Заборавениот тенковски баталјон на Руската православна црква

М. Коломиец/«Экспринт», 2003
По сите приказни за болшевичкиот прогон на православната вера, би можело да ве изненади дека токму во времето на Сталин Руската православна црква имала, ни помалку ни повеќе, ами свој тенковски баталјон. Станува збор за славниот, но на популарната историографија слабо познат тенковски баталјон „Дмитриј Донски“.

До крајот на 1943 година Црвената армија и рускиот народ со големи жртви и со епска храброст успеале да ги ликвидираат нацистичките завојувачи пред вратите на Москва, во урнатините на Сталинрад, на брдестиот Кавказ, по степите околу Курск и на други места, со што ја разбиле илузијата на Хитлер за уништување на Советскиот Сојуз. Фронтот бил стабилизиран, но патот кон ослободувањето на окупираните руски и источноевропски земји, како и кон конечното уништување на нацистичкото зло бил долг. Токму во тие времиња започнува една од најинтересните приказни на Големата татковинска војна – онаа за настанувањето на баталјонот „Дмитриј Донски“ и неговиот воен пат.

Пред сѐ, кога станува збор за оваа уникатна формација на Црвената армија, важно е да се истакне дека таа претставува вистински пример за соработка помеѓу советската држава и Руската православна црква. Црквата на почетокот од германската агресија била со својот народ и му помагала во одбраната на земјата со јакнење на борбениот дух низ литургиска и пропагандна дејност, како и со хуманитарна работа. Но, овие активности се вршени на релација црква-народ, заобиколувајќи го советскиот државен апарат. Така, Црквата имала и свој фонд за одбрана на татковината во кој со донација на верниците до октомври 1944 година биле собрани 150 милиони рубли. Севкупно, Руската православна црква до крајот на војната што со свои средства, што со донации од верниците, вложила околу 300 милиони рубли во победата над нацистите. Овие средства биле придружени со донациите на работниците на Советскиот Сојуз за „Генералниот одбранбен фонд на Црвената армија за снабдување со тенкови, авиони и бродови“.

Откако ја видело улогата на руската црква и откако се соочило со неопходноста да го обедини целиот народ во борбата против завојувачот, советското државно раководство почнало да го напушта својот милитантен атеизам, антицрковната пропаганда и политиката на репресија кон Црквата и верниците,. Така нацистичката „војна за истребување“(Vernichtungskrieg) го направила речиси невозможното – ја смирил болшевичката држава со руската црква. Врв на овој процес била историската средба на Јосиф Сталин со митрополитот Сергиј на 4 септември 1943 година на која митрополитот ги изрекол познатите зборови: „Вашите победи се и наши победи“.

Неколку дена подоцна, на 8 септември 1943 година, Соборот на архиереи го избрал Сергиј за патријарх Московски и на цела Русија. Една од главните теми за кои (во тоа време сѐ уште) митрополитот Сергиј и Сталин разговарале за време на средбата била и формирање на тенковски баталјон со донации на Руската православна црква. Тоа не била нова идеја. Сергиј уште на 30 декември 1942 година во своето обраќање ги повикал верниците да дадат прилог за формирање на тенковски баталјон кој би го носел името на прочуениот руски херој Дмитриј Донски: „Нашиот црковен баталјон нека го носи со себе благословот на православната црква и непрекинатата молитва за победа на руското оружје. На сите нас ќе ни биде удобна свеста за тоа дека не сме стоеле настрана, ами дека секој во согласност со своите можности и со својата сила дал придонес на светата работа за спасување на татковината“.

Парите биле собрани до крајот на 1943 година, па со одобрение на Сталин таа зима започнало формирањето на оваа несекојдневна единица. Самиот назив на баталјонот имал големо симболичко значење зашто Дмитриј Донски бил првиот руски кнез кој тргнал против монголската власт и потоа ги победил Монголците во прочуената битка на Куликовското поле на 8 септември 1380 година.

Затоа и свеченоста за формирањето на оваа единица на 7 март 1944 година била недалеку од Тула, во близина на легендароното Куликовско поле. Во таа пригода 40 тенка од прочуениот тип Т-34 кои Руската православна црква ги купила биле предадени на Првата гардиска тенковска армија. На овој чин присуствувал и митрополитот крутицки и коломенски Николај, што воедно била и првата јавна средба на руските црковни официјални лица со офицери и војници на Црвената армија. Тој тогаш на тенкистите им се обратил со следниве зборови: „Избркајте го омразениот непријател од нашата Велика Русија! Славното име на Дмитриј Донски нека ве води во битката за светата руска земја! Напред, кон победа, браќа војници!“. Патот кон победата, за оваа единица, започнал веќе ноќта на 23 кон 24 март 1944 година кога за првпат се судрила со непријателот кај Уман во Украина и го разбила.

Тенковскиот баталјон „Дмитриј Донски“ бил квалитетно опремен. Тоа била една од првите оклопни формации на Црвената армија која добила модернизирани тенкови од типот Т-34/85 (конкректно поседувала 19) со топ со зголемена пробојност и дострел од 85 милиметри и посилен оклоп. Сепак, нејзин главен адут биле тенковите ОТ-34 што е верзија Т-34 со монтиран фрлач на пламен (единицата поседувала 21).

Баталјонот исклучително успешно војувал и се покажал достоен на името што го носел. Се проценува дека единицата само во првите два месеци од борбата ликвидирала околу 1.400 хитлеровци, уништила и онеспособила 40 топови, стотина митралески гнезда, 38 тенкови, 17 оклопни возила и околу 100 други возила. По завршувањето на Втората светска војна тенковите од оваа единица се најшле во музеите на Москва, Ленинград и на Тула.

Ако ве интересира руската историја прочитајте исто така Пет судбоносни победи на руската армија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња