Зошто руските станови имаат неколку влезни врати?

Russia Beyond (Legion Media)
За Русите е сосема нормално да имаат 4-5 различни клучеви за влезната врата од својот стан, зашто обично мораат да отворат неколку врати за да влезат. Од што се плашат?

„Може ли некој да ми објасни зошто руските станови често имаат неколку влезни врати? Тукушто се преселив од хостел во изнајмен стан“, ми напиша неодамна еден мој колега од странство. Тука на влезот има три врати една по друга, а меѓу две од нив има растојание од само 2 сантиметри! Дали тука луѓето сè уште се плашат од мечки? Или од војската на Наполеон?

Низ затворена врата

Приватноста отсекогаш била проблем во Русија, земја со долга традиција на заеднички станови и на колективно носење одлуки, што датира дури и од пред Октомвриската револуција. Црквата, како и локалните селски заедници, често ги определувале правилата за живот на своите членови и ги воведувале во нивните животи.

Во советското општество луѓето почнаа да поседуваат одвоени станови во градот. Започнувајќи од средината на педесеттите години од минатиот век, станбените згради, наречени „хрушчовки“ според Никита Хрушчов, се градеа ширум целиот Советски Сојуз. А, становите во нив имаа навистина лоши врати, кои не беа дури ни од вистинско дрво. „Еднаш ја демонтирав влезната врата и внатре најдов дрвени парчиња, залепени за плоча од иверица“, пишува еден корисник на еден руски Интернет-форум. Не е ни чудно што таквата влезна врата немаше добра звучна изолација. Од кујната можевте да го слушнете речиси секој чекор на скалилата и обратно.

Ваквите врати немаа ниту добра термоизолација. По извесно време дрвото се собираше и настануваше провев. Од сите овие причини советските граѓани ги обложуваа плочите од влезната врата со вештачка кожа, која се продаваше под називот „дерматин“. Поради тоа вратите изгледаа „побогато“ и беа потрајни.

Зошто вратите се толку дебели?

Секако, во Советскиот Сојуз имаше провалници, и луѓето беа загрижени поради тоа што вратите им се слаби и дека некој лесно може да провали.

Зошто тогаш државата на своите граѓани не им обезбеди станови кои се заштитени од провали? Верувале или не, за тоа постоеше политичка причина која ја наведуваше комунистичката партија. Имено, болшевиците сметаа дека производството на железни врати беше не само скапо, ами исто така ја поткопуваше идеолошката база на комунизмот. Секако, зошто некому би му била потребна железна врата во земја во која сè му припаѓа на народот, а милицијата совршено си ја извршува својата работа. Освен тоа што би можеле да криете зад железната врата? Во општество со ниско ниво на приватност секој што би сакал да се изолира, може да стане сомнителен и да биде тема на озборувања.

Во подоцнежните години во СССР поставувањето дебели, често повеќеслојни или повеќекратни врати стана вистински хит. Исто така, се појавија решетки на прозорците кои спречуваа провалниците да влезат во станот. Дури и ако немавте милиони, ниту дијаманти, во својот двособен стан од 30 метри квадратни, можевте да ставите импозантна врата и така да ги импресионирате соседите. Сепак, главната причина за популарноста на дебелите и повеќекратните врати е сигурно од психолошка причина. Луѓето се обидуваа да ги компензираат годините на несигурност поминати зад тенките, слаби врати.

Зошто поголемиот број советски врати се отвораат навнатре?

Постои и распространет мит за тоа дека поголемиот број врати во советските станови се отвораа навнатре поради безбедност. КГБ наводно барал вратите да бидат такви за полесно да можат да се провалат во случај внатре да се крие опасно лице.

Ова, секако, е целосна измислица. Советскиот КГБ можеше да влезе или да провали во секој стан кога имаше потреба за тоа, без оглед на дебелината на вратата или на страната која се отвора. Вистинската причина е многу едноставна: скалилата во „хрушчовките“ беа навистина мали. Доколку вратата се отвора нанадвор, едноставно би било потребно многу повеќе простор на скалилата. А, во некои згради вратите на соседните станови беа толку близу една до друга, што можеше да се случи отворајќи ја вратата, случајно со неа да го удрите соседот додека тој го заклучува својот стан. Кога во деведесеттите години од минатиот век луѓето ги менуваа овие врати, често ја менуваа и касата и ставаа врати кои се отвораат нанадвор за да имаат повеќе место во станот.

Необично е тоа што Русите и денес многу сакаат дебели врати. „Никогаш нема да можам да минам ноќ со таква врата на куќата, а камоли да ги оставам жена ми и децата. Изгледаат како секој може да влезе кога ќе посака! А, никогаш не се знае!“, има напишано еден корисник на Интернет за американските стаклени и дрвени врати на нивните куќи. Веројатно има право? Што мислите за тоа?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња