Неколку недели пред 12 април 1961 година и легендарниот лет на Јуриј Гагарин, во космосот била испратена кукла во скафандер по име Иван Иванович со кучето Звездочка. Во бродот се наоѓал и магнетофон кој на земјата испраќал снимени кулинарски рецепти и хорски песни. Тоа било направено за да се збунат Американците кои го надгледувале летот и долго и безуспешно се обидувале да ја декодираат оваа „шифрирана“ информација.

Sputnik
На кацигата на Гагарин е напишано „СССР“ буквално 20 минути пред полетувањето. Во последен момент сфатиле дека при слетувањето на земјата, космонаутот би можел да биде третиран како странски шпион. Една година претходно на територијата на СССР беше соборен извидувачкиот авион на Американецот Френсис Гери Хари Пауер кој имаше слична кацига.

Sputnik
За време на полетувањето на бродот, Јуриј Гагарин требало да го изговори вообичаеното „Екипажу, полетуваме“. Космонаутот решил да го наруши протоколот, повикувајќи го сега веќе познатото „Одиме“ („Поехали“), кое го знае сиот свет. Така најчесто пред полетувањето со авион велел неговиот инструктор Марк Галај кому навистина не му било јасно зошто би му се обраќал на екипажот кога во леталото се наоѓа само еден човек.
Sputnik
Бродот на Јуриј Гагарин „Восток 1“ функционирал во автоматски режим на управување зашто никој не можел да предвиди како ќе се однесува човек во такви екстремни услови. Јуриј добил плик со шифра за активирање на рачното управување доколку има потреба од тоа. Шифрата се добивала така што требало да се реши едноставна аритметичка задача што за човек во состојба на паника би можело да биде прилично комплицирано.
Sputnik
Пред полетувањето Јуриј Гагарин ѝ напишал проштално писмо на својата сопруга Валентина кое требало да ѝ биде врачено во случај да загине. Сопругата на првиот човек во космосот сепак го добила писмото, но по седум години, кога Гагарин загина во авионска несреќа на 27 март 1968 година.
Sputnik
Во тоа време не се знаело точно како ќе се однесува вселенскиот брод за време на слетувањето додека минува низ густите слоеви на атмосферата. Откако ги видел низ прозорецот огнените јазици, Гагарин мислел дека станува збор за дефект на бродот и на колегите на земјата им порачал: „Горам, збогум другари“. Од разбирливи причини овие зборови заминале во заборав.
Sputnik
Јуриј Гагарин во космосот полета како постар лајтнант, а на земјата слета со звањето мајор. Според една верзија, на министерот за одбрана Родион Малинович со налог за унапредување на првиот човек во космосот во мајор лично му се обратил Никита Хрушчов, прескокнувајќи го притоа чинот капетан.
Sputnik
За време на полетувањето на бродот „Восток 1“ за првпат во историјата во космосот се нашло стрелачко оружје. Имено, Јуриј Гагарин добил пиштол Макаров. Се претпоставувало дека космонаутот би можел да се приземји во некоја забит каде би дошло до ситуација да се брани од диви животни. Токму тоа се случило со екипажот на бродот „Восход 2“ кога во 1965 година со пукање морал да ги брка волците и мечките во тајгата под снегот на Јужен Урал.
Sputnik
Спуштањето на космонаутот на земјата во капсула во тоа време не било технички изводливо, па Гагарин се катапултирал од леталото и слетал со падобран. Во неговиот херметички затворен скафандер веднаш не се активирал вентилот за довод на воздух, така што тој извесно време не можел да дише. Првиот човек во космосот кој минал толку тежок пат за малку не загинал на крајот.
Sputnik
Кога два дена по летот на приемот во Кремљ Никита Хрушчов го одвел Гагарин настрана и го прашал дали го видел Бога, тој на шега му одговорил „Го видов“. Советскиот лидер му рекол: „Те молам, никому не кажувај за тоа“. По извесно време на космонаутот му пришол патријархот Алексеј Први и му го поставил истото прашање. На Гагарин му било непријатно да се пошегува со поглаварот на Руската православна црква, па му рекол „Не, оче, за жал не го видов“. „Те молам, Јура, никому не кажувај за тоа“, му рекол патријархот Алексеј.
Sputnik