Како Сталин со својата смрт отера во гроб десетина советски граѓани

Телото на Јосиф Сталин, 7.3.1953 година (фотографијата е обоена подоцна)

Телото на Јосиф Сталин, 7.3.1953 година (фотографијата е обоена подоцна)

Getty Images
На почетокот на март 1953 година Советскиот Сојуз го оплакуваше Јосиф Сталин, немилосрдниот лидер кој и денес е најконтроверзна личност во современата историја на Русија. Десетина илјади луѓе сакаа да го видат телото на својот водач, но властите не ја организираа добро церемонијата на погребот и последиците беа трагични.

Сталин почина како последица од мозочен удар на 5 март 1953 година во својата летна резиденција. Следниот ден целиот Советски Сојуз го слушна официјалното соопштение преку радио. Со многу тага во гласот спикерот на Сесојузното радио Јуриј Левитан рече: „Престана да чука срцето на соработникот и следбеник на генијалното дело на Ленин, мудриот водач и учител на Комунистичката партија и на советскиот народ“.

Поголемиот дел советски граѓани оваа вест ја дочекаа како да починало нивното божество. Без разлика дали го сакаа или го мразеа семоќниот Сталин, сите граѓани на СССР претходните 30 години ги живееја под негово раководство и зависеа од неговата волја. Благодарение на брзата индустријализација некогашната земјоделска земја за неколку децении стана економска сила. Но, во тоа време имаше и крвави чистки, имаше гладување, имаше и стравотна војна против нацистичка Германија, и славна победа во таа војна – сето тоа се случуваше под будното око на Сталин. А, сега него повеќе го нема!

Национална трагедија

Работници на московската фабрика за машини „Динамо“ ја слушаат на радио веста за смртта на Јосиф Сталин

За луѓето кои израснале на официјалната пропаганда неговата смрт беше вистинска катастрофа, полошо одошто да им починал таткото. Целата земја беше во солзи. Во наше време имавме можност да видиме нешто слично кога во 2011 година почина Ким Џонг Ил и кога милиони граѓани на Северна Кореја хистерично плачеа по повод неговата смрт.

Анастасија Баранович-Поливанова која во 1953 година била студентка пишува: „На факултет ја видов шефицата на внатрешната партиска организација како плаче на глас и не можеше да стои на нозе... Професорката по марксизам, инаку мошне пријатна личност, рече: Еве, ако некој ме праша сега што ми најдраго, ќе речам ќерка ми, секако. И ако ми рече 'дај ми ја и тој ќе воскресне', јас ќе се согласам“.

Култот на личноста на Сталин беше толку јак што го оплакуваа дури и роднините на жртвите на неговите репресии. „Мајка ми раскажуваше дека сите плачеле кога сознале за смртта на Сталин. И таа плачела, иако била дете, зашто се чувствувала беспомошно и бесмислено, оти нејзиниот живот ја изгубил смислата... И мојата баба плачела, што ми изгледаше особено чудно со оглед на тоа дека мојот дедо бил репресиран“, се сеќава Тина Канделаки, руска телевизиска водителка со грузиско потекло.

Повод за славење

Секако, не биле сите хипнотизирани од харизмата на Сталин и од пропагандната машинерија, особено не они кои на својата кожа го почувствувале Гулагот или кои поради лажни обвинување биле депортирани на Сибир. Тие смртта на Сталин ја доживеале како ослободување.

Март 1953, ковчегот со Јосиф Сталин (1879-1953) го носат (оддесно налево) Лаврентиј Берија (1938-1953), Георгиј Маленков (1902-1988), генерал Василиј Сталин, Вјачеслав Молотов (1890-1986), маршал Николај Булганин (1895-1975), Лазар Каганович (1893-1991) и Н. Шверник од Домот на синдикатите, Москва.

„Бевме на Сибир, во близината на Нориљск (2.800 километри североисточно од Москва) и копавме јама за темели“, вели Анатолиј Баканичев кој бил испратен во логор зашто во војната бил германски заробеник. „Забивав крамп во пермафростот кога озгора се слушна глас на еден друг логораш: 'Тоља, излегувај оттаму, проклетникот е мртов!' Сите логораши се радуваа и тоа забележливо. Некои дури и викаа: 'Ура! Кога ја слушнаа оваа вест.

Смртоносно стампедо

Додека логорашите на Сибир тивко се радуваа, раководителите на партијата во Москва ја организираа церемонијата на погребување. Тоа не беше лесна задача, со оглед на тоа дека на почетокот на педесеттите години од минатиот век телевизорот беше ретка појава во СССР, па илјадници луѓе сакаа да ја искористат последната можност да го видат Сталин, макар и во мртовечки ковчег. Затоа народот и навали во правец на Домот на синдикатите во центарот на Москва каде беше изложено телото на нивниот водач.

Во центарот на Москва беа обележани линии кои не смееше да се преминат. Ги чуваше војската и полицијата, користејќи и возила со цел да се одржи редот. Но, на 6 март 1943 година еден куп народ навали на Трубниот плоштад од тесниот Рождественски булевар и стаса до плоштадот кој делумно беше блокиран од кордони камиони и обезбедување на коњи.

Репродукција на фотографија. 9 март 1953. Московските улици за време на погребот на Сталин.

Немаше место за сите оние кои сакаа да минат, а никој не можеше да се врати зашто народот надоаѓаше. „Толпата стануваше сè погуста и погуста и ве носеше така што ништо не можевте да направите. Ако сакавте да запрете, не можевте“, вели Елена Закс која тогаш се нашла во таа толпа. За волја на вистината, таа имала среќа. Кога минувала покрај сигурносната ограда еден војник ја фатил и ја извлекол од толпата. Можеби тој ѝ го спасил животот.

Многу други имале помалку среќа. „Луѓето во толпата стенкаа и офкаа... некои го изгубија животот кога наидоа на столб од улична светилка или на камион. Дедо ми кој беше таму ни раскажа дека во еден момент слушнал необични звуци под нозето, како да цапа по нешто. Погледнал надоле и видел човечки црева“, раскажува телевизискиот новинар Антон Хреков. Следното утро мораа да ги бараат своите најблиски во болниците и во мртовечниците.

Денес, по 66 години, не е познато колку луѓе го изгубиле својот живот тој ден. Процените варираат од неколку десетина до неколку илјади жртви, а официјалната статистика е државна тајна...

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња