По цена на животот: Како беа тестирани првите советски ловци на млазен погон

МиГ-9, првиот ловец со млазен мотор

МиГ-9, првиот ловец со млазен мотор

ИТАР-ТАСС
На 24 април 1946 година почна тестирањето на летото на првите советски млазни ловци Јак-15 и МиГ-9. Од аеродромот во Раменское (Подмосковје) авионите полетаа во интервал од два часа. Според планот, пробните пилоти по првото тестирање се менуваа, така што секој пилот тестираше по две летала.

Меѓутоа, се покажа дека „ѕверот на млазен погон“ не можеше да се скроти лесно. Пробните летови беа опасни по живот.

Прв во 11:12 часот полета пробниот пилот од прва класа Алексеј Гринчик на прототип на ловец МиГ-9. Тој авион беше конструиран во конструкторското биро на Артјом Микојан и Михаил Гуревич, каде што се откажаа од идејата за копирање на германскиот ловец Me-262 и беше одлучено во трупот на авионот да се сместат два мотора. Така е намален челниот отпор. Максималната брзина од 920 км/ч авионот ја развиваше за 4,5 минути. Од вооружување ловецот имаше топ калибар 37 мм со 40 проектили и два топа калибар 23 мм со по 80 проектили.

Во 13:56 часот пробниот пилот Михаил Иванов полета со авионот Јак-15. Конструкторот Александар Јаковлев стави во него еден млазен мотор РД-10, сличен на германскиот Jumo-004A. Овој ловец развиваше брзина од 786 км/ч. Подоцна Јак-15 е користен како преоден модел за преобука на пилоти и навикнување на млазни авиони, но сепак имаше два топа калибар 23 мм со по 60 проектили.

Фабричкото тестирање на летот беше успешно, но на 11 јуни 1946 година се случи трагедија поради која за малку не беше ставена точка на проектот МиГ-9. Пилотот Алексеј Гринчик сакаше да ја фасцинира комисијата на военото воздухопловство и изведе неколку остри свртувања, но на висина од 150 метри ловецот се преврте „на грб“ и потоа неконтролирано пикираше уривајќи се на крајот на аеродромската писта.

Во мемоарите на Игор Шелест под назив „Летам по соништата“ постои фрагмент посветен на овој трагичен настан. Пробниот пилот Сергеј Анохин, кој го набљудуваше последниот лет на својот другар, рече: „Таквите моменти не се забораваат. Можеш да замислиш како ми беше кога видов дека се преврте на грб и дека пикира кон земјата. Претчувствувајќи го она најлошото почнав да офкам во себе и помислив дека би дал рака за него“.

А две години подоцна животот го загуби Михаил Иванов. Тој се урна со авион Јак-23 на 14 јули 1948 година во текот на подготовките за авионска парада. На ловецот му отпадна десното крило на висина од 100 метри и леталото се преврте со голема брзина. Пилотот испадна од кабината и падна во близина на главната трибина.

Првите советски турбомлазни ловци беа правени во мали партии, но помогнаа стотици пилоти да се обучат и да го совладаат управувањето со новата техника. Беа направени вкупно 610 авиони МиГ-9 и 280 авиони Јак-15.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња