Цела Европа се плашела од суровите брадести коњаници, вооружени со копја и сабји. Козаците биле познати по својата нескротлив нарав и по извонредните воени вештини, и како такви станале неразделен дел од општата претстава за Русија.
Многу земји ѝ завидувале на Руската империја поради козачката коњица и сакале да имаат нешто слично во својата армија. Една земја дури и ѝ се обратила на Русија со молба за помош во формирањето ваква воена формација. Тоа бил Иран кој до 1935 година се нарекувал Персија.
Иран, околу 1873 година: Насер ал Дин Шах, владетел на Персија, за време на светската изложба во Виена.
Getty ImagesПерсискиот владетел Насер ал Дин Шах за првпат ги видел козаците во 1878 година кога допатувал во посета на Ереван. Бил фасциниран од мајсторското ракување со оружјето и од држењето на таканаречените терски козаци кои живееле на подрачјето на Кавказ.
Бидејќи се загреал за идејата во својата земја да создаде нешто слично, шахот им се обратил на локалните власти со молба да испратат офицери за формирање коњички одред. Оваа негова молба стасала до императорот Александар Втори, а тој без одложување ја дал својата согласност.
На рускиот цар не му требало многу време за да донесе ваква одлука. Тогаш во ек била таканаречената Голема игра помеѓу Русија и Британија за распределување на зоната на влијание во Азија. Персија во играта била важен фактор, а шахот сам им дал на Русите можност да ги зајакнат своите позиции во оваа земја, така што неговата молба било невозможно да се одбие.
Во Иран бил испратен потполковникот Алексеј Домонтович со тројца офицери и со петмина подофицери на Терската козачка војска.
Персиски козаци, помеѓу 1876 и 1933 година
Музеј во Бруклин„Бригадата на Неговото величество шахот“ е формирана во 1880 година. Се состоела од Персијци и имала само 200 сабји. Персиските козаци носеле униформи на терската и на кубањската козачка војска со локални обележја.
На чело на бригадата бил офицерот на рускиот генералштаб, најблискиот советник на шахот кој му се потчинувал само нему и на премиерот. Имал висок чин на сердар, кој често е третиран како повисок од генералски чин. Шахот му доделил почесен Орден на Лавот и Сонце „Тимсал“ со својот портрет и со дијаманти. Сердарот го носел на градите. Владетелот никогаш не се мешал во внатрешните прашања на бригадата – во целост се потпирал на мислењето на нејзиниот командант.
Персиска армија, 1907. Оддел на Персиската козачка бригада на парада.
Global Look PressСо текот на времето бригадата станувала побројна, а нејзината структура посложена. Во рамките на бригадата бил формиран пешадиски баталјон, а исто така и артилериска батерија. Кога ја постигнале соодветната борбена подготвеност, персиските козаци добиле задолжение да го обезбедуваат шахот и високите функционери. Покрај тоа биле задолжени за обезбедување на министерствата, на дипломатските претставништва и на банките, учествувале во собирање даноци и во спречување на сите видови нереди.
Во историјата на бригадата имало добри и лоши моменти. Шаховите се менувале, едни губеле интерес за неа, други имале намера да ја згаснат, а трети да ја величаат. Бригада во определен дел е финансирана и од Русија.
Погубување револуционери во Табриз за време на руската интервенција во 1911 година.
Public domainНа почетокот од 20 век козачката бригада била најсилната единица на иранската армија и имала најдобар можен третман. „Кога дојдов во бригадата во 1914 година во неа најдов добри градби во кои имаше сè што е потребно. Командантот на бригадата имаше мошне убава куќа, а покрај неа имаше и убави станови за руските конструктори, добро наместени и опремени“, се сеќава коњичкиот капетан од втора класа Леонид Висоцки, кој во Иран бил испратен како инструктор за коњицата.
При бригадата беше основана дури и воена школа (кадетски корпус) во која обуката се изведуваше главно на руски јазик, додека само за определени предмети (од персиската книжевност, на пример) наставата се одржувала на фарси. Дипломците биле воспитувани во руски дух и со знаење на руски јазик по завршувањето на обуката станувале офицери.
Воениот новинар и историчар на специјалните служби Михаил Болтунов смета дека основањето и развојот на Персиската козачка бригада под раководство на руските офицери била една од најдобрите организирани и најпродуктивни специјални операции на руската воена разузнавачка служба во втората половина на 19 век (Михаил Болтунов, „Разузнавање 'под покрив'. Од историјата на специјалната служба“. Москва, 2015).
Владимир Андреевич Косоговски (1857-1918), генерал-лајтнант, командант на Персиската козачка бригада.
Public domainВладимир Косоговски командувал со бригадата од 1894 до 1903 година, и за тоа време рускиот генералштаб има испратено огромно количество разузнавачки податоци од стратешки, воен и економски карактер. На толку висока функција тој бил добро запознаен со сите случувања во иранските политички кругови.
Косоговски детално и внимателно го опишувал потенцијалниот пат по кој руската армија во тоа време можела да стаса до Индија преку територијата на Иран. Ги има опишано сите детали од тој пат, односно местата погодни за форсирање реки, за снабдување на единиците итн.
Тој во Санкт Петербург испраќал дури и извештаи со податоци за технологиите за одгледување свилена буба и за производство на свила, а исто така и за системот за водовод и канализација во главниот град на Иран.
Персиската козачка бригада во Табриз, април 1909 година, кавер – Офицери на Персиската козачка бригада.
Public domainПерсиската козачка бригада на почетокот на 20 век учествувала во важни настани во историјата на Иран и била сигурна потпора на владејачкиот режим. Благодарение на неа Мухамед Али Шах во Уставната револуција во 1908 година го сочувал својот живот и останал на власт, излегувајќи како победник од конфликтот со Меџлис.
Врз база на козачката бригада во 1916 година создадена е дивизија, но веќе во 1917 година во Русија избила револуцијата и сите врски со руските козаци биле прекинати.
Извесно време дивизијата се користела за спречување на продор на советските трупи во северен Иран. Веќе во 1921 година отпуштени се сите 120 руски офицери, а дивизијата е расформирана. Сепак, персиските козаци кои биле обучени од руските стручњаци и понатаму во Иран биле третирани како воена елита и набргу станале основа на новоформираната иранска армија.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче