Како за само еден ден красноармеецот Најдин со лесен тенк БТ-7 уништи 15 германски „Панцери“

БТ-7

БТ-7

Википедија
Историјата на Големата татковинска војна помни многу тенковски асови. Меѓутоа, малобројни се хероите во лесни тенкови. Еден од нив е командирот на тенкот БТ-7 Григориј Најдин, кој во две куси борби на самиот почеток од операцијата Барбароса уништи 15 германски тенкови и уште околу 10 оружја.

Петтата тенковска дивизија на Црвената армија на 18 јуни 1941 година стаса во Алитус (Литванија), а веднаш потоа доби задача да се сконцентрира јужно од градот, издвојувајќи се командно од составот на 3 механизиран корпус. Намерата беше дивизијата да се развие на фронтот широк 30 километри од Друскининкај до Алитус по должината на реката Немен, очекувајќи го германскиот напад. Сепак дивизијата не успеа во целост да се развие пред да започне германската офанзива. Против концентричните сили на германската 7 и 20 панцер-дивизија се бореа само делови од 5 тенковска дивизија кои до крајот на 22 јуни мораа да се повлечат од своите положби.

Ноќта помеѓу 22 и 23 јуни Германците фрлија падобрански десант од 600 луѓе во заднината на дивизијата и го зазедоа аеродромот Оран. Десеттиот полк на 5 тенковска дивизија брзо го расеа германскиот десант и го врати аеродромот, но со тоа ги ослаби основните позиции зашто половината од тенковите се наоѓаа надвор од германскиот продор. Остатоците од дивизијата се бореа во близина на Алитус во тешка позиција. Во тие борби дивизијата изгуби околу 80 тенкови додека германските загуби беа помеѓу 10 и 20 тенка.

Командирот на одбраната на фронтот во извештајот од 24 јуни вели дека 5 тенковска дивизија дала упорен отпор на непријателот од 2 часот по полноќ до крајот на денот. Во извештајот, меѓутоа, не се кажува дека тој подвиг го постигнал екипажот на само еден лесен тенк БТ-7 на чело со командирот Григориј Николаевич Најдин.

Григориј Најдин

Поради тоа што во голем тенковски бој Германците ги разбија основните сили на дивизијата со целосна воздушна надмоќ, понатаму офанзивата ја продолжија во колона за одржување на темпото на движење, сметајќи дека не можат да наидат на организиран отпор. Се покажа дека тоа е погрешно. Во заседа на предните краеви 7 панцер-единица ја чекаше тенк БТ-7. На патот во колона се појави прво нецелосна тенковска чета која беше составена од тенкови Панцер 2 и Панцер 3, а во колоната исто така се наоѓаа тегначи со противтенковски топови.

БТ-7

Кога колоната беше оддалечена на околу 400 метри Најдин нареди напад. Школски е погоден првиот, а потоа и последниот тенк со што целатa колона се најде во блокада. Екипажот на тенкот БТ-7 дејствуваше молскавично. Најдин беше свесен за главната мана на тенкот БТ, а тоа е неговиот слаб оклоп. Предност на тенкот беа топот и маневрите. Само еден погодок во тенкот би довело до негово уништување, па поради тоа германската колона мораше да биде уништена пред Германците да ја откријат позицијата на рускиот тенк. За половина час борба Најдин и неговата посада уништија 12 германски тенкови и десет артилериски оружја со камиони. Во текот на борбата Германците до крај не може да ја откријат позицијата на добро маскираниот тенк и пукаа кај-годе. Ниту една граната не го погоди лесниот тенк БТ-7. Покрај уништената техника, Германците изгубија и околу 50 војници и офицери. По заседата Најдин виде нова колона германски тенкови која се движела на патот кон нив. Но, Најдин знаел каде води тој пат, го поставил својот БТ во нова заседа и уништил уште три германски тенка. Во текот на еднодневната борба во две заседи на лесен тенк Најдин и неговиот екипаж уништија 15 германски тенкови!

БТ-7

Со оглед на тоа дека секој подвиг што го правеа советските војници мораше да биде потврден со извештаи и очевидци, работата до доделувањето медали и други награди не одеше лесно. Дури во 1943 година поранешниот командир на 5 дивизија полковникот Фјодоров го предложи Најдин за награда, и дури на 3 јуни 1944 година командирот на тенкот доби ѕвезда херој на СССР со орден Ленин.

Воениот пат на Најдин не завршува тука. До крајот на војната е ранет двапати, војувал во 11 армија на Северозападниот фронт. Завршил тенковска школа во 1942 година во Чељабинск, а по војната останал да служи во армијата до 1966 година кога се пензионирал. Почина во Бердичев во 1977 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња