Неуништливиот тенк КВ-1: Како „рускиот монструм“ ги малтретираше нацистите

Историја
БОРИС ЕГОРОВ
Тешкиот советски тенк КВ-1 можеше да се носи со поголемиот број германско вооружување, но лошите технички карактеристики беа негова Ахилова петица во Втората светска војна.

1. Дури кога ја започнаа операцијата „Барабароса“ Германците сфатија дека Црвената армија има тенкови на кои ништо не им можат. КВ-1 беше непобедлив. Тој можеше да се спротивстави на поголемиот број вооружување што го поседуваше Вермахтот.

2. Тешкиот тенк КВ-1 го добил името по советскиот народен комесар (министер) за одбрана, маршалот Климент Ворошилов. Направен е непосредно пред почетокот на советско-финската војна во која го имаше „огненото крштевање“. Овој тенк ефикасно им се спротивстави на финските противтенковски оружја и на артилеријата, но неговиот топ со калибар од 76 милиметри беше бескорисен во борбата против непријателските бункери.

3. Кога единиците на Вермахтот влегле на советската територија им се спротивставиле над 400 тенкови КВ-1. Овие руски „монструми“ или „створови“ (како што ги нарекувале Германците) не можеле да ги уништат ни германските тенкови, ни нивната противтенковска артилерија. Единствено решение било тенковите да се пуштат да пријдат поблизу од 500 метри, но тоа било еднакво на самоубиство.

4. Во борбата против тенковите КВ-1 најефикасни биле противвоздушните оружја со калибар од 88 милиметри. Тие можат да излеза на крај со „створовите“ од поголема оддалеченост. Друг ефикасен, но прилично компликуван начин на борба против овие тенкови бил избегнување директен судир со него и ангажирање на авијацијата.

5. Во раните фази на војната имало многу епизоди во кои екипажите на тенкот КВ-1 направиле вистински подвиг. На пример, во јуни 1941 година во близина на литванскиот град Расејнај еден ваков тенк влегол во суд со целата германска Шеста тенковска дивизија. Тој одненадеж се појавил во непријателската заднина и останал без гориво. Стоел каде што се нашол, пресекувајќи ги на тој начин сите комуникации и движењето на транспортот на германската дивизија. Уништил 12 камиони за снабдување и неколку противтенковски оружја со калибар од 50 милиметри, што го парализирал непријателот цели 24 часа. „Рускиот монструм“ ги одбил сите напади, а уништен е дури кога Германците го гаѓале од противвозушен топ со калибар од 88 милиметри.

6. И покрај сè, на тенкот КВ-1 не му било судено да стане најдобриот тенк во Втората светска војна. Тој имал одличен оклоп, но технички бил мошне несигурен. Конструкцијата му била сурова и недовршена, имал трансмисија со лош квалитет и мошне лош филтер за воздух, така што голем дел од овие тенкови не стасувале до фронтот зашто биле расипани. Некои екипажи дури и биле принудени да го напуштат својот расипан тенк.

7. Огромните тенкови КВ-1 биле вистинска опасност за патиштата и за мостовите. Каде ќе минела грдотијата тешка 45 тони, на тоа место најчесто повеќе не можела да поминува останатата воена техника.

8. Советските конструктори се обиделе да ги отстранат сите недостатоци, така што пролетта 1942 година се појавила модернизираната верзија КВ-1С. Овој тенк бил нешто полесен (само 42.5 тони) и имал нешто потенок оклоп од страната (60 наместо 75 милиметри). И покрај овие „олеснувања“ и понатаму останал непробоен за непријателското оружје, а се движел побрзо. На пат развивал брзина од 45 километри на час (додека постариот модел се движел со 35 километри на час). Бил и посигурен зашто му била подобрена трансмисијата.

9. Но, излегло дека сите овие обиди се залудни. Вермахтот на крајот од летото 1942 година започнал масовно да ги користи своите тешки „Тигри“, така што советскиот тенк КВ во тој момент веќе застарел. Имено, во една куса борба кај Ленинград три „Тигра“ лесно и без загуби уништиле десет тенкови КВ-1.

.

10. Производството на тенкот КВ (поточно неговата последна модификација КВ-85, со топ со калибар од 85 милиметри) е запрено во 1943 година. Така тенкот на Климент Ворошилов му го отстапил местото на новиот тенк на Јосиф Сталин (ИС). ИС беше најдобро оклопениот и најубиствениот тежок тенк што го поседувале сојузниците во Втората светска војна. Таканаречениот „ловец на мачки“ („Пантерите“ и „Тигрите“) бил оружје со кое конечно била дотолчена нацистичка Германија.

Прочитајте исто така: Како за само еден ден красноармеецот Најдин со лесен тенк БТ-7 уништи 15 германски „Панцери“