Како Сталин го тргна најголемиот војсководец на СССР, маршалот Георгиј Жуков

Sputnik
Советскиот маршал ја победи армијата на нацистичка Германија, го зазеде Берлин, но лошо мина во валканата борба за власт во Кремљ.

Кога по петнаесет години од повлекувањето од службата и надвор од очите на јавноста почина славниот советски маршал (1974 година), поетот Јосиф Бродски ги напиша стиховите „По повод смртта на Жуков“ во кој го опишува како човек кој храбро на чело на војската влегувал во главните европски градови, но со страв се вратил во престолнината на својата држава.

Зборот „страв“ тука сепак треба да се сфати како поетска слобода на изразување, зашто тешко е да се поверува дека Жуков, човекот кој ги победил Јапонците во битката на реката Халкин Гол во 1939 година и бил еден од најуспешните војсководци во војната против нацистите, се плашел од нешто.

Но, Бродски до некаде има право зашто по војната Јосиф Сталин му зарил нож во грб како еден од своите најголеми непријатели.

Да се тргне ривалот

Маршалот Жуков и британскиот фелдмаршал Монтгомери во Берлин

Во 1946 година Жуков командувал со советската војска во Германија и со копнените сили на Црвената армија. Можело да се каже дека го чекала светла иднина. Но, сè се сменило истата година, кога Сталин го разрешил од должноста и го испратил да командува со воен единица во зафрлената Одеса. Тоа било навистина понижувачко прогонство за воен херој од негов калибар.

Сталин за нашите современи сфаќања имал слаб изговор: Маршалот Александар Новиков, главен командант на воздушните сили тврдел дека Жуков подготвува завера против генералисмусот. Всушност, Новиков бил натеран да потпише таква изјава.

„Ми го скршија духот, бев очаен... ноќи без сон... и потпишав, само еднаш веќе да завршам со тоа“; призна подоцна Новиков. Но, неговите зборови му помогнале на Сталин да го обвини Жуков за „бонапартизам“ и да го испрати во прогонство.

Сталин по секоја цена сакал да се ослободи од потенцијалниот ривал на кој не му верувал и од кого се плашел.

Жуков станал неверојатно популарен за време на војната и можел да му го одземе на Сталин монополот на власта. „Сталин беше љубоморен на мојата слава. А, Берија само го поттикнуваше да ме тргне“, велеше маршалот подоцна.

Мирни години во провинција

Жуков во Одеса

Од 1946 до 1948 година Жуков живееше во Одеса и се бореше против криминалните банди кои владееја со градот. Кога локалните власти објавија дека криминалот е уништен, Сталин го испрати Жуков уште подалеку од Кремљ, давајќи му должност командант на Уралскиот воен округ во Свердловск, денешен Екатеринбург (1.700 километри источно од Москва).

Истата година Жуков беше обвинет за пљачкосување на освоениот Берлин и беше натеран да се оправдува, велејќи: „Не смеев да го собирам тоа бескорисно ѓубре и да го ставам во некој магацин, под претпоставка дека веќе никому не му треба“. Во Свердловск остана сè до смртта на Сталин во 1953 година.

Повторно на власта

Само еден месец пред својата смрт, Сталин наредил Жуков да се врати во Москва. Маршалот претпоставил дека на Сталин му е потребна неговата воена умешност за да се подготви за можна војна против Западот. Во секој случај по смртта на Сталин Жуков станува министер за одбрана и игра важна улога во советската политика.

Токму тој го има уапсено Лаврентиј Берија, верниот џелат на Сталин, но и човек кој беше силно поврзан со НКВД и со тајните служби. Затоа други важни фигури како што е идниот генерален секретар на ЦК на КПСС Никита Хрушчов и Георгиј Маленков, кои мислеле дека ќе триумфираат со Берија, се нафрлиле на маршалот. Авторитетот во армијата многу му помогнал на Жуков во таа ситуација.

Жуков против сталинизмот

Хрушчов и Жуков

Како и Хрушчов, маршалот му бил предан на Сталин додека водачот бил жив, но по смртта на Сталин укажал на непотребните грешки и на бруталните репресии. Историчарот Леонид Максименков вели дека Жуков како министер за одбрана (1955-1957) имал свој план за борба против сталинизмот и против сталинистите.

Жуков барал да се преиспитаат судските процеси против воените лица во триесеттите години од минатиот век и разрешил од должност неколкумина генерали кои носеле одговорност за егзекуцијата на невини луѓе под лажни обвиненија.

Жуков во својот дом

Токму тоа, смета Максименков, го натерало Хрушчов да го натера Жуков да замине во предвремена пензија. Чистката меѓу членовите на државниот апарат била опасна за целиот советски систем. Затоа Жуков, поради наводна злоупотреба на својата положба е разрешен од должноста.

Воената кариера на Жуков со ова беше завршена. Остатокот од животот го мина пишувајќи мемоари главно за воените години. За повоените интриги на комунистичкиот Олимп зборуваше малку.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња