Зошто руските пилоти беа ненадминати кога е во прашање забивање во непријателски летала

А. Волошин
„Таранирањето“, односно забивањето со своето летало во непријателско како „ударен овен“ (рус. тарáн) бараше од пилотите многу храброст. Руските и советските пилоти беа пионери во овие маневри, а повеќето тоа ги чинеше животот.

Првиот воздушен „ударен овен“

Рускиот капетан Петар Нестеров не само што е првиот пилот на светот кој го извел сложениот акробатски маневар под називот „мртов јазол”, туку е и првиот пилот кој извел „таранирање” во воздушна битка.

На 26 август 1914 година австриски авион летал над рускиот аеродром во Галиција со намера да го бомбардира. Нестеров веднаш реагирал: полетал во својот лесен еднокрилец и тргнал кон непријателот.

Рускиот пилот не сакал да изврши самоубиство, туку планирал да прелета над непријателското летало и да го уништи со стојниот трап на својот авион. Меѓутоа, ударот го зафатил средниот дел на австрискиот авион и страдале и Нестеров и непријателот. 

Првиот пилот кој преживеал таранирање

Првиот пилот кој преживеал сличен судар во воздухот е Александар Казаков. Тој во 1915 година на сличен начин како Нестеров соборил германски „Албатрос“, но и успеал безбедно да слета. 

Казаков во граѓанската војна се борел на страната на белото движење. Во август 1919 година не можел да се помири со фактот дека британските сојузници се повлекле од Мурманск и намерно се забил в земја.

„Огнен ударен овен“

Самоубиствениот маневар познат како „огнен таран“, кога пилотот го насочувал своето запалено летало кон непријателот на земја или на површината на морето, првпат е изведен во текот на советско-јапонскиот конфликт на монголската река Халкин Гол.

Советски авион кој ги бомбардирал јапонските трупи бил погоден на 5 август 1939. Пилотот Михаил Јујукин сфатил дека нема да успее да долета до безбедната територија и дека ќе биде заробен. Им наредил на членовите на екипажот да го напуштат авионот и го насочил кон редовите на јапонската војска.  

Таканареченото „огнено таранирање“ било широко застапено меѓу советските пилоти во Втората светска војна. Командата не издавала слични наредби, но пилотите секогаш постхумно биле наградувани.

„Огнениот тааран“ станал главното оружје на јапонските камикаѕе во последните фази на војната.

Ноќно таранирање

На 7 август 1941 година советскиот пилот Виктор Талалихин соборил германски бомбардер Не-111 со својот авион-ловец И-16 во воздушна битка над Москва. Тоа било едно од првите таранирања изведени ноќе.

Ранетиот Талалихин успеал да се спушти со падобран во река и да ги пронајде трупите на Црвената армија. Загинал во акција два месеци подоцна, на 27 октомври, а остатоците од авионот „Поликарпов“ И-16 со кој управувал таа ноќ над Москва се пронајдени во шума дури 2014 година.

Првото и единствено таранирање што го извела жена

На 12 септември 1941 година Екатерина Зеленко со лесен бомбардер полетала да ја извиди ситуацијата околу населбата Ромни во Украина, кога ја нападнале германски Bf-109. 

Зеленко успеала да погоди еден од седумте непријателски авиони. Останала без муниција и загинала забивајќи се во друг германски авион. Таа е и единствената жена-пилот во историјата која извела таранирање во воздушна битка.

Првото и единствено таранирање во ерата на млазните авиони 

Единствениот случај на таранирање на млазен авион се случи на 23 ноември 1973 година, кога ирански Ф-4 „Фантом“ во шпионска мисија во рамките на проект на ЦИА го повреди воздушниот простор на СССР.

Пилотот на советски МиГ-21СМ Генадиј Елисеев доби задача да го пресретне натрапникот, а откако сите ракети ја промашија целта, тој решава да ја удри опашката на „Фантомот“ со своето крило. Иранското летало е соборено, пилотот заробен, а капетанот Елисеев се забива во карпа и загинува.  

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња