Зошто „Ростов е тато, а Одеса мама“: Градови во СССР во кои цутеше криминалот

Russia Beyond (Photo: Архив МУП; Osman6666; V.Kozlov/Sputnik)
Во некои советски градови бандите повремено го тероризираа населението толку многу што властите понекогаш мораа да ја ангажираат војската, па дури и лично маршалот Жуков.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Одеса 

Одеса беше позната по своето подземје уште во времето на царска Русија. Во овој град оперираа надалеку познатите криминалци како Миша Јапончик и Софија Бљувштејн, попозната под прекарот Соња „Златната рака“.

Криминогената ситуација во Одеса, „бисерот на Црноморската ривиера“ не беше ништо подобра ни во првите децении на советската власт, а по крајот на Втората светска војна стана крајно алармантна бидејќи бандитите беа многу побројни од припадниците на органите на редот.

Улицата „Дерибасовскаја“ во Одеса, 1963.

Само лудо храбар човек или новодојденец кој не беше запознаен со ситуацијата во градот можеше да шета по улиците на Одеса ноќе. За волја на вистината, дури ни во своите станови луѓето не беа секогаш доволно безбедни. Често се случуваше бандите „Црна мачка“ и „Доџ-3/4“ за време на грабеж да упаднат во стан, да го заколат целото семејство и да исчезнат без трага во разгранетата мрежа катакомби под градот, кои останале од некогашните каменоломи.

На крај советската влада реши конечно еднаш и засекогаш да се пресмета со локалните криминалци. За таа цел беа ангажирани Вооружените сили. Припадниците на армијата и самите беа заинтересирани бидејќи жртви на бандитите често беа офицери на советската армија кои дошле на одмор.

Маршал на Советскиот Сојуз Георгиј Жуков.

Во Одеса 1946 година дојде „Маршалот на Победата“ Георгиј Жуков, кој беше назначен за командант на Одескиот воен округ. Новата должност за него беше како егзил. Имено, Сталин на тој начин сакаше да се ослободи од претерано популарниот војсководец и да го испрати што подалеку од главниот град.

Припадници на милицијата

Постои легенда според која Жуков го иницирал спроведувањето на тајната операција „Маскарада“ во Одеса. Припадниците на милицијата и воената разузнавачка служба во цивилна облека ноќе шетаа по улиците на градот и служеа како мамка за криминалците. Штом некој бандит ќе се обидеше да ги ограби, тие пукаа без предупредување. Така, наводно, за неколку месеци биле ликвидирани стотици бандити.

Денес многумина се сомневаат во таа операција, но апсолутно е очигледно дека маршалот во најкраток можен рок ги ликвидирал криминалните кругови во Одеса.

Ростов на Дон

Улицата „Фридрих Енгелс“ (сега „Бољшаја Садоваја“) во градот Ростов на Дон 1965.

Ростов на Дон отсекогаш беше главната конкуренција на Одеса во борбата за звањето бандитска престолнина на Руската империја. Криминалните кругови на овие градови беа тесно поврзани, така што меѓу бандитите често се зборуваше: „Ростов е тато, Одеса мама“.

Во Советскиот Сојуз, за криминогената ситуација во Ростов почна нашироко да се зборува во доцните 1960-ти. Токму тогаш во овој град почна да дејствува бандата „фантоми“. Тоа беше можеби најкреативната криминална група во советската историја. Нејзините припадници носеа црни хулахопки (оттука и името на бандата) и упаѓаа во продавници и филијалите на „Госбанка“, вооружени со пиштоли кои самите ги конструираа и кои не постоеја никаде на друго место во светот.

Бандитите беа добро уиграни и дејствуваа енергично, така што извесно време милицијата сметаше дека „фантомите“ се во контакт со западните специјални служби. Сите тројца членови на оваа недофатлива банда беа заробени, осудени и стрелани во 1973 година.

Бандата на „црниот капетан“ - Валериј Самојленко, Сергеј Лежеников и Дмитриј Самојленко.

„Фантомите“, кои извршија четиринаесет вооружени грабежи и две убиства, го замени 1979 година далеку побруталната банда на „црниот капетан“. Тројцата браќа Самојленко и нивниот пријател Сергеј Лежеников запираа автомобили на патиштата, ги убиваа патниците (понекогаш и цело семејство) и земаа сé што имаше некаква вредност, а автомобилите ги потопуваа во река или езеро.

Во еден напад убија капетан на милицијата, по што неговата униформа ја користеа за организирање заседи на возачи кои не се сомневаа во ништо. Така се појави називот „црниот капетан“.

Бандата не дивееше долго во овој крај. Нејзините членови беа фатени во март 1980 година. Еден од тројцата браќа почина во ќелија на истражниот затвор од цироза на црниот дроб. Останатите двајца беа стрелани, додека Лежеников имаше повеќе среќа - доби само петнаесет години затвор.

Вјачеслав и Владимир Толстопјатови

Градот не успеа ниту да здивне, а веќе се појави нова чума во вид на банда чии членови носеа лекарски мантили и упаѓаа во станови, ограбувајќи и убивајќи ги сопствениците. Така се прочу новата група криминалци наречена „санитарци“. Поради нив жителите почнаа да се плашат и од вистински лекари.

Покрај грабежите и разбојничките напади, „санитарците“ интензивно се занимаваа и со нарко-бизнис во Ростов на Дон, па дури се стекнаа и со влијателни покровители во правосудните структури. Благодарение на тие познанства, десетици бандити ја избегнаа казната кога на полицијата конечно ѝ тргна од рака да ја сузбие бандата. Само еден осомничен беше осуден на смрт, неколкумина добија петнаесет или помалку години затвор, а повеќето се извлекоа неказнето.

Казањ

Улицата „Декабристи“, Казањ.

Казањ беше многу популарна туристичка дестинација во Советскиот Сојуз. Меѓутоа, во текот на 1970-тите јавноста ја запозна и темната страна на овој прекрасен стар град.

Главниот град на Татарската АССР тогаш го зафати буквално бран на малолетничка деликвенција и криминал. Многубројни банди меѓусебно се бореа за моќ и влијание, тероризирајќи го локалното население со грабежи, кражби, убиства, силувања и кражби на автомобили.

„Тјап-Љап“

Во тоа време најмоќна беше бандата „Тјап Љап“ од населбата каде што се наоѓаше фабриката „Теплоконтрољ“. Младите кои не пушеа и не консумираа алкохол (тоа беше строго забрането) буквално живееја во подрумите на зградите кои ги пренаменија во теретани. Бандата имаше над триста млади луѓе во одлична физичка форма и лесно стана лидер во градските криминални кругови.

„Тјап-љаповци“ ја претепуваа конкуренцијата од другите населби и често организираа таканаречени „налети“. Вооружени со разни цврсти предмети поминуваа низ градот и тепаа секого што ќе им се најдеше на патот.

„Налетот“ организиран на 29 август 1978 година беше капката што ја прелеа чашата на трпението на локалната милиција. Бандитите тогаш пукаа во патнички автобус, убија неколку минувачи и осакатија неколкумина (меѓу кои и една трудница). Тогаш тешко беа ранети тројца полицајци кои се обидоа да ги спречат злосторниците.

Правосудните органи му објавија на „Тјап-љап“ вистинска војна. Неколку десетици членови на бандата набрзо се најдоа на обвинителна клупа. Сите добија различни затворски казни. Еден од тројцата водечки бандити, Завдат Хантемиров („Џавда“), беше осуден на смрт.

Други двајца, Сергеј Антипов („Антип“) и Сергеј Скрјабин („Скрјаба“) ја издржаа затворската казна и по излегувањето на слобода повторно се фатија за криминал, но сега во рамките на други банди. Се претпоставува дека и двајцата загинаа во немилосрдните бандитски пресметки кои ја зафатија Русија по распадот на Советскиот Сојуз.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња