ГАЗ-3105 – автомобилот на советските „капиталисти“

ГАЗ-3105 „Волга“

ГАЗ-3105 „Волга“

Максим Сидоров (CC BY 3.0)
Автомобилот „Волга“ со ознака ГАЗ-3105 имаше голем потенцијал, но пропадна во текот на 1990-тите, заедно со СССР.

Тоа беше единствениот автомобил на крајот на советската епоха. Беа направени само 50 вакви возила, по што проектот беше запрен кога се распадна СССР.

Првично возилото беше премногу перспективно за советската автомобилска индустрија, која кон крајот на 1980-тите и почетокот на 1990-тите направи полоши модели од европските и американските производители.

Нов модел на патничкиот автомобил ГАЗ-3105 „Волга“.

Во текот на 1980-тите, Горковската фабрика за автомобили ГАЗ работеше на создавање на целосно нов модел. Беше замислено новиот модел да биде далеку подобар од сите други советски автомобили кои во тоа време се правеа во СССР. Резултат од таа работа беше ГАЗ-3105. Овој автомобил ги содржеше сите понови технологии што беа достапни во тоа време - независна „Мекферсон“ суспензија, серво управувач, дискови на двете оски, сосема нов мотор и сосема поинаков менувач.

Со склопувањето на овој модел беше направен голем технолошки напредок во советската автомобилска индустрија. Со новиот автомобил таа би можела да им прави конкуренција на капиталистичките производители.

ГАЗ-3105 „Волга“ на Меѓународниот саем на автомобили 1996, изложбена сала „Експоцентар“, Москва.

Кон крајот на 1980-тите години веќе беа склопени неколку експериментални примероци на Волга ГАЗ-3105. Внатрешноста на возилото беше необична: прозорците беа поголеми од вообичаеното, долниот дел се отвораше, а горниот дел остануваше на своето место. Тоа не беше практично решение, но според него овој автомобил упадливо се издвојуваше меѓу другите модели од советско производство.

Покрај тоа, автомобилот многу личеше на „Ауди 100“, кој навистина и ги инспирира советските инженери. При конструирањето на моделот ГАЗ-3105 тие се потпираа на споменатиот германски автомобил, но не го копираа целосно. Особено оригинален беше моторот V8.

Тоа беше крупен технолошки исчекор во однос на другите советски автомобили. ГАЗ-3105 беше опремен со одлични седишта и електрични ретровизори, прозорци и антени. Дури и задните седишта беа „моќни“ и опремени со систем за греење.

Посетители на Меѓународниот саем на автомобили 1995 година разгледуваат автомобил ГАЗ-3105 „Волга“.

Се очекуваше новиот автомобил да биде пуштен во масовно производство, но сето тоа падна во вода со падот на СССР. Кога се распадна Советскиот сојуз, новата независна Русија се обиде да ја обнови својата упропастена економија, но државата престана да ја финансира Горковската фабрика за автомобили. Инженерите не можеа да продолжат со работа на овој модел без соодветни средства.

Првиот претседател на Русија Борис Елцин 1994 година потпиша указ според кој Горковската фабрика за автомобили треба да прави најмалку 250 возила годишно. Меѓутоа, државата не ѝ стави на располагање доволно средства на фабриката за склопување на толкав број автомобили, така што беа направени во лоши финансиски услови. Тоа многу се одрази на нивниот квалитет затоа што инженерите мораа да ја штедат секоја копејка во процесот на производство.

ГАЗ-3105 „Волга“

Тоа се одрази и на репутацијата на овој автомобил. Возилата се склопуваа од различни делови. На едни делови пишуваше „произведено во СССР“, а други беа направени во Русија. Тапацирот беше од евтина пластика, понекогаш во различни бои. Многу делови, како што се клучот за палење или капачето на резервоарот за гориво, беа позајмени од автомобилската компанија „Лада“ и само им беше заменета ознаката. Покрај тоа, инженерите користеа одделни делови од моделот „Ауди 100“.

Така ГАЗ-3105 стана симбол на раскол на две различни епохи - доцниот Советски сојуз со неговите амбициозни планови и нефункционалниот политички и економски систем од една страна, и Русија на почетокот на 1990-тите од друга, која повторно мораше да се пронаоѓа себеси и да ги отстранува системските проблеми наследени од СССР. За жал, ГАЗ-3105 „Волга“ не преживеа во тие турбуленции.

Прочитајте повеќе: Десет советски автомобили дизајнирани според западни модели

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња