Креативност зад решетки: 3 големи иновации кои настанале во Гулаг

Прототип на авионот Ту-2

Прототип на авионот Ту-2

Википедија
Во Сталиновите чистки од триесеттите и од четириесеттите години од минатиот век настрадале и многу научници. Но, наместо на обична робија, многумина стасале во посебни логори познати како „Шарашки“ кои се претворале во големи научни лаборатории. Russia Beyond-Македонија се потсетува на трите најдобри откритија до кои дошле научниците зад решетки во времето на Сталин.

„Ствар“

Во август 1945 година американскиот амбасадор В. Аверел Хариман примил подарок од Организацијата на младите пионери на СССР. Детската делегација, во атмосферата на завршувањето на Втората светска војна, на славење и на континуирана соработка на двете држави, му подарела резба на дрво со Големиот печат на Соединетите Американски Држави. Хариман ја закачил на ѕидот во својот кабинет. Подарокот му бил многу драг, како и на тројцата следни американски амбасадори, па така печатот го украсувал ѕидот на канцеларијата седум години. Никој не се ни сомневал дека таму се крие некаква тајна.

Дупликат на поклонетиот печат со прислушкувач

Во 1952 година во резбата нашле... The Thing, како што Американците ја нарекле, односно еден од првите уреди за прислушување. Тоа биле напредни технологии за средината на 20 век. Уредот не се напојувал со никаква енергија, немал електронски компоненти. Се активирал само кога примал радиосигнал на определена фреквенција. Било невозможно да се открие и тоа се случило сосема случајно.

„Стварта“ ги натерало Американците да се наежат, зашто Вашингтон не поседувал нешто вакво. Уредот го направил познатиот советски научник Лев Термен, творец на електрични музички инструменти, од кои најпознат е тереминот.

Термен во триесеттите години од минатиот век живеел во Америка, покрај инструменти создавал и алармни уреди за обезбедување на затвори, се дружел со Гершвин, Равел, Чаплин, Ајнштајн... Во 1938 година го повикале назад во СССТ, а една година подоцна го уапсиле и го обвиниле за планирање убиство на Сергеј Киров, еден од најистакнатите советски политичари (убиен во 1934 година додека Термен живеел во САД!). Термен бил обвинет дека наводно имал задача од другата страна на Атлантикот да ја активира подметнатата бомба од која Киров настрадал (Киров бил убиен од сопругот на една негова соработничка).

Научникот во една „шарашка“ работел на шпионски уреди, а еден од нив бил „стварта“ откриена во американската амбасада. Добил Сталинова награда во 1947 година, а ја дочекал на слобода.

Бомбардер кој пикира

Термен својата затворска казна ја служел во центарот ЦКБ-29. Центарот бил под управа на Министерството за внатрешни работи, а поголемиот дел од тамошните соработници биле робијаши. Меѓу нив и пионерот на проектирањето авиони Андреј Тупољев. Всушност и самата „шарашка“ ја добила името по него – Тупољевка – зашто нејзина главна цел била развој на воената авијација.

Тупољев дошол во затворот во 1937 година поради наводна саботажа и шпионажа. Подоцна на еден пријател му раскажувал дека не го тепале, ами дека не му давале да спие. Така „признал“ дека повеќе од десет години бил француски шпион. Во 1940 година е осуден на 15 години затвор, но од казната бил ослободен веќе следната година кога започнала Втората светска војна.

Во затворските години работел на бомбардерот „Ту-2“ („Бат“ според класификацијата на НАТО), кој станал главен бомбардер во Втората светска војна со извонреден дизајн. Фактот што Тупољев го направил зад решетки го право неговиот успех особено исклучителен. Тој бил еден од главните советски средни бомбардери способен за пикирање во Втората светска војна.

Бомбардерот се произведувал 10 години, сè до 1952 година. Направени се околу 2.500 Ту-2. Учествувал во Корејската војна, а авионот подоцна бил многу користен од земјите кои го потпишале Варшавскиот пакт. Андреј Тупољев во 1943 година ја добил Сталиновата награда, а потоа следувале уште три за иновации.

Лек против пелагра

Не само професионалците во полето на шпионажата и дизајнери на авиони работеле во посебните затвори. Познатиот советски виролог Лев Зиљбер во „шарашка“ поминал четири години. Осуден бил на 10 години затвор зашто наводно планирал да ја затруе водата на целиот водоводен систем на Москва.

Лав Зиљберт

Пред да дојде во затвор лекарот работел на сеча на стебла. Во затворската болница се соочил со пелаграта, сериозна болест предизвикана од недостиг на витамин Б3, проследена со дерматитис и со деменција. Кај робијашите болеста обично завршувала со смрт.

Како што подоцна напишал научникот во своите мемоари, затворот се наоѓал на северот од Русија, па тој користел мов од ирвас (Cladonia rangiferina) за квасец кој станал извор на витаминот. Тоа била основата на неговиот лек против пелаграта. Лекот подоцна е патентиран, иако во патентот наместо неговото име се наведува Министерството за внатрешни работи.

Зиљбер потоа бил преместен во затворена лабораторија во која работел на својата теорија за „вирусната природа на ракот“. Две години по излегувањето од затвор, во 1946, ја добил Сталиновата награда за книгата за енцефалитис.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња