Во Северната војна против Шведска, Петар Велики ја освоил територијата на бреговите на реката Нева и Финскиот залив, каде што во 1703 година го основал Санкт Петербург, новата престолнина на својата империја. Веќе во 1714 година, недалеку од неа, на јужниот брег на Финскиот залив, Петар почнал да ја гради летната резиденција Петерхоф, буквално преведена како „Петровиот дворец“.
Според замислата на императорот, дворецот во Петерхоф, а пред сé неговиот парк со фонтани, требало со својата убавина и луксузот да го засени Версај, резиденцијата на француските кралеви.
Големата каскада
Државен музеј „Петерхоф“Несомнениот бисер и знак на препознавање на Петерхоф се чудесните фонтани и нивниот уникатен систем, кој минатата година наполни 300 години.
Петар Велики сакал фонтаните да работат без употреба на пумпи, а рускиот инженер Василиј Туволков смислил начин за непречено снабдување со вода. Со таа цел е изградена специјална брана, систем на преливници и езера, како и канал во должина од 24 километри преку кој водата стигнува до Големата каскада.
Горната тераса на големата каскада
Државен музеј „Петерхоф“Големата каскада со препознатливите две скалила, базенот и бројните скулптури е најгламурозната фонтана. Од неа почнува алејата на фонтаните која води директно во морето.
Фонтаната „Шаховски рид“
Државен музеј „Петерхоф“Фонтаните „Лавовска каскада“ и „Шаховски рид“, како и „Самсон во борбата со лавот“ и „Тритон“, спаѓаат во вистински ремек-дела. Во дворско-парковиот комплекс има повеќе од 150 фонтани.
Фонтаната „Тритон“
Државен музеј „Петерхоф“Во Петерхоф има и интересни фонтани, како што е „Диванчики“, во чие проектирање учествувал и самиот Петар I. Кога посетителот ќе се приближи до клупите и ќе застане на камењата, фонтаната се активира. Денес тоа е забава за деца, а на почетокот на XVIII век Петар се радувал кога фонтаната одненадеж ги полевала со вода угледните господа и дами од високото општество.
Фонтаната „Диванчики“
Legion MediaГолемиот дворец, централното и најгламурозното здание на Петерхоф, се протега 300 метри во должина паралелно со брегот, издигнувајќи се над Долниот парк и неговите фонтани. Зад дворецот е Горната градина.
Поглед на Горна градина
Andrew Shiva (CC BY-SA 4.0)На почетокот дворецот изгледал малку поскромно, но во средината на XVIII век ќерката на Петар Велики, императорката Елизабета Петровна, го реконструирала во тогаш модерниот барокен стил. Ѝ помагал италијанскиот архитект Бартоломео Растрели (според неговиот проект се изградени Зимскиот дворец и дворецот во Царско Село). Во XIX век императорите малку го промениле и надворешниот изглед на дворецот, надѕидувале и доградувале одаи.
Иван Ајвазовски. Поглед на Големата каскада и Големиот петерхофски дворец. 1837.
Дворецот се карактеризира со мноштво декоративни елементи, скулптури, барелјефи и најразлични спирални линии. Внатрешното уредување е уште погламурозно, преполно со позлата.
Свечените скалила
Државен музеј „Петерхоф“Членовите на царското семејство не престојувале во дворецот цела година. Императорите доаѓале повремено, лете, и најчесто приредувале настани од забавен карактер. За време на големите празници во XIX век на обичните луѓе им било дозволено да влезат во паркот за да се восхитуваат на големината на империјата и на императорот.
„Можете ли да замислите дворец изграден на природна тераса која по висина може да се спореди со рид, бидејќи тоа е земја на бескрајни рамнини, земја толку рамна што кога ќе се искачите на рид висок 60 стапки хоризонтот се шири речиси во бескрај? А прекрасниот парк се протега од подножјето на оваа импресивна тераса сè до морето, каде се во празнична вечер се построени раскошно осветлени воени бродови“. Вака ги опишува замокот и фонтаните баронот Алфред де Кистин, кој во Петерхоф престојувал 1839 година на гламурозната годишна прослава организирана од Николај I.
Салата за танц
Државен музеј „Петерхоф“За време на владеењето на Екатерина II, важно место во замокот била Чесменската соба во чест на големата победа на руската флота во битката кај Чесмен во 1770 година, за време на Руско-турската војна. Просторијата е украсена со циклус слики со воена тематика.
Чесменската соба
Државен музеј „Петерхоф“Вкупната површина на комплексот на кој се протегаат дворците, парковите и градините изнесува 414,2 хектари. Петерхоф не е само Големиот дворец. Западно од ова здание, во 1920-тите е изграден дворецот Марли, кој се рефлектира на водната површина на езерото и изгледа како да лебди во воздухот.
Дворецот Марли
Државен музеј „Петерхоф“Марли е мал павилјон-двор во западниот дел на Долниот парк на дворско-парковиот ансамбл на Петерхоф.
Источно од Големиот дворец директно на брегот на Финскиот залив се наоѓа приземната „Холандска куќа“, дворецот Монплезир, што во превод од француски значи мое задоволство, инаку, омилената летна вила на Петар Велики.
Дворецот Монплезир
Државен музеј „Петерхоф“Во непосредна близина на Монплезир се наоѓа подоцна изградениот приземен Екатерински корпус, изграден за идната Екатерина II, тогаш сè уште сопруга на престолонаследникот Петар III. Кога Екатерина станала императорка (го соборила сопругот), таа се преселила во друга, но не помалку луксузна летна резиденција, Царско Село.
Екатеринскиот корпус
Државен музеј „Петерхоф“Покрај овие градби, на музејот-резерват Петерхоф денес му припаѓаат и блиските дворско-паркови ансамбли (Александрија, Ораниенбаум, Стрелна и други), кои за себе и за своите ги граделе членовите на царското семејство по Петар Велики.
Скромната палата Котеж е изградена за сопругата на Николај I, императорката Александра Фјодоровна, а тој дел од Петерхоф со паркот е именуван Александрија по неа.
Дворецот „Котеж” во Александрија
Државен музеј „Петерхоф“Во соседниот Ораниенбаум се наоѓа дворецот на најблискиот соработник на Петар Александар Меншиков.
Дворецот на Меншиков во Ораниенбаум
Државен музеј „Петерхоф“Во Ораниенбаум императорот Петар III кон средината на XVIII век ја изградил тврдината Петерштат и помал дворец.
Дворецот на Петар III во Ораниенбаум
Државен музеј „Петерхоф“Во близина се наоѓа и личната летна резиденција на Екатерина II, вистинско архитектонско чудо, „Кинескиот дворец“.
Кинескиот дворец во Ораниенбаум
Државен музеј „Петерхоф“На патот од Петербург до Петерхоф, како оној што води од Париз до Версај, „Петерхофската першпектива“, биле изградени луксузни летни резиденции на руски благородници блиски на Петар Велики.
По револуцијата од 1917 година болшевиците од Петерхоф прават музеј. Во септември 1941 година го окупираа Германците и се до пробивањето на блокадата на Ленинград во јануари 1944 година, Петерхоф е изложен на постојано гранатирање. „Големиот дворец“ речиси беше претворен во руина. Паркот и фонтаните претрпеа огромни оштетувања.
Петерхоф по германската окупација и денес
Државен музеј „Петерхоф“/Legion MediaИ покрај фактот што некои скулптури од фонтаните беа скриени или преместени на посигурни локации, многу од оние што останаа во комплексот беа опустошени или изгубени засекогаш. Окупаторите запалија голем број дрвја и повлекувајќи се го минираа просторот на паркот. Покрај тоа, нацистите однесоа голем број скапоцености од Петерхоф, вклучувајќи ја и големата фонтана „Нептун“. Меѓутоа, во 1948 година скулптурната композиција беше пронајдена и вратена на своето историско место.
Фонтаната „Нептун“
GAlexandrova (CC BY-SA 4.0)Реконструкцијата на Петерхоф започна веднаш по пробивањето на блокадата, а комплексот беше отворен за посетители во летото 1945 година. Фонтаните беа доведени во ред и пуштени во употреба дури кон крајот на педесеттите години на минатиот век. Реставрацијата на одделни објекти од дворско-парковиот комплекс сé уште не е завршена, а работите и ден-денес се вршат.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче