Мислите дека знаете кои се козаците? Многумина мислат така...

Историја
ГЕОРГИЈ МАНАЕВ
Козаците не се ниту раса, ниту нација, ниту професија, ниту луѓе кои живеат на определено место. Тие се од сè по малку. Време е да се разбијат митовите за козаците и да се види какви биле тие некогаш, а какви се денес.

Тие живееле според сопствени закони на слободните територии на јужна Русија. Биле воена сила, една од најсигурните во Руската Империја. Од друга страна, постојано им правеле главоболки на руските цареви кои сакале да управуваат со козачките заедници и да ги контролираат.

Како се појавиле козаците? 

Зборот „козак“ („казак“) е од туранско потекло и означува слободен човек, талкач, некој што трага по среќата. Очигледно е дека во Русија така ги нарекувале луѓето кои не биле врзани за определен стопан или за спахија.

Првите козаци биле луѓе кои живееле во близина на границите на руските кнежевства, главно на југ, отприлика од 14 и 15 век. Живееле во утврдени населби направени така што би го бранеле кнежевството од номадските племиња кои се движеле по таканаречените „Диви полиња“ или „Куманска степа“ меѓу Владимирско-Суздаљската Русија, Каспиското и Црното море.

Кога козаците почнале да им служат на руските владетели?

Штом во Московската држава се појавила централизирана власт (отприлика во 15 век), првите велики московски кнезови се обиделе да ги ангажираат козаците. Козачките воени формации учествувале во битките на московските кнезови против номадските татарски племиња. Козаците ѝ служеле на Московската држава и ја бранеле од непријателите во пограничните градови. Московската власт делумно ги поддржувала и им испраќала офицери кои не биле козаци.

Во различни делови од Руската империја имало над 20 посебни козачки армии. Тие имале статус на релативно слободни заедници и го зачувале сè до крајот на 19 век. Меѓу нив најголема и најстара била Донската козачка војска (во басенот на реката Дон на територијата на современа Украина). Козачката војска од регуларната армија се разликувала по тоа што во мирнодопски услови лесно можела да се расформира, по што сите козаци се враќале дома и живееле како слободни луѓе. Биле ослободени од плаќање данок на имот, како и од други даноци, а исто така и од регрутација, но затоа биле стриктно задолжени да дојдат со коњ и со оружје на првиот повик на централната власт.

Како им е одземена автономијата на козаците?

Областите во кои живееле козаците во 17 и во 18 век станале дел од Русија. Поради политиката на Московското царство 1667-1671 година избило востание на Донските козаци познато како Селанската буна на Степан Разин. На почетокот на 18 век донските козаци биле покорени од страна на Петар Велики и тогаш нивната земја станала дел од империјата. 

За време на Екатерина Велика избило востание 1773-1775 на чело со Емељан Пугачов. Потоа донските козаци биле строго задолжени да ѝ служат на државата. Козаштвото станало специфичен ентитет во рускиот народ, со определени привилегии и задолженија. 

Зошто руските пионери и истражувачи на нови територии се третираат како козаци?

Ермак, кој го покорил Сибирскиот ханат, Семјон Дежњов кој го открил она што денес се нарекува Берингов мореуз и многу други руски пионери од 17 и 18 век се третираат како козаци зашто служеле на границите на руската земја, ги чувале нејзините граници и го ширеле нејзиното влијание. Семјон Дежњов навистина служел како козак во сибирскиот град Тобољск. Сепак, овие сибирски козаци немале многу сличности со козаците од Донскиот крај. Не биле обединети во некаква воена формација и повеќе личеле на граничари. 

На која вера и националност им припаѓале козаците?

 Козаците не припаѓале на ниту една конкретна националност. Поголемиот број Донски козаци биле со мешовито потекло, делумно средноруско, а делумно јужњачко со силно татарско и полско влијание, така што тие не можат етнички да се дефинираат. 

Поголемиот дел му припаѓале на руското православие и на руското старообредништво. Христијанската вера ги дефинирала во поголема мера, одошто националноста или местото каде живееле. Освен тоа, со козачките принципи и со нивниот начин на живот се поврзани мошне различни луѓе кои се идентификувале како козаци.

По што бил посебен козачкиот начин на живот?

Она што веднаш паѓа во очи кај козаците е нивната „фризура“, нивните мустаќи и облеката во јарки бои која многу потсетува на облеката на народите од Северен Кавказ. Сличноста потекнува оттаму кога станува збор за облеката на професионалните воини и коњаници кои живеат во потоплите краишта. Козаците од десеттата година ги учеле момчињата да јаваат, да ракуваат со сабја и да пукаат со пушка. 

Колку козаци имало?

Козаците за првпат се изброени во пописот од 1897 година, и тогаш ги имало околу 3 милиони (1.448.382 од машки и 1.480.460 од женски пол). Но, нивниот вистински број бил многу поголем. Ги имало вкупно околу 5 милиони во целата империја.

Каде биле козаците во советско време? 

Во советско време многумина козаци биле изложени на репресии зашто поголемиот дел силно се спротивставиле на болшевиците. Болшевичката власт спроведувала политика на „раскозачување“, односно на елиминирање на козаштвото. Од 1918 до 1924 година голем број козаци биле стрелани и уште поголем број биле масовно депортирани. На територијата на Донската козачка војска во 1917 година живееле околу 4.5 милиони луѓе, од кои половината се изјаснувале како козаци. На истото подрачје во 1921 година останале само околу 2.2 милиони луѓе.

Сепак, во советската армија постоеле козачки воени формации, иако според бројноста тие не можеле да се споредат со козачките армии на Руската Империја. 

Каде се сега козаците?

Во денешно време луѓето кои се изјаснуваат како козаци или велат дека имаат козачко потекло живеат на териториите на Русија, на Казахстан, на Украина и во различни делови од светот (многумина козаци емигрирале од Русија по болшевичката револуција од 1917 година).

Врховниот совет на Советскиот Сојуз во 1989 година официјално призна дека против козаштвото биле применувани неправедни репресии и го потврди нивното право на официјална политичка рехабилитација. Владата на Руската Федерација во 1994 година изјави дека „преродбата на козаштвото како традиционална руска државна служба е еден од елементите на новата руска држава“.

Денес постои руска милитаризирана формација која се нарекува Државен регистар на козачките друштва на Руската Федерација. Тоа е обединета хиерархија на современите руски козачки заедници во различни делови од земјата. Исто така постои Совет за прашања на козаштвото при претседателот на Руската Федерација. Сега во Русија има околу 140.000 козаци (членови на козачките заедници) и регистрирани се 11 поголеми козачки заедници, но бројот на козачките потомци е далеку поголем.