Ужасите на советскиот „пат на коските“ (ФОТО)

Nikolai Nikitin/TASS
Ова е една од најужасните страници на советската историја. Таа зборува за тоа како во процесот на интензивна индустријализација и развој на оддалечените краишта на земјата се изгубени човечки животи.

Колимскиот пат или Р504 не е популарна траса на руските карти. Привлекува само храбри туристи желни за авантура. Патот е покриен со мешавина од земја и кршен камен, така што патувањето по него е изводливо само лете по суво време и во текот на зимата, кога патот е заледен. Во преостанатите доба од годината е тешко прооден и преполн со кал. 

Зиме локалните возачи тука никогаш не го гасат моторот, затоа што постои можност повторно да не можат да го запалат, што би значело смрзнување среде дивината. Но, називот „патот на коските“ не зборува за тоа дека возачите често го заборавале ова правило, туку има подлабок корен во историјата.  

Зборот „Колима“ во рускиот јазик силно се поврзува со најсуровите логори на ГУЛАГ. На далечниот север на земјата се наоѓаше „Севвостлагˮ (Североисточен поправно-работен логор). Го сочинуваа неколку работни логори по текот на реката Колима. Оттука и нивниот неофицијален назив. 

Мрачната историја на ова место ја овековечи бившиот затвореник на „Колима“ и писател Варлам Шаламов. Неговите „Приказни од Колима“ се веројатно најсилното и најпотресно сведоштво за Сталиновите логори што кога било е напишано.

Тој опишува како преживувале заробениците во најтешки можни услови. Работеле надвор кога температурата достигнувала -50°C, првенствено копајќи железна руда, па дури и радиоактивен ураниум.

Една од најтешките работи била миењето злато. Работниците го миеле златото во вода, дури и по најстудено време. Не добивале доволно храна, немале адекватна облека, а нивните ракавици (ако воопшто и имале) не биле суви. Непрекинато се здобивале со смрзнатини и страдале од низа болести, меѓу другото од туберкулоза за која не добивале лекување.

За да се олесни пристапот до рудниците, затворениците мораа да ја изградат и потребната инфраструктура, вклучувајќи патишта и железничка пруга до овие оддалечени предели. Изградија преку 3000 километри патишта, од кои преку 2000 километри беше должината на патот од Магадан до Јакутск. Официјално тоа беше Колимскиот пат, општопознат како „патот на коските“.

Затворениците го градеа патот 20 години, од 1932 до 1952 година, кога е затворен логорот. Според официјалните податоци, околу 700 илјади затвореници работеле тие години во логорите на Колима.

Врвот бил 1940 година, кога 190 илјади луѓе работеле тука во рудниците и на градежни работи. Се проценува дека во овие логор животот го изгубиле преку 125 илјади луѓе.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња