бил обесен во Москва. Легендата вели дека Марина Мнишек поради тоа ги проколнала Романови.

Иван VI, „рускиот цар со железна маска“ (1740-1764)

Царот Иван VI Антонович, 18 век.

Иван Четврти имал прилично недефинирано право на рускиот престол. Бил правнук на Иван Петти, совладетел на Петар Велики, додека со Русија владеела Ана Ивановна (1693-1740), ќерката на Иван Петти. Ана сакала да го задржи тронот во рацете на својот сродник и затоа синот на својата внука Иван Шести во тестаментот го прогласила за следен император.

Ана Леополдновна, внука на царицата Ана и мајка на Иван Шести, набргу по смртта на царицата се прогласила себеси за регент, но во 1741 година ја исфрлила Елизавета Петровна, прогонувајќи ја Ана Леополдовна и целото нејзино семејство, вклучувајќи го и синот, во селото Холмогори на рускиот Север. Ана Леополдовна починала во прогонство во 1746 година.

Иван во 1756 година е префрлен во самица во Шлилсбуршкиот затвор, познат по строгоста, и таму го нарекувале „извесен затвореник“, а на стражарите им било забрането да разговараат со него. Тој знаел за своето царско потекло.

Мирович покрај телото на Ивана VI, Иван Творожников, 1884 година.

Екатерина Велика во 1762 година го посетила Иван Четврти во затвор, а подоцна наредила да го убијат доколку се обиде да избега. Потпоручникот Василиј Мирович во 1764 година се обидел да организира бегство на Иван од затворот, и во таа пригода потенцијалниот наследник е убиен.

Принцот Алексеј Николаевич (1904-1918)

Принцот Алексеј Николаевич.

Принцот Алексеј, синот на царот Николај Втори Романов, бил последен наследник на престолот во Руската Империја. Го убиле болшевиците на 18 јули 1918 година во Екатеринбург.

Од раното детство било очигледно дека Алексеј боледува од хемофилија, болест на крвта што ја има наследено од мајка си. Болеста на малиот наследник ги принудила родителите да бараат помош и од професионални лекари, и од „стручњаци за алтернативна медицина“, Излегло дека Григориј Распутин и покрај сомнителната репутација навистина успеал да го исцели принцот или барем да му го запре крвавењето.

Алексеј, син на царот Николаја II пред Императорскиот воза у Могиљово, 1915-1916

Болеста не влијаела на карактерот на момчето. Алексеј бил немирко, не сакал училиште, но ја сакал војската. Како наследник на престолот бил атаман (командант) на сите козачки полкови во Империјата, а исто така и почесен командант на над 20 полкови. Сакал да го минува времето со војниците. Задно со нив јадел каша и боршч и воопшто не бил надмен во разговорите со слугите и со обичните луѓе. Згора на тоа, свирел на балалајка, инструмент што „не доликувал“ на членовите на царското семејство, поради што можеби и толку му се допаднал.

Алексеј на себе ги почувствувал сите незгоди на револуцијата и прогонство заедно со татка си, мајка си, сестрите и најверните слуги. Сите на крајот биле брутално убиени. Руската православна црква во 2000 година го канонизираше принцот Алексеј како маченик заедно со останатите членови на царското семејство Романови.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња