Еден ден во јануари 2013 година шефот на московската полиција стаса на местото на злосторството. Еден човек беше убиен среде бел ден во центарот на Москва. Куршумот му ја имаше пробиено главата, што беше предизвикало моментална смрт. Немаше потреба да се претура по паричникот на жртвата за да се дознае нејзиниот идентитет. Лицето на Дедо Хасан, еден од највлијателните босови во земјата, беше и повеќе од познато.
Улиците во руските градови во деведесеттите години од минатиот век беа поприште на криминалните борби. Но, како обичните разбојници стануваа влијателни и авторитативни босови и зошто ги викаа „криминалци во законот“ (воры в законе)?
Познати и влијателни криминалци постоеле и во времето на царска Русија, но дури Сталиновите репресии ги издвоија во посебна класа. Во гулазите некои затвореници го отфрлаа со закон уредениот свет и создаваа сопствена насилна супкултура која имаше строга хиерархија, свој јазик и непишан „код на честа“.
Аслајан Усојан
АрхиваКриминалците го отфрлаа законот, но се колнеа дека ќе живеат според правилата, според новиот „закон“ што самите го имаа создадено. Оние што ќе го прекршеа често беа осудувани на смрт.
Озлогласениот бос Аслајан Усојан, познат како Дедо Хасан, првата казна ја имаше отслужено на само 19-годишна возраст. Осуден беше за спротивставување на полицијата, а подоцна уште неколку пати имаше лежено во затвор поради нелегална трговија со девизи и пљачки.
Со текот на времето Дедо Хасан стана веројатно највлијателниот криминален бос не само во Русија, ами и ширум Заедницата на независни држави.
Иако Дедо Хасан и другите мафијашки босови поголемиот дел од влијанието во руското подземје во деведесеттите години на минатиот век го засновуваа на својата насилна природа, немилосрдно однесување и подготвеност да преземат ризици, постоеше и тајна церемонија со која официјално им беше доделувана титулата „криминалец во законот“.
Криминалното „крунисување“ подразбираше церемонија со која некој стануваше професионален криминалец, односно „криминалец во законот“. Ова звање се почитуваше и се признаваше во криминалниот свет во цела Русија. Пред распадот на Советскиот Сојуз тоа беше единствен начин некој да стане препознаен како дел од мафијашкиот врв.
Официјално за приклучување кон руската мафија потребно беше да се вложат време и труд. Осудениот криминалец кој сакаше да стане „криминалец во законот“ мораше да води „чесен“ живот во затворот, Што значи дека не смееше да соработува со затворската управа, ами на секој начин да го подрива нејзиниот авторитет. Исто така мораше меѓу познатите босови да има покровител кој ќе гарантираше за него.
Во таков случај стануваше „стремящийся”, односно еден вид претендент за титулата. Таа информација се ширеше во криминалните кругови и доколку не се појавеше некој со информација која можеше да го урне угледот на претендентот, го повикуваа на собрание на највлијателните и најмоќни криминалци кои ќе го испрашуваа за неговото минато и ќе го проценуваа неговиот карактер.
Доколку присутните беа задоволни од одговорите, ќе го прогласеа за свој колега криминалец во церемонија на „крунисување“. Церемонијата не беше особено свечена, ниту за неа беше потребна каква било реална круна. Собирот едноставно го прифаќаше кандидатот како „еден од своите“.
По „крунисувањето“ новиот член на криминалната заедница мораше засекогаш да се откаже од животот во согласност со законот. Тој повеќе не можеше да работи за некого, ниту да заработува пари по законски пат, не смееше да служи во војска, ниту да соработува со легалните власти.
А добиваше привилегии кои ги немаа обичните криминалци. „Тие се чувствуваа како браќа и како еднакви меѓу себе. Се поддржуваа еден со друг, беа чесни еден кон друг и еден со друг се чуваа“, запиша полицискиот полковник и писател Сергеј Дишев.
Но, распадот на Советскиот Сојуз ги измени правилата. Дивиот капитализам на деведесеттите години од минатиот век внесе раздор и меѓу криминалците.
Некогашните браќа се свртеа еден против друг кога почнаа да ги делат сферите на влијанието. Дури и нивниот изглед се смени.
„Сега повеќе не се одвојуваат од другите групи, избегнуваат тетоважи кои порано отворено ги бележеа како припадници на криминалниот свет“, запиша Марк Гаелоти, научник кој ја проучуваше руската мафија.
Престана да важи и забраната криминалците да се занимаваат и со легален бизнис. Оние кои имаа стекнато доволно моќ и влијание почнаа да ги освојуваат сите сфери на економијата.
Еден од мафијашките босови, Шурик Захар, познат по своите судири со чеченската и со грузиската мафија во руската престолнина, инвестираше во производство на алкохол и во дистрибуција на автомобили. Друг, пак, Павел Захаров, кој превезуваше кокаин од Колумбија во Русија застапуваше нов начин на работење: „Чувањето залихи на илегални пари е одлична работа, но криминалците мораат да имаат стабилна финансиска база за денес да имаат моќ, а таквата база може да создаде босови кои инвестираат легален бизнис“.
Во оваа куќа е уапсен Захариј Калашов (Шарко Молодој)
SputnikОсобено моќните и снаодливи криминалци со текот на времето држеа значителен дел од националната економија. Империјата на Дедо Хасан имаше удел во банки, казина, хотели, пазари, ресторани и во други бизниси во Русија, во ЗНД, па дури и во Европа.
Сепак, најрадикалната промена поради која многумина криминалци платија со својот бизнис беше недостигот на почитување меѓу нив. Пред деведесеттите години од минатиот век не беше возможно некој да убие „крунисан“ криминалец без дозвола од останатиот дел на заедницата. Во деведесеттите години од минатиот век тоа се смени. Оние што порано беа недопирливи, ги убиваа толку често што тоа веќе никого не можеше да го изненади.
Зиме во 2013 година, еден од највлијателните „криминалци во законот“ во тоа време, Дедо Хасан, одеше во својата неофицијална канцеларија која се наоѓаше во еден ресторан во центарот на Москва. Не го ни слушнал пукањето зашто убиецот користел „Вал“, советска нечујна автоматска пушка. Неговата смрт означи крај на една епоха.
Прочитајте исто така: Тројцата најпознати руски платени убијци од „дивите деведесетти“
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче