5 КЛУЧНИ прашања за „ДИВИТЕ 90-ти“ во Русија

Frederique LENGAIGNE/Gamma-Rapho via Getty Images
Дознајте што ги предизвика „дивите 90-ти“ и дали беа толку лоши колку што сите мислеа дека се.

1. Што беа „дивите деведесетти“?

Популарниот термин се однесува на периодот на руската историја кој започна со распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година и траеше до самиот крај на 1990-тите. Општо кажано, овој период се карактеризира со големи промени во политичката, социјалната и економската политика на државата, кои заедно имаа големо влијание врз животот на Русите во целина.

Промените беа толку брзи и сеприсутни што милиони луѓе не успеаја правилно да се прилагодат на новите услови. Други, напротив, можеа да ги искористат можностите што не постоеја пред само неколку години. Накратко, периодот од 1991 до 1999 година значеше осиромашување и безнадежност за милиони несреќни Руси, но и златна можност за оние кои умееја брзо да се прилагодат на новата ера.

2. Зошто се случија „дивите деведесетти“?

Кога во 1991 година се урна неефикасниот советски систем, новата руска влада се соочи со огромна задача: како да го трансформира стариот советски политички и економски систем во модерен.

Владата поставена од првиот претседател на Русија Борис Елцин имаше решение. Тие предлагаа либерализација и пазарни реформи на социјалистичката економија. Накратко, владата планираше да ја прекине секоја контрола врз економијата: да ги либерализира цените, драстично да го намали учеството на државата во економијата, да иницира приватизација на државниот имот, да ја намали државната потрошувачка и, во суштина, да ги пушти луѓето да заработуваат за себе.

Меѓутоа, во пракса овие мерки имаа многу негативни последици. Прво, либерализацијата на цените доведе до неконтролирана инфлација, која преку ноќ ги девалвираше заштедите на повеќето луѓе.

Типична приказна за тоа време беше дека парите што луѓето ги штеделе за автомобил беа доволни само за да купат зимски капут или сличен релативно евтин предмет. Покрај тоа, многу претпријатија едноставно престанаа да им исплаќаат плата на работниците. Затекнати од овие тешки околности, луѓето немаа друг избор освен да најдат излез. Тука се појави „дивиот“ фактор.

3. Зошто 1990-тите беа „диви“?

Либерализацијата на економијата и отворените граници отворија многу можности за бизнис. Покрај тоа, новата руска влада го легализираше приватниот бизнис, кој во СССР беше забранет.

Многу луѓе се впуштија во оваа сфера со надеж дека ќе ја реализираат шансата на животот. И многумина успеаја во тоа. Меѓутоа, имаше проблем: слабата држава не можеше да обезбеди соодветна заштита и владеење на правото кои беа потребни бизнисмените да работат без страв дека ќе изгубат сè преку ноќ.

Навистина, многумина ги загубија своите успешни бизниси поради криминалните групи кои се обидоа да ги искористат богатите, но незаштитени претприемачи за да го максимизираат сопствениот приход. Криминални групи упаѓаа во претпријатијата и насилно ги презимаа од претходните сопственици.

Плашејќи се од загуба на својот имот, бизнисмените со задоволство бараа заштита од организираниот криминал во замена за редовни плаќања. Интересите на различни банди често се судираа, предизвикувајќи насилни судири на улиците на повеќето руски градови.

Луѓето ќе се збогатеа и ќе умреа за миг. Оваа непредвидливост и хаос се главните причини зошто деведесеттите во Русија беа наречени „диви“.

4. Зошто „дивите деведесетти“ беа толку опасни?

Во овие околности, нарачаните убиства и атентати станаа широко распространети. Покрај елитните убијци кои се прославија убивајќи десетици луѓе во текот на нивните кариери, на многу обични луѓе  извршувањето нарачани убиства им стана професија.

„Убиј или биди убиен“ стана водечки принцип за многу претприемачи и бандити во состојбата на беззаконие која настана по распадот на Советскиот Сојуз. Секој кој имаше среќа да заработува добро во 1990-тите во Русија се шеташе со метафорична цел на грбот.

За да го разбереме обемот на тоа, околу 32.000 случаи на убиства беа отварани секоја година во Русија во текот на 1990-тите; до 1.500 од нив беа нарачани убиства. Општеството беше поделено на „ловци“ и „плен“, правејќи ги грубата сила и личниот интерес единствен начин да се заработат пари и да се преживее.

Ситниот криминал меѓу тинејџерите исто така беше широко распространет, што претставуваше плодна почва за некои од нив за неколку години да се претворат во сериозни криминалци.

Покрај тоа, лажните пирамиди како „МММ“ му нанесуваа штета на финансиски несофистицираното население, кое слепо вложуваше во Понзи-шеми и ја загуби својата заштеда додека да трепнеш.

5. Дали имаше нешто добро во врска со „дивите 1990-ти“ во Русија?

Изненадувачки, имаше и некои позитивни аспекти на „дивите 1990-ти“. Во најголем дел, луѓето добија свеж воздух по задушувачката ера на стагнација во СССР. Одеднаш цензурата исчезна и луѓето имаа можност да гледаат бразилски и мексикански сапуници, додека децата првпат го почувствуваа вкусот на американските цртани филмови.

Странските производи како фармерки, гуми за џвакање, Денди, Сега, Лего, Барби и други странски брендови станаа достапни, но скапи. Холивудските филмови со назална натсинхронизација станаа заштитен знак на 1990-тите во Русија за многу луѓе.

Глобално гледано, 1990-тите донесоа невидено ниво на политичка слобода и демократија во Советскиот Сојуз. Тоа беше време кога слободниот печат во Русија земаше залет и луѓето имаа вистинска можност да го искористат своето право да ги избираат своите претставници, како и да протестираат против политиките со кои не се согласуваа, а кои, во најмала рака, ги имаше многу.

И покрај сите негативни аспекти на „дивите 1990-ти“ во Русија, има многу луѓе кои со носталгија се сеќаваат на овој период.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња