Миленикот на Сталин со незгоден карактер: Познатиот пилот кому му беше дозволено сé

Историја
НИКОЛАЈ ШЕВЧЕНКО
Валериј Чкалов беше најпознатиот и најпопуларен пилот и миленик на Сталин, но со својата палавост на многумина често им го загорчуваше животот. Загина трагично под неразјаснети околности.

Во Русија секој знае кој беше Валериј Чкалов. Неговото име го носат многу улици, па дури и градови. Во своето време беше вистинска ѕвезда и уживаше покровителство на Сталин, но длабоко ги презираше сите правила и прописи. Во 1937 година Чкалов изведе рекордно долг лет од Москва во САД.

Благодарение на немирниот темперамент направи сјајна кариера во воздух, но создаваше и многу проблеми, што на крај имаше фатален исход.

Своеглав, но омилен

Чкалов е роден 1904 година во селско семејство. Како дете заедно со татка си работел на параброд. Првпат во животот видел авион 1919 година, кога имал 15 години. Оттогаш мечтаел да стане пилот.

Истата година се пријавил во Црвената армија и почнува да го учи браварскиот занает во фабриката за воени авиони. Тоа е првиот чекор во кариерата на најславниот пилот на Советскиот Сојуз.

Веќе во 1924 година Чкалов бил искусен пилот на авион-ловец и во тоа својство е упатен во авионската ескадрила во Ленинград (денес Санкт Петербург). Токму тука почнала да доаѓа до израз неговата своеглавост.

Брзо се прочул како човек кој сака да ризикува. Бил умешен во голем број многу опасни летови. Според една многу распространета, но сé уште непотврдена приказна, еднаш прелетал со авион под мост. Таа епизода е прикажана во филм за Чкалов снимен 1941 година.

Често правел испади, но исто така, често бележел и триумфални успеси. Дури бил и уапсен и исклучен од редовите на Црвената армија, но набрзо потоа учествувал во московската парада по повод 10-годишнината од Октомвриската револуција 1927 година. Бил осуден на казна затвор затоа што со авион налетал на далековод, за по шест дена да биде пуштен по интервенција на Централниот комитет на Комунистичката партија на СССР.

Чкалов бил толку славен што уживал „бланко доверба“ на советското раководство, особено по рекордниот лет што го изведе по личен налог на Јосиф Сталин.  

Од СССР во САД преку Јужниот пол

Повторно бил примен во редовите на Црвената армија 1930 година и рехабилитиран како пробен пилот.

Чкалов во 1936 година го прифатил предлогот на двајца пријатели, исто така пилоти, да го изведе најголемиот подвиг во животот – без атерирање да прелета од СССР во САД. Тие триесетти години и онака биле преполно со големи достигнувања во воздух, но сепак овој потфат бил крајно ризичен, затоа што ниеден авион тогаш не бил доволно сигурен за толку долг и предизвикувачки лет. Но, изгледа дека токму тој преголем ризик и го побудил Чкалов да го прифати предизвикот и да се обрати до раководството на СССР со молба да му го одобри летот.

Јосиф Сталин им дал одобрение на пилотите, но сепак ја променил траекторијата и одредил финалната дестинација да биде рускиот далекоисточен град Петропавловск-Камчатски. Чкалов и неговите другари успешно го извеле тој потфат. Поминале во воздух 56 часа и прелетале околу 9000 километри.

Советското раководство било презадоволно од тој успех и видело во него „пропаганден потенцијал“. Сталин лично ги дочекал пилотите по нивното враќање во Москва и лично му подарил на Чкалов авион По-2 „Поликарпов“, а истовремено нему и на останатите членови на екипажот им доделил звање Херој на Советскиот Сојуз.

Храбриот пилот го искористил својот нов статус и влијаел на Сталин да добие одобрение за „летот на соништата“ од Москва во Ванкувер (држава Вашингтон, САД), преку Северниот пол. Сталин овој пат попуштил и дал дозвола.

Чкалов полетал на 18 јуни 1937 година. По 63 часа поминати во воздух слетал на американска почва, што предизвикало еуфорија кај Американците. Пилотите биле пречекани како херои. Дури и претседателот на САД Френклин Делано Рузвелт ги примил во Белата куќа.

Чкалов се вратил дома како народен херој кого го обожувала целата нација на чело со нејзиниот лидер.

Последниот лет

Легендарниот Херој на Советскиот Сојуз загинал во авионска несреќа на 15 декември 1938 година. Тој ден пристигнал на московскиот аеродром за да го испроба новиот експериментален примерок на авионот-ловец И-180 „Поликарпов“. Подоцна истрагата заклучила дека Чкалов го занемарил противењето на одделни инженери затоа што се знаело дека авионот има уште многу недостатоци. Без оглед на сé, тој се вивнал во небото.

По неколку минути лет моторот откажал и авионот се урнал надвор од територијата на аеродромот. Чкалов бил веднаш префрлен во болница, на набрзо им подлегнал на повредите.

Сталин бил лично известен за трагичниот настан. Уапсени се многу инженери кои работеле на овој авион.

Последните зборови на Чкалов, наводно, биле: „Немојте никого да обвинувате. Јас сум виновен за ова“.

Валериј Чкалов во својата кариера тестирал преку 70 видови авиони. Погребан е на Црвениот плоштад пред ѕидините на Кремљ како народен херој.