Судбината на убијците на последниот руски цар

Царското семејство во Тобољск. Извор: архива.

Царското семејство во Тобољск. Извор: архива.

Ноќта помеѓу 16 и 17 јули во Екатеринбург било убиено царското семејство Романови. Руска реч ја следи понатамошната судбина на нивните крвници во советскиот период.

Дури и денес, по 95 години, не го знаеме точниот број на луѓе кои зеле учество во убиството на последниот руски цар Николај Втори. Според една верзија тие биле осуммина, а според друга единаесетмина, исто онолку колку што имало и жртви. Но, едно нешто е познато: оваа група убијци биле предводени од двајца – Јуровски и Медведев-Кудрин. На крајот и двајцата напишале мемоари во кои во подробности ја опишуваат ноќта кога е извршено стрелањето. Обајцата се гордееле со својата улога во историјата. И двајцата до крајот на животот биле на високи должности и биле почитувани членови на советското општество. 

Јаков Михајлович Јуровски (1978-1938) во 1918 година бил заповедник на Ипатевскиот дом во Свердловск каде било држено царското семејство и бил на чело на стрелечкиот одред. Самиот тврди дека лично тој го убил царот. Учеството на Евреи во убиството на царот им дало на националистите повод да пишуваат дека „нашиот цар бил убиен од друговерци“.  Всушност имало само двајца Евреи: Јуровски и латвискиот стрелец Цељмс за кој никогаш не било утврдено дали учествувал во убиството. 

Бидејќи бил јувелир по занимање, Јуровски сакал таа ноќ да ги пронајде царските скапоцени камења. И навистина ги нашол: откако ги прегледал труповите, излегло дека скапоценостите во тежина од половина пуд (стара руска мерка за тежина која е еднаква на 16.38 килограми – заб. прев.) биле зашиени во нивната облека. Јуровски сите скапоцености му ги дал на заповедникот на московскиот Кремљ. Првите болшевици биле прилично несебични луѓе, но биле и максимално сурови. 

Сутеренот на Ипатевскиот дом каде е извршено убиството на руското царско семејство. Извор: архива. 

Подоцна служел како претседател на Уралскиот комитет за вонредни состојби, раководител на одделот за скапоцени камења во Државниот фонд, директор на Политехничкиот музеј во Москва. Сите овие биле високи и стратешки важни должности во времето на првите години од советската власт. 

Јуровски умрел во кремљовската болница во која можеле да бидат лекувани само избрани, посебни државни чиновници. Дијагноза: перфорација на црево. Според сведоштвата на очевидци, умрел во тешки болки. 

Михаил Александрович Медведев-Кудрин (1891-1964) исто така по револуцијата заземал високи должности. Бил, на пример, помошник на раководителот на Првиот оддел на НКВД. Во триесеттите години на дваесеттиот век патувал низ провинциските факултети, раскажувајќи за убиството на Николај Втори. Кон крајот на педесеттите години од минатиот век добил пензија од 4.500 рубли. На една средба со студенти од правниот факултет на Московскиот државен универзитет со задоволство зборувал како во 1918 година штеделе куршуми, така што непријателите на работничката класа ги докусурувале со бајонети. 

Медведев дотуркал до титулата полковник. Пред смртта оставил детални мемоари за убиството на царското семејство, кои биле наменети за тогашниот државник на СССР Николај Хрушчов (необјавен ракопис со наслов „Непријателски вртлози“). Во мемоарите тој ја оспорува улогата на Јуровски и сите заслуги за ликвидацијата на царското семејство си ги препишува себеси. 

Последниот император:
цар-маченик или Николај Крвавиот?

Медведев бил погребан со воени почести а Новодевичјите гробишта во најпрестижната руска некропола. Во својот тестамент Медведев му го оставил на Хрушчов „Броунингот“ со кој бил убиен Николај. 

По смртта на татко си, синот на Медведев хо наговорил синот на Никулин на радио да ги сними своите сведоштва. Се смета дека само Никулин бил сведок на посмртната идентификација на телата на семејството Романови: „Се сеќавам дека во 1936 година, додека бев малечок, Јаков Михајлович Јуровски доаѓаше кај нас и пишуваше нешто... Се сеќавам дека тој и татко ми нешто расправаа, понекогаш и се караа околу тоа кој прв пукал во Николај... Татко ми велеше дека тој прв стрелал, а Јуровски го тврдеше спротивното...“ 

Потоа Раѕински, уште еден член од стрелечкиот одред, ги снимил своите сведоштва на магнетофон: „Еден човек со јаже се спушти во водата и ги влечеше труповите од неа. Прво го извлекоа Николај. Водата беше толку ладна што образите на лицата на труповите им беа црвени. Исто како да се живи... Камионот заглави во калта, одвај го извлековме... И одеднаш на ум ни падна една идеја, која потоа ја остваривме... Сфативме дека нема да најдеме подобро место... Ја раскопавме зараснатата трева... ги поливме труповите со сулфурна киселина... ги огрдивме... Недалеку се наоѓаше железницата... Донесовме гнили железнички прагови за да ја скриеме гробницата. Закопавме само дел од застреланите,а другите ги запаливме. Николај го запаливме, тоа добро го паметам. И Боткин. А, ми се чини дека го запаливме и Алексеј...“ 

На почетокот од осумдесеттите години од минатиот век исповедите на убијците на царот навечер ги слушал шефот на КГБ Андропов. Се вели дека овие снимки до денес се чуваат во архивите на руските тајни служби.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња