Пет неочекувани факти поврзани со советските повеќекатници

Историја
МАРИЈА БУНИНА
Зошто во СССР се градеа толку многу четирикатни и осумкатни станбени згради? Зошто бањите имаа прозорци свртени навнатре, а становите двојни врати?

1. Советските четирикатници имаат потекло од Франција

Изградбата на четирикатни згради во Советскиот Сојуз започна кон крајот на 1950-тите. Тие се нарекуваат и „хрушчовки“, бидејќи најчесто беа градени во периодот кога Никита Хрушчов бил генерален секретар на Комунистичката партија на СССР.

Советското раководство сакаше да го реши станбеното прашање на што поголем број луѓе, да ја поддржи нивната миграција од селата во големите градови и да ги смести во „комуналки “ (заеднички станови). Станбениот простор од бетонски панели беше евтин и простран. Во четирикатниците немаше лифтови и цевки за ѓубре, немаше ниту подрум, ниту поткровја. Една градежна екипа подигаше таква зграда за 12 дена доколку се работеше во три смени. Во периодот кога Хрушчов раководеше со земјата, во СССР беа изградени над 13000 згради и речиси сите имаат по четири ката.

Технологијата на изградба на згради од типски панели првично беше преземена од Франција, поточно од архитектот Рејмонд Ками. Тој ја патентираше својата технологија во 1949 година, а десет години подоцна СССР ја купи првата технолошка линија за производство на панели од Франција, а потоа од компанијата на Ками ја купи лиценцата за шема за масовно производство на бетонски форми, која подоцна беше преработена од советскиит инженер Виталиј Лагутенко. Резултатот беа зградите од серијата К-7, т.е. советските четирикатници.

2. Осум ката се доволно, девет се многу

Можеби звучи чудно, но по таквиот „бум“ на четирикатни згради во СССР почнаа типски да се градат осумкатници (почетокот на 1960-тите). Зошто архитектите решија да „запрат“ на осмиот кат? Затоа што заштедите беа големи. Четирикатниците немаа лифтови, а осумкатниците, според советските стандарди, можеа да имаат само еден лифт, додека зградите со девет или повеќе ката требаше да имаат уште еден, товарен лифт.

Друг фактор беше противпожарната заштита на објектот. Висината на стандардната механизирана скала на противпожарното возило е 28 метри. Токму толку е потребно за пожарникарите да се искачат на осмиот кат. Доколку зградата е со повеќе ката, тогаш според противпожарните прописи треба да се направат окна на скалите (вентилирани поголеми тампон простории во кои не може да навлезе чад и оган) и инсталации за вшмукување и отстранување на чад. Сето тоа ги зголемуваше трошоците за изградба.

3. Влезовите во зградите беа обоени во зелена или сина боја

Зелената боја често се користеше за камуфлирање на воената техника, а сината за камионите и земјоделската опрема и затоа тие две бои отсекогаш имале голем тираж во СССР.

Влезовите на четирикатниците и осумкатниците обично се бојадисуваа така што долната половина на влезот имаше офарбана цокла, додека горната беше белена. Цоклата е попрактична, но варта им овозможува на ѕидовите да „дишат“, па затоа оваа комбинација подолго ги штитеше влезовите од појавата на мувла на ѕидовите.

Цоклата лесно можеа да ја измијат самите станари. Контрастот помеѓу цоклата и белениот ѕид на ниво на човечките очи беше впечатлив, така што таа линија можеше да биде корисна при евакуација во случај на пожар и силна зачаденост. Покрај тоа, зелената и сината боја се прилично заситени бои и на тој начин ги кријат дефектите и дефектите во фарбањето.

4. Становите имаа двојни врати

При изградбата на „хрушчовките“, на становите беа ставани обични дрвени врати. Тоа не беше добра топлинска и звучна изолација. Станарите се обидуваа самите некако дополнително да ги „затоплат“, па ги тапацираа со полиуретан и евтина вештачка кожа. Потоа, од истата причина, почнаа да прават уште една, „внатрешна“ врата. Дополнителна предност на двојните врати беше што на нив можеше да се постават повеќе катанци.

5. Внатрешен прозорец на бањата

Денес, внатрешниот прозорец на бањата би изгледал како интересно дизајнерско решение, а во советско време го ставаа во „хрушчовките“ од практични причини. На тој начин бањите имаа повеќе светлина, подобра вентилација и помалку бактерии, а притоа немаше потреба да се вклучува светлото во текот на денот. Станарите ја пуштаа фантазијата на слобода и ги украсуваа прозорците со завеси или витраж или пак ги префарбуваа. Освен тоа, доколку на некој му се слошеше во бањата, домаќините секогаш имаа можност брзо да влезат внатре преку тој прозорец.