1. Споменикот на Јуриј Долгоруки
Legion Media
Легендарниот основач на Москва, кнезот Јуриј Долгоруки, овековечен е во бронза во 1947 година по повод одбележувањето на 800-годишнината од градот. Скулпторот Сергеј Орлов со многу детали го прикажа типскиот лик на руски јунак со шлем и во оклоп. Според московската легенда, за време на откривањето на споменикот некој од толпата присутни извикал: „Баш личи“ (додека според друга верзија извикот бил: „Не личи!“). Многумина сметале дека Долгоруки потсетува на централната фигура од познатата слика на Виктор Васнецов „Богатир“.
Александр Авилов/Moskva Agency
Споменикот е поставен на Советскиот (денес Тверски) плоштад на местото на некогашниот споменик на Советскиот Устав, кој во 1919 година е отстранет. Познато е дека советската власт се борела против секое наследство на Руската Империја. Меѓутоа, Сталин лично сакал неговото владеење да асоцира со древните јунаци на стара Русија. Јуриј Долгоруки, Александар Невски, Иван Грозни (за последниве двајца на Сергеј Ејзенштејн му нарачал снимање на патриотски филмови). Но, по смртта на Сталин најзагрижените членови на партијата сметале дека во центарот на Москва нема место за класно туѓ елемент, кој не е поврзан со комунизмот.
Постои и интересна приказна за моделот на коњот. Наводно Сталин, кога му го покажале споменикот, видел кобила и рекол дека треба да се додадат атрибути на машкост. Меѓутоа, подоцна Ника Хрушчов негодувал, жалејќи се дека се премногу големи, па биле отстранети...
2. Споменикот на маршалот Жуков
Legion Media
Георгиј Жуков бил херој на СССР и еден од маршалите кои на земјата ѝ ја донесоа победата во Втората светска војна. Тој ја има примено првата, легендарна Парада на Победата на 24 јуни 1946 година. Фотографиите од оваа парада го инспирирале уметникот за овој споменик на Жуков кој е поставен во 1995 година по повод 50-годишнината од Победата.
Sami C (CC BY 2.0)
Властите за изработката на статуата издвоија огромна сума од 3.2 милиони американски долари, но работата на уметникот Вјачеслав Кликов и на архитектот Јуриј Григорјев не им беше по волја на московјаните. Главен повод за критика беше коњот. Тој, наводно, не е пропорционален на коњаникот и стои во неприродна поза. Освен тоа, лицето на Жуков покажува само мала сличност со фотографијата. Самиот скулптор се жалеше на локацијата на споменикот зашто на него незгодно паѓа сенката од Историскиот музеј. Првобитно беше планирано споменикот да биде поставен на Црвениот плоштад, но комитетот на УНЕСКО го заштити културното наследство од таквиот потег. Затоа Жуков остана на влезот на Црвениот плоштад покрај Историскиот музеј, на Манежниот плоштад.
3. Споменикот на Петар Први
Константин Кокошкин / Global Look Press
Споменикот што московјаните најмалку го сакаат ја чинеше власта дури 16.5 милиони американски долари. Конструкцијата висока речиси 100 метри ја направи Зурам Церетели во 1997 година по нарачка на московските власти по повод одбележувањето на 300-годишнината од руската морнарица. Статуата на Петар Први висока 18 метри стои на брод кој се наоѓа на потпора.
Комсомольская правда / Global Look Press
Жителите на градот негодуваа пред сè поради џиновските размери на споменикот кој отскокнува од историската панорама на градот. Против него дури и се одржа митингот „Вие не бевте тука“ и активистите собираа потписи за негово отстранување. Со доаѓањето на новиот градоначалник се покрена прашањето за преместување на статуата. Меѓу другото, таа беше понудена на Санкт Петербург, но градот ја одби.
Reuters
Критики предизвика и тоа што скулптурата на Петар премногу потсетува на едно друго дело на Церетели: споменикот на Колумбо, кој, според, гласовите, сакал да им ја продаде на САД, но Американците не сакале да ја земат, па заврши во Порторико.
4. Споменикот на Владимир Велики
Legion Media
Една од најновите статуи која во јавноста предизвика полемики беше споменикот висок 17.5 метри посветен на кнезот Владимир кој во Русија во 10 век го донел христијанството. Делото на скулпторот Салват Шчербаков е поставено покрај Кремљ на 4 ноември 2016 година на Денот на народното единство. Првобитно требаше да биде поставен на видиковецот на Воробјови Гори, но тоа предизвика негодување кај јавноста зашто скулптурата би го нарушила историскиот изглед на локацијата. Од ова место се откажаа и од друга причина: Воробјови Гори е посебно заштитена територија, а покрај тоа, на брегот на реката Москва постои голема веројатност од лизгање на земјиштето.
Владимир Гердо / TASS
Новото место беше избрано со Интернет-гласање и статуата беше поставена на Боровицкиот плоштад покрај Кремљ. Незадоволството на граѓаните беше повторно покажано зашто го нарушува историско-архитектонскиот ансамбл на оваа локација. Освен тоа, полемика предизвика и јунакот на споменикот. Како прво, името Владимир беше веднаш поврзано со Владимир Путин и со наводно негова лична желба да воспостави историска паралела (што беше демантирано од страна на портпаролот на претседателот), а како второ, московјаните реагираа на она што го доживеаја како општа тенденција на зајакнување на влијанието на Руската православна црква, чии претставници беа членови на конкурсната комисија. Освен тоа, сметаа дека поводот за поставување на споменикот (1.000 години од смртта на кнезот) не е убедлив.
Сергеј Бобилев / TASS
Уште еден повод за критика беше тоа што некои сметаа дека на Владимир не му е местото во Москва, зашто во времето на нејзиното основање во 1147 година кнезот веќе бил покоен. А, во Киев, каде владеел Владимир, веќе постои споменик висок 20 метри.
5. Споменикот на Михаил Калашников
Кирил Зиков/Moskva Agency
По споменикот на Владимир Велики, скулпторот Салват Шчербаков направи статуа на конструкторот на познатата автоматска пушка АК-47, која и денес е составен дел од вооружувањето на војските во над 50 земји.
Споменикот е поставен во центарот на Москва: во Оружејната улица пред комплексот „Оружејни“, инспириран од Сталиновите облакодери. Фигурата на Михаил Калашников висока два метри со сопствената автоматска пушка во рацете се наоѓа на потпора висока пет метри. Покрај неговите нозе се најде фигура на архангел Михаил кој со копје ја убива аждајата. Подножјето е украсено со цртежи и проекти на Калашников, како и цитатот: „Правев оружје за одбрана на мојата Татковина“.
Кирил Зиков/Moskva Agency
Остра критика предизвика самиот факт дека се подига споменик на креаторот на оружје кое им ги одзело животите на милиони луѓе. Многумина граѓани се запрашаа: ако е тоа споменик на човек, зошто тој во рацете држи пушка, а ако е споменик на оружје, зошто да се прикажува човек.
Но, особено незадоволство кај московјаните предизвика самиот изглед на скулптурата. На социјалните мрежи беше нарекувана „накажана“. А, галеристот Март Гељман, кој го критикуваше и споменикот на Петар Први, композицијата ја опиша како „архаична“ и „банална“.