Може да се каже дека во 1947 година на картата на СССР се појавило ново море! Создавањето на Рибинското вештачко езеро (кај народот познато како Рибинско море) било дел од најголемиот советски проект под називот „Голема Волга“. Негова цел била реконструкција на внатрешните водни патишта, односно поврзување на Белото, Балтичкото, Каспиското, Азовското и Црното море со канали со големи вештачки езера. Според замислата на советските инженери, требало да биде создадена цела низа езера, меѓу кои Рибинското би имало статус на „најголемо вештачко езеро на светот“ со површина од над 4.5 илјади квадратни километри.
За изградбата на вештачкото езеро која започнала во 1935 година, властите решиле да ја ангажираат најевтината работна сила – затворениците. За таа цел во населбата Переброди, покрај Рибинск, во рекордно кус рок е подигнато новото Сталиново мачилиште: Волшкиот поправно-работен логор или Волголаг.
Затворениците имале задача да го преградат текот на две реки: Волга и Шексна. Со своите сили насипале четири џиновски брани со вкупна должина од над 7 километри и максимална висина од 35 метри. Работниците од логорот на Волга започнуваат да градат преводници за премин на бродови, а на Шексна подигнуваат електрани. Освен тоа, градат железнички пруги и мостови, крчат шуми во зоните на потопување и го евакуираат населението кое мора да биде преселено.
На 13 април 1941 година пролетните врнежи почнуваат да го полнат езерото.
За тоа време зградата на хидроелектраната се гради без покрив. Изградбата ја отежнува почетокот на Втората светска војна. Исхраната и условите за живот на затворениците од почетокот на војната нагло се влошуваат. Веќе во 1942 година во Волголаг умира секој четврти затвореник.
И покрај тоа, на 18 ноември 1941 година Рибинската хидроцентрала започнала со производство на струја. Тој ден пуштен е во погон првиот хидрогенератор од планираните шест. Од снегот и од дождот го штител шатор од водоотпорно платно. Германците за време на бомбардирањето на Рибинск на хидроцентралата не фрлиле ниту една бомба зашто нивните извидувачи не можеле да поверуваат дека таа може да функционира во таква состојба. Меѓутоа, за тоа време Рибинската хидроелектрана била главниот снабдувач на струја за Москва.
Со текот на времето зголемен е бројот на генератори, подигнати се ѕидови и покрив, а во 1955 година хидроелектраната е проширена, а Волголаг е затворен.
Во текот на своето постоење низ Волголаг минале околу 600 илјади луѓе. Секој петти бил осуден од политички причини. Во овој логор, како и во многу други во Сталиново време, стасувале и многу талентирани луѓе.
Тука, на пример, казна издржувала Наталија Сац, првата жена на светот која режираше опери, основач на шест детски театри, публицист и педагог. Осудена е како „член на семејство на предавник на државата“, поради својот сопруг кој многу ја сакал својата земја. Од шок на 34 години косата ѝ станала седа, а во логорот неколку пати се наоѓала на работ на животот и смртта. Во своите мемоари Сац има запишано дека во логорите кај Рибинск доаѓале главни затвореници осудени врз основа на указ, оние што не ја почитувале дисциплината, на пример, продавачи кои ги мамеле купувачите.
Во Волголаг била и поетесата и преведувачка Ана Радлова. Таа казната ја служела со својот сопруг, театарскиот режисер Сергеј Радлов. Тие двајца биле осудени за предавство на земјата на десет години во работен логор. Во Волголаг Сергеј Радлов водел аматерски театар, а Ана со актерите се занимавала со сценски говор. По неколку години затвореништвото, сопругот на поетесата починал од мозочен удар.
Со овој логор е поврзано и името на легендарниот писател, добитник на Нобеловата награда за литература, Александар Солженицин. Речиси една година по 1945 година тој минал тука во транзитниот логор, работејќи во канцеларијата при Заводот за поправка на авиони. Во својот роман „Архипелагот Гулаг“ го опишува ова место.
Волголаг е затворен во 1953 година и до денес многу нешта за него остануваат непознати. На местото каде некогаш се наоѓал логорот денес се наоѓа само камен-темелник посветен на сеќавањето на неговите затвореници.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче