10 факти за Зимскиот дворец, главната резиденција на руските цареви (ФОТОГРАФИИ)

Историја
АЛЕКСАНДРА ГУЗЕВА
Во најраскошното барокно здание на Санкт Петербург денес е сместен музејот Ермитаж, но оваа градба не е обичен музејски објект – таа има мошне богато и интересно минато.

Може да се каже дека Зимскиот дворец е срцето на Санкт Петербург и дека е најпрепознатливото здание во градот. По него го има добиено и името Дворцовиот плоштад, а исто така свечениот Дворцов кеј по течението на реката Нева, како и подвижниот Дворцов мост, кој инаку е своевидна визит-карта на Петербург. Од Зимскиот дворец започнува и Невската авенија, главната улица на северната руска престолнина.

1. Ова е петти по ред зимски дворец

Во 18 век подигнати се неколку „зимски“ дворци, а денешниот е петти во таа низа. Два „зимски“ дворци се изградени за времето на Петар Велики. Првиот бил привремен објект од дрво, а вториот е направен од камен. Петар своите последни години ги минал во камениот дворец, а во него и починал. Долго се сметаше дека трагите од овој дворец се изгубени, но во текот на седумдесеттите и на осумдесеттите години од минатиот век под театарот во Ермитаж беа пронајдени фрагменти од одаите на овој дворец. Сега некои од овие простории се реставрирани и се отворени за посетителите.

Се смета дека третиот дворец бил резиденција на императорката Ана Ивановна, и дека настанал така што братучетката на Петар го преуредила претходниот Петров дворец. Кога на власт дошла ќерката на Петар Елизавета Петровна, таа сакала да има уште пораскошни и поголеми одаи, така што за неа е подигнат четврти, привремен дворец, но потоа бил урнат и на неговото место се појавила конечната, денешна варијанта.

2. Го изградил Италијанец

Финалниот прoект на помпезниот дворец во стилот на барок му припаѓа на главниот архитект на Елизавета Петровна, Италијанецот Бартоломео Растрели. Тој покрај дворецот подигнал уште многу зданија, но дворецот е најраскошен. Граден е осум години. Императорката не го доживеала завршувањето на работите.

По одземањето на власта на Петар Трети, по пат на преврат на негово место дошла неговата сопруга Екатерина Втора. Таа, секако, одлучила да го преуреди дворецот според својот вкус. Кон средината на шеесеттите години од 18 век по нејзината наредба отстранети се излишните барокни „волани“ во декорот, така што зданието добило построг изглед. Екатерина има преуредено и неколку сали со цел нејзиниот миленик Григориј Орлов да може да се насели поблизу до нејзините одаи.

3. 150 години бил главна резиденција на руските императори

Постои причина зошто дворецот се нарекува „зимски“. Налето императорите престојувале надвор од градот. Секој од нив имал своја луксузна резиденција – во Петерхоф, во Царское Село или во Павловск. И секоја резиденција имала бујни паркови кадешто се организирале многубројни забави.

Во текот на зимата сите цареви од семејството Романови, почнувајќи од Екатерина Втора, задолжително престојувале во Зимскиот дворец. (Патем, дворецот има над 400 печки кои го загревале овој голем простор). Тој бил главен императорски дворец во Русија, свечена резиденција со сала во која се наоѓал тронот.

Кога во 1905 година избила првата руска револуција, царот Николај Втори решил повеќе да не живее во центарот на Петербург, каде им е на сите на видик. Затоа официјалната царска резиденција ја преселил во Александровскиот дворец во Царское Село, кадешто живеел со семејството во следните 12 години.

4. Дворецот има над илјада одаи

Зимскиот дворец има приземје и два ката. Направен е во облик на четириаголник (односно правоаголник со атриум). Има четири фасади (кои малку се разликуваат според композицијата). Свечениот влез е на јужната фасада, која е свртена кон плоштадот. На овој влез се наоѓа порта со три свода. Северната фасада гледа на реката Нева.

Зданието го красат безброј столбови наредени во два реда. На краевите од покривот се поставени скулптури и вази.

Должината на дворецот по течението на Нева изнесува 210 метри, а висината 23.5 метри. Според царскиот указ од 1844 година во Санкт Петербург е забрането да се подигаат станбени згради кои би биле повисоки од Зимскиот дворец.

Во Зимскиот дворец има вкупно 1084 одаи. Без оглед дали станува збор за свечени сали, приватни гостински одаи или будоари, сите простории самите по себе се уметнички дела. На секое лице од царскиот род што живеело во дворецот му се доделувале над 10 одаи. Сопругите на руските императори (по Екатерина Втора со земјата управувале исклучиво мажи) имале одделни одаи. На дворот живееле и децата на царот, а доколку некое дете стапи во брак, по венчавката младиот брачен пар најчесто се селел во посебен дворец.

Понекогаш неколку сали се преуредувале за престој на високи гости. Во Зимскиот дворец на повик на императорите можеле да живеат или привремено да престојуваат и луѓе кои немале врска со царското семејство. Во дворецот живееле и дворските слуги, како и дворските дами, кои имале најмногу три одаи.

5. Во Првата светска војна дворецот е претворен во болница

Откако царското семејство се отселило, одаите останале празни, па во текот на Првата светска војна императорот решил да се преуреди за потребите на армијата. Тука во 1915 година е отворена воена болница која го носела името на принцот Алексеј Николаевич. Во шест сали на царскиот дворец биле поставени околу илјада болнички кревети за ранетите, а имало и операциона сала. Царицата и нејзините ќерки тука служеле како милосрдни сестри и им помагале на ранетите.

6. Станал симбол за револуцијата од 1917 година

Клучниот настан во Октомвриската револуција од 1917 година, кога болшевиците ја узурпирале власта, бил токму „јуришот“ на Зимскиот дворец. Познатите кадри од филмските хроники со војници кои јуришаат на дворецот се специјално инсценирани, односно не станува збор за документарна снимка. Дворецот бил „заземен“ по речиси мирен пат. Испукани се неколку топовски истрели и тие само го изгледале венецот на дворецот, а од крстосувачот „Аврора“ е испукан само еден школски топовски истрел (без ѓуле). Во Зимскиот дворец тогаш била сместена Привремената влада, а таа била мошне слабо обезбедена. Задната порта дури не била ни заклучена, така што напаѓачите влегле без борба во дворецот и ги уапсиле членовите на владата.

7. Во Втората светска војна дворецот служел како скривница

Работниците на музејот на 22 јуни 1941 година започнале итно да ги подготвуваат експонатите за евакуација. За еден месец успеале да спакуваат и да евакуираат над милион уметнички дела. Но, сепак, нешто и останало, зашто во септември 1941 година веќе започнала опсадата на Ленинград.

Салите и подрумите на Зимскиот двоец биле преуредени во скривници каде од бомбардирање и од ракетирање се криеле околу 2.000 луѓе. Многумина работници на музејот со семејствата постојано живееле во дворецот, штитејќи ги останатите експонати. Зимскиот дворец во повеќе наврати бил бомбардиран, многу биле оштетени определени сали и свечените скалила. Бомба ја погодила и просторијата која служела како гаража за царските кочии.

Веќе во 1944 година по пробивот на обрачот, Зимскиот дворец повторно бил отворен за посетителите, но сѐ уште долго траеле работите на реставрација и обновување.

8. Фасадата добила зелена боја дури во 20 век

Во времето на Екатерина Втора дворецот бил обоен во боја на песок, како резиденциите на француските кралеви и на австриските императори. Кон средината на 19 век царот Николај Први наложил фасадата да се обои во боја на тула, а токму во тој вид дворецот ја дочекал револуцијата.

Зелената фасада со бели столбови дворецот ја добил дури во 1946 година, во времето на советската власт. Ова било резултат на работата на повоените реставратори.

9. Сега во Зимскиот дворец е сместен музејот Ермитаж

Зимскиот дворец го основаше зданието на Ермитаж, главниот уметнички музеј во земјата. Но, не е ниту едното, ниту другото. Се смета дека Ермитаж е основан во 1764 година кога Екатерина Втора стекнала огромна колекција слики. За да ги смести покрај Зимскиот дворец го доградила крилото „Мал Ермитаж“ (односно место на осамата).

Со текот на времето збирката станувала сѐ поголема и на крајот е направено уште едно здание, „Големиот Ермитаж“, специјално за потребите на музејот. Зимскиот дворец дури по Револуцијата послужил како здание за музеј, и во него е пренесен дел од колекцијата. Посебните крила тогаш биле споени со премини. Ермитаж е најголемиот и најпосетен музеј во Русија. Содржи експонати на западната и на руската уметност со непроценлива вредност.

10. Во Зимскиот дворец живеат мачки

Мачките се неофицијален симбол на музејот. Се појавиле уште во претходната „верзија“ на Зимскиот дворец, кога во 1745 година биле донесени од Казањ како средство против глувци и стаорци. И тие ги чувале царските одаи подобро од кој било отров. За време на опсадата на Ленинград мачките биле десеткувани, и затоа сибирјаните испратиле како подарок 5.000 мачки во Ермитаж. Директорот на музејот Михаил Пиотровски активно го поддржува присуството на мачките и вели дека тие се „легенда“ на Ермитаж и „составен дел“ од животот на овој руски музеј

Во нашата репортажа прочитајте повеќе за тоа како мачките станале симбол на Петербург и на Ермитаж.