- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа https://mk.rbth.com/subscribe
Аеродром „Чкаловски“ во близина на Москва. Утро е, точно десет часот и десет минути. Во кабината на млазниот школски авион-ловец МиГ-15 УТИ има двајца пилоти од кои едниот е Јуриј Гагарин, првиот човек во вселената. Атмосферата е малку напната. Летот веќе доцни, сите чекаат кога претходниот авион ќе си ја заврши задачата.
Во десет часот и деветнаесет минути конечно полетуваат. За радиоврска со Земјата е задолжен Гагарин. Неговиот глас звучи мирно и јасно. По три минути јавува дека ја достигнал границата на искачување и бара дозвола да се крене на 4200 метри. По две минути вели дека го поминал горниот раб на облаците. Меѓутоа, по шест минути Гагарин со истиот смирен глас јавува дека ја завршил задачата во зоната и бара дозвола да се сврти и да слета. Диспечерите се зачудени, бидејќи помина само половина од времето предвидено за задачата. Меѓутоа, врската со пилотите се прекинува.
Во моментот кога ловецот, после паѓањето во вител, удри во земјата, 65 километри од аеродромотм беше десет часот и дваесет и девет минути. Несреќата што се случи на 27 март 1968 година влезе во историјата пред сé поради смртта на Гагарин. Многу помалку се зборува за втората жртва, пилотот-инструктор Владимир Серјогин. Иако токму на неговиот избор за летот со Гагарин инсистираше лично раководителот на Центарот за обука на космонаути.
Асовите како Серјогин ги викаа Сталиновите соколи
Владимир Серјогин е роден во семејство на поштенски службеник, а по завршувањето на училиштето, на осумнаесетгодишна возраст, заминува како доброволец во Црвената армија. Во војската е забележана способноста и наклонетоста на младиот човек кон авијацијата, затоа е испратен во школата за пилоти која ја завршил во 1943 година. После тоа оди на фронтот како воен пилот.
Пилотот ја добива својата прва награда, Орденот „Црвена ѕвезда“, на почетокот на 1944 година, како што е наведено, за два подвига. Тој отишол на задача, бомбардерско-јуришен напад на тенкови, управувајќи со авион Ил-2. Од земјата го гаѓале германските противвоздушни системи, но Серјогин бил прецизен и успеал да уништи два тенка. Наредниот ден слична ситуација, избегнувајќи ракетен оган, уништил три покриени железнички вагони.
Во една прилика, тој му го спасил животот на советскиот пилот кој бил нападнат од германски „Фоке-Вулф“. Серјогин испукал долг рафал, по што авионот почнал да чади и паднал. Серјогин бил ранет, но успеал да долета до аеродромот и да слета на едно тркало.
За време на војната, Серјогин извршил вкупно 140 борбени и 50 извидувачки летови. Асовите како него ги нарекуваа Сталиновите соколи, а во 1945 година стана Херој на Советскиот Сојуз.
Инструктор на Гагарин
По војната Серјогин останал во авијацијата и се запишал на Воено-воздухопловната академија со цел да го надополни своето широко искуство со теорија. После тоа, ги тестира новите модификации на ловците МиГ-15 и МиГ-17. „Вршеше пробни летови од секаков вид, вклучувајќи ги и оние со исклучени мотори“, се вели во неговото лично досие.
Во средината на шеесеттите е назначен за командант на авијациски полк и му е доверена обуката за летање на космонаутите. Станува збор за тоа дека првите космонаути во СССР беа токму пилоти на борбени авиони, како луѓе одлично запознаени со преоптоварувањето, бестежинската состојба, способни да се ориентираат во услови на бучава, вибрации и голема брзина. Владимир Серјогин имаше огромно искуство во екстремни услови.
Колегите сакаа да раскажуваат како Серјогин еднаш се нашол во суперсоничен ловец во снежна бура и успеал практично на слепо да го приземји леталото, во услови на речиси нулта видливост. Успеал да слета и со авион чиј контролен механизам бил уништен во воздух, практично приземјувајќи го авионот без контроли.
На 26 март 1968 година, командантот на Военото воздухопловство на СССР Николај Каманин бил информиран дека Јуриј Гагарин се подготвува да полага испит по техника на управување со МиГ-17. Меѓутоа, Каманин сметал дека првиот космонаут во светот прво треба да изврши самостоен тренинг-лет со авионот МиГ-15 УТИ. Генералот Николај Кузњецов, шеф на Центарот за обука на космонаути, лично се понудил да лета со Гагарин, но Каманин инсистирал на Серјогин.
Tajна архива
Причината поради која славниот Гагарин, кој веќе леташе во вселената, мораше повторно да полага е паузата што ја направи во вид на тримесечно нелетање поради подготовката на дипломскиот испит на академијата.
„Таквите летови се вклучени во програмата за обука на сите космонаути. Без нив би било тешко, како што велиме ние, да се биде во летечка форма. Во тие летови тие не само што се усовршуваат професионалните вештини, туку и се проверува нивната умешност за работа во услови на преоптоварување и бучава“, пишува Каманин во своите мемоари.
Летот со таков искусен инструктор како Серјогин не предизвикувал никакви стравови. Дури и по информацијата за изгубената врска, сите очекувале принудно слетување или во краен случај катапултирање на пилотот.
Сепак, ниту едно од споменатите сценарија не се случило. Авионот се распаднал на фрагменти кои се разлетале во радиус од еден километар, а посмртните останки на пилотот биле пронајдени дури следното утро. По завршувањето на истрагата, беа создадени 29 тома материјали со ознака на тајност, но не беше објавен апсолутно ниту еден, ниту најкраток заклучок за околностите на загинувањето на Гагарин и Серјогин.
Дури во 2011 година, врз основа на декласифицирани документи, како можна причина за несреќата беше наведен остар маневар на еден од пилотите (не се знае кој). Поради тоа авионот паднал во вител и се судрил со балон-сонда. Според алтернативна верзија, авионот на Гагарин и Серјогин прелетал покрај друг ловец, приоѓајќи му на опасно мало растојание и влетал во неговата вителна трага.