Отидоа и не се вратија: 4 гении кои засекогаш ја напуштија Русија по Болшевичката револуција

Georgi Trunov/Wikipedia; Karl Bulla/Wikipedia; Global Look Press; Sputnik

Georgi Trunov/Wikipedia; Karl Bulla/Wikipedia; Global Look Press; Sputnik

Пред сто години, за многу кратко време, стотици илјади луѓе избегаа од Русија, растргната од револуциите и граѓанската војна 1917-1923. Повеќето од нив никогаш не се вратија, а нивната татковина загуби генијални музичари, писатели, научници, неколку добитници на Нобеловата награда. Додека тие ги поминаа своите животи во прогонство, копнеејќи по Русија.

Стотици и стотици истакнати мажи и жени беа меѓу оние кои избегаа од Русија во годините на крвавата граѓанска војна. Иако ја напуштија својата земја и остро ги критикуваа Советите, продолжија да ја слават Русија во странство преку својата напорна работа и големите достигнувања. Еве кратки портрети на четворица такви личности:

1. Иван Бунин (1870–1953)

Иван Бунин

Рускиот писател кој ја обожуваше стара Русија не можеше да ја поднесе Октомвриската револуција. Ја доживуваше, како што тоа го напиша книжевниот критичар Игор Сухих, како „какофонија од побуна“, додека болшевиците ги мразеше од дното на душата.

Во 1920 година со својата жена ја напушта Одеса и тргнува кон Истанбул, а понатаму во Париз. „Одеднаш сфатив: се наоѓам во Црното Море, на некој туѓ брод... Русија е готова, исто како и мојот стар живот“, напиша тој во своите мемоари.

Бунини почнаа да живеат во Франција, а писателот продолжи да пишува и остана до крајот на животот главната книжевна ѕвезда во емиграцијата. Семејството, меѓутоа, едвај составуваше крај со крај. Бунин во 1933 година ја доби Нобеловата награда за книжевност. Кога го прашаа за државјанство, тој одговори: „Русин во егзил“. Почина во Париз 1953 година.

2. Сергеј Рахманинов (1873–1943)

Сергеј Рахманинов

Рахманинов до 1917 година веќе беше светски познат композитор и пијанист. Скептичен спрема комунистичките идеи, ја искористи првата шанса (1918) да побегне во Европа преку Шведска и Данска. Таму често настапува и за една година заработува доволно пари за да се пресели во САД.

Во Америка Рахманинов како пијанист се посветува на турнеи и наскоро станува ѕвезда. Меѓу 1918 и 1943 во познатата концертна сала „Карнеги Хол“ во Њујорк свири 92 концерта. Во истиот период ќе напише само шест дела: како на композитор, животот далеку од татковината му паѓа тешко. „Кога ја загубив својата татковина, се загубив и себе... Немам волја да создавам без традициите и руската земја под нозе“, знаеше да каже.

Рахманинов за време на Втората светска војна многу се грижи за Русија и на Црвената армија ѝ ги праќа парите што ги заработува на концертите. За жал, не ја дочекува победата на Русија. Умира 1943 година во Беверли Хилс.

3. Николај Бердјаев (1874–1948)

Николај Бердјаев

Бердјајев, филозофот кој го создаде концептот на „рускиот религиозен егзистенцијализам“ не сакаше да го напушти СССР. Сепак, неговата критика на болшевиците, кои ги смета за ригорозни националисти, не му остава избор. Уапсен е 1922 година. „Властите ми рекоа дека сум протеран и дека ќе ме убијат ако се обидам да се вратам“, се присетува Бердјаев во своите мемоари.

Заедно со другите противници на болшевизмот, Бердјаев е присилен да ја напушти Русија со таканаречениот „филозофски брод“. Живее во Германија и Франција, никогаш не престанува да пишува и станува многу познат на запад, особено со својата книга „Ново средновековие“. Самиот тој, меѓутоа, останува потиштен и му недостасува татковината. „Добро сум познат во Европа и Америка, моите дела се преведени на многу јазици. Единствената земја која не знае речиси ништо за мене е мојата Русија“, пишува тој.

4. Игор Сикорски (1889–1972)

Игор Сикорски

Положбата на Сикорски во Русија пред револуцијата не можеше да биде подобро, тој буквално беше над облаците. Овој талентиран дизајнер на летала го прави првиот на светот тежок авион со четири мотори. Добива неколку ордени лично од царот. Како шеф на сопствената компанија Сикорски ги произведува руските воени авиони во текот на Првата светска војна, но 1917 година губи сѐ.

Сикорски, верен на Николај II, бега од Русија преку северната граница, се преселува во Франција, а потоа в САД, каде почнува сѐ од почеток. Неговата компанија Sikorsky Aircraft Corporation во 1940-те и 1950-те е многу успешна, првенствено поради своите иновативни, технолошки софистицирани хеликоптери. Оваа компанија во 2015 година е купена од „Локид Мартин“.

Сикорски целиот свој живот редовно ги посетува службите на Руската православна црква и останува патриот и покрај своите успеси што ги постигнува во Америка. „Мораме да работиме и да научиме сѐ што може да ни помогне да ја препородиме нашата татковина“, велеше тој.

Прочитајте: Како Сталин го претвора Пушкин во свое оружје за пропаганда

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња