Во текот на Северната војна Петар Велики ја освоил територијата на брегот на Нева и Финскиот залив кои им припаѓале на Швеѓаните и во 1703 година го основал Санкт Петербург. Јужно од идната престолнина се наоѓало не многу голем имот кој на шведските мапи бил обележан како Saaris moisio, односно место на висорамнина. Во руската верзија ова место станало Царски имот или Царское село (Царско село). Во 1790 година Петар Велики тука започнал да гради дворец за својата сопруга, императорката Екатерина Прва.
Царское село станало летна резиденција на императорското семејство. Големиот Екатериински дворец претставува душа на имотот и своевиден заштитен знак. На почетокот, во дваесеттите години од осумнаесеттиот век, изгледал мошне поскромно, повеќе аскетки, во духот на самиот Петар Велики, а современиот изглед потекнува од средината на 18 век.
Ќерката на Петар Велики, императорката Елизавета Петровна, го реконструирала дворецот во својот омилен барокен стил со карактеристично раскошно уредување. За таа намена потрошени се повеќе од сто килограми злато.
Го проектирал Италијанецот Бартоломео Растрели, архитект на неколку барокни зданија и дворци во Санкт Петербург, вклучувајќи ги и Зимскиот дворец и Големиот дворец во Петергоф.
Дворецот станал луксузен и во поглед на ентериерот. Голема сала со огледала и со позлата, бескрајна низа раскошни салони, одаи и трпезарии. Растрели проектирал и црква покрај дворецот.
Називот Царское село потекнува од времето на Екатерина Втора. Местото станало нејзина омилена летка резиденција, иако сметала дека е малку старомодно и внела промени во надворешниот изглед на дворецот. Токму кон крајот на нејзиното владеење дворецот почнал да се нарекува Екатериински, а претходно во употреба бил терминот Голем дворец.
За време на владеењето на Екатерина Велика завршено е подигнувањето на дворскиот парк со неверојатна убавина кој се простира на 170 хектари. Во еден дел е сместен француски парк, а во друг неформален англиски.
Царское село не се само Екатериинскиот дворец и паркот. По наредбата на Екатерина Велика во 1790 година еден друга Италијанец, Џакомо Кваренги, го проектирал Александровскиот дворец во класицистички стил. Бил наменет за омилениот внук на Екатерина, идниот император Александар Први. Околу дворецот на речиси 190 хектари се простира истоимениот парк кој се граничи со Екатериинскиот парк, формирајќи огромна зелена површина.
Во доградениот дел на Екатериинскиот дворец во 1811 година бил отворен Императорскиот царскоселски лицеј, една од најпрестижните образовни установи во земјата, која не опстојала долго. Во 1843 година преселена е во Санкт Петербург и е преименувана во Александровски лицеј. Школата ја имаат завршено неколку десетина прекрасни државници, дипломати и воени лица.
Сепак, најславен ученик е познатиот поет Александар Пушкин кој во своите стихови го има опеано својот лицеј. Денес во доградениот дел се наоѓа музеј во кој се обновени ученичките соби и училниците.
Во 1837 година со својата работа започнала првата железничка делница во Русија која ги поврзувала Санкт Петербург и Царское село. Првите патници биле императорот Николај Први и неговите почесни гости. Композицијата што ја влечела парна локомотива стасала од Санкт Петербург во летната резиденција за 35 минути. Со оглед на тоа што станувало збор за јавен превоз, со железницата можеле да патуваат сите оние што сакале. Навистина, на почетокот парните локомотиви се сменувале со коњска запрега. Следната година пругата била продолжена до градот Павловски и нејзината вкупна должина изнесувала 27 километри.
Поголемиот дел руски владетели го користеле Царское село како летна резиденција, живеејќи главно во Зимскиот дворец. Меѓутоа, последниот руски цар, Николај Втори, едноставно го обожавал Царское село и во 1905 година со семејството се преселил во Александровскиот дворец кој станал негова главна резиденција. Ваквата одлука била поврзана и со првата руска револуција од 1905 година, а покрај тоа царот сакал и мир за својата сопруга, императорката Александра, која била исклучително непопуларна во санктпетербуршките кругови.
За време на Првата светска војна во Екатериинскиот дворец направена е воена болница во која императорката и нејзините ќерки работеле како сестри. По одрекувањето од престолот, во периодот од февруари до јуни 1917 година, Николај го поминувал времето во Царское село под надзор на стражари, по што со семејството е одведен во прогонство во Тобољск, а подоцна во Екатеринбург каде со брутално убиство трагично го завршил својот живот.
Во Втората светска војна во Царское село била стационирана германската војска која го држела Ленинград под блокада. Царските резиденции биле девастирани, а во дворските одаи бил сместен воениот штаб. Пред Александровскиот дворец направени се гробишта на кои биле погребувани убиените Германци. Дел од збирката и ентериерот со непроценлива вредност се тешко оштетени од пукање или се опљачкани. Неповратно се изгубени бројни парковски скулптури, а дрвјата и другите билки се запалени или едноставно изгубени.
Во советска доба започната е големата реконструкција на царските ентериери. Голем дел од работите се завршени, а во некои одаи на Александровскиот дворец сè уште грижливо се врши реставрација.
Една од најмистериозните приказни поврзани со Царское село е онаа за позната соба на Екатериинскиот дворец украсена со килибар. Во текот на повлекувањето Германците го извадиле килибарот од ѕидовите и го однеле во Германија, а собата исчезнала без трага.
Во две илјадитата година пронајден е мал фрагмент кој свечено ѝ беше предаден на Русија. Собата беше реконструирана врз основа на предвоените фотографии, но истражувачите не губат надеж дека изгубеното богатство ќе биде пронајдено.
Името Царское село не се однесувало само на дворско-парковскиот ансамбл, ами и соседниот град, кој настанал од соседните населби. Во 1808 година Александар Први наредил околу имотот да се изгради град според план. Благодарение на престојот на императорската двојка во Царское село градот ги уживал сите поволности, вклучувајќи ја и железницата. За време на Николај Втори во Царское село беа воведени вода и струја и беше спроведена канализација.
По доаѓањето на власт на болшевиците царските дворци и паркови беа национализирани. Во Царское село е основан локален музеј. Советскиот Сојуз во 1937 година импозантно ја одбележи стогодишнината од смртта на Александар Пушкин, а во сеќавање на поетот кој се школувал во локалниот лицеј градот го доби името Пушкин.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче