Дали некогаш било можно да се емигрира од СССР?

Историја
НИКОЛАЈ ШЕВЧЕНКО
Во текот на своето постоење, советската држава тежнеела да ја контролира емиграцијата од земјата и да ја користи како „морков и стап“. Додека некои свои граѓани ги истерувала насилно, на други им оневозможувала заминување од земјата.

Првиот егзодус

Од Руската револуција и подоцнежното формирање на новата советска држава, па до нејзиниот конечен колапс во 1991 година, имало пет различни периоди на масовна миграција од земјата, познати како „бранови“.

Во времето кога советската држава е формирана во 1922 година, масовната емиграција на таканаречениот бел емигрант – главно е составена од оние Руси кои се противеле на формирањето на болшевичката влада – ја погодила новоформираната држава.

Првиот егзодус бил истовремено и најмасовен во руската историја и најразорен за новосоздадената држава, како во економска, така и во културна смисла. Се проценува дека бројот на луѓе кои избегале од Русија откако Црвената армија конечно ја победила противничката страна изнесува околу два милионa.

Многу луѓе кои се истакнувале во својот занает и умешност – вклучувајќи ја и руската интелигенција, воените офицер, државниците, бизнисмените, земјопоседниците и интелектуалците од секаков вид – одлучиле засекогаш да се раздвојат од татковината. Многумина од нив успешно се етаблирале во други земји. „Таткото на авијацијата“ Игор Сикорски, кој успешно дизјанирал хеликоптери за претседателот на САД откако се преселил таму, е само еден пример.

По овој масовен одлив на населението, границите на Советскиот Сојуз се затвориле, па емигрирањето за многумина станало недостижен сон.

Зад железната завеса

Иако сè уште било можно да се напушти Советскиот Сојуз во неговите рани денови, земјата била отсечена од останатиот свет сè до доцните дваесетти години од минатиот век. Со децении потоа советските власти не го прифаќале постоењето на емиграцијата; во нивните очи тоа биле само „пребегани“.

Советската власт во 1935 година под водство на Јосиф Сталин, вовела невидено остри мети за искоренување на самата помисла за емиграција во главите на советските луѓе. Според новиот закон, бегството преку граница се казнувало со смрт. Згора на тоа, роднините на пребеганите, според кривичниот закон, исто така биле еднакво одговорни.

Остриот закон бил тесно насочен на политичарите, на дипломатите и на разузнавачките службеници од висок ранг – од кои многумина биле стационирани во странство во согласност со своите должности – со оглед на тоа дека мнозинството советски жители немале средства да избегаат од Советскиот Сојуз, дури и ако сакале.

И покрај острите санкции, овој период од советската историја е обележан со скандалозни пребегнувања на клучни личности од советскиот политички естаблишмент, како и од безбедносните служби. Личниот секретар на Сталин Борис Бежанов е првиот познат бегалец од Советскиот Сојуз, отворајќи им го патот на другите: како што е советскиот разузнавач Игор Гузенко чии сведочења го предизвикаа бранот на „црвен страв“ на Западот, потоа озлогласениот убиец Богдан Сташински, шеф на огранокот за далечниот исток на советската тајна полиција Генрих Љушков, кој пребегал во Токио пред почетокот на Втората светска војна, потсекретарот на ОН Аркадиј Шевченко кој во 1975 година побара азил од американскиот амбасадор, или двојниот агент Олег Гордиевски, кој работел за британската разузнавачка служба МИ6 пред да избега од СССР во 1985 година.

Некои од пребеганите биле убиени од страна на советските тајни агенти во странство, додека други доживеале старост, често живеејќи во постојан страв од одмазда. Меѓутоа, никој од нив никогаш повеќе не ја видел својата земја.

И по смртта на Сталин и укинувањето на законот кој ги криминализирал семејствата на пребеганите, многу истакнати советски личности попрво не се враќале во Советскиот Сојуз, доколку им се укажала можноста да ја преминат границата на татковината. Така многу истакнати советски спортисти и личности од областа на културата станале таканаречени „неповратници“ (овој термин се користел за опишување на советските граѓани кои одбиле да се вратат во СССР од патувањата во странство).

Заробени во СССР

Откако емиграцијата конечно станала легализирана кон крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите години од минатиот век, луѓето главно од неруска националност виделе можност советската реалност засекогаш да ја остават зад себе.

Меѓутоа, плашејќи се од масовен одлив на населението, кој се заканувал да му го наруши имиџот на социјалистичкиот систем во очите на јавноста, владата усвоила задолжително добивање на таканаречена излезна виза, формална дозвола од власта за излегување од земјата.

Во практика, за поголемиот дел од жителите добивањето ваква виза било речиси невозможно. До седумдесеттите години од минатиот век проблемот станал толку акутен што се појавил нов термин со кој се означуваат оние кои се одбиени при добивањето воена виза - отказник (анг. Refuseniks).

Во определени случаи, властите ги доведувале луѓето до очај до таа мера што некои биле подготвени да направат гнасни дела за да најдат излез од СССР.

„Речиси не се ни сомневав дека ќе бидеме уапсени. Но, мислев дека по отслужувањето на казната ќе ми биде полесно да го напуштам Советскиот Сојуз“, изјавил Едуард Кузнецов, еден од етничките Евреи кои во 1970 година направил завера за киднапирање на авион со цел бегство од државата.

Додека некои можеби со години чекале излезни визи, други се нашле во сосема спротивна ситуација. Кон крајот на седумдесеттите години од минатиот век, советските власти практикувале лишување од државјанството за некои советски граѓани во отсуство, додека тие биле на патување во странство. На пример, на виолончелистот Мстислав Ростропович и неговата сопруга, оперското сопрано Галина Вишневскаја, им било одземено државјанството додека биле надвор од земјата.

Многу нешта се променија кога Михаил Горбачов ја започна политиката на перестројката. Како што се ширеше научната и културната размена со други земји и патувањата во странство стануваа сè почести, па така и правилата за емиграција станаа поублажени.

Меѓутоа, и покрај степенот на либерализација, основниот принцип остана недопрен: советските граѓани кои сакаа да емигрираат од Советскиот Сојуз мораа најпрво да обезбедат излезна виза. Дури откако се распадна Советскиот Сојуз во 1991 година, руските државјани можеа слободно да се селат во земја според свој избор.